Истражување

За 2,5 години државните институции купиле 392 нови патнички возила

Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) ги објави истражувањето и базата на податоци на набавените нови патнички возила од државните институции во 2018, 2019 и 2020 година. Истражувањето открива дека во последните две и пол години државните институции набавиле вкупно 392 нови патнички возила за што потрошиле 8,1 милиони евра.

Една четвртина од набавените нови возила се поскапи од 30 илјади евра. Најмногу нови возила набавила владината Служба за општи и заеднички работи, 46 „пасати“ по 39 илјади евра секој. Следен, со 23 возила е Државниот пазарен инспекторат, а со едно возило помалку, односно 22 возила е Државниот инспекторат за земјоделство. 13 возила набавила Царинската управа, а по 11 нови возила набавиле Министерството за одбрана, Здравствениот дом Скопје и Централниот регистар. Осум возила купила Управата за финансиска полиција, а по седум нови возила набавиле Министерството за внатрешни работи, Собранието на Република Северна Македонија, Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделството и Државниот пазарен и санитарен инспекторат.

Во овој период, нови возила набавиле и 20 судови од земјава, како и Судскиот совет и Академијата за судии и јавни обвинители. 

Сепак, најскапото возило го купило Општина Струга и чинело 66 илјади евра. Средната вредност на возилата купени од државните институции изнесува 17 илјади евра.

Меѓу марките возила убедливо водат „шкода“ и „фолксваген“ од кои се купени 100, односно 88 нови возила, односно скоро половина од сите новонабавени возила се од овие две марки. Кај „фолксваген“ води моделот „пасат“ со 53 возила, додека половина од набавените возила од марката „шкода“ се од моделот „октавија“.

Од фирмите, најголема вредност на договорите имаат „Порше лизинг“ со 3 милиони евра, кумановската „Делукс-ауто“ со 1,2 милиони евра, „Еуроимпекс“ со 890 илјади евра и битолската „Јосифов“ со 720 илјади евра.  

Конкуренцијата на тендерите за набавка на нови возила речиси и да не постоела. Дури на 71% од тендерите имало само по една понуда и покрај големиот број дистрибутери на нови возила во земјава. Ова го отвора сомневањето дека државните институции доминантно си купувале такво возило какво што сакале.

Истражувањето е спроведено врз основа на податоците од Електронскиот систем за јавни набавки и директно од државните институции со користење на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Во истражувањето се опфатени само набавките на патнички возила и не се опфатени т.н. комерцијални возила, односно товарните, работните и возилата од технички карактер. Исто така, вклучени се само новите возила, а не и набавените половни возила.

Ова истражување се реализира во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.  

Во време кога турската лира е во историски пад, Турција мора да надмине бројни предизвици за целосно да закрепне од кризата.

повеќе

Многумина од учесниците во македонската сага, нивните деца и внуци прашуваат: Зошто не можеме да се вратиме во земјата на нашите предци?

повеќе

Утрово осамна уште еден ден од ноември, 20-от ден од месецот. Остануваат точно уште 456 дена до 100-годишнината од коморскиот систем во нашата земја.

повеќе