Во рамки на воената вежба „Брз одговор 22“

Воена вежба на Криволак собра 4.600 војници од осум земји членки на НАТО на едно место (ФОТО+ВИДЕО)

„Војниците од армиите на Северна Македонија, САД, Обединетото Кралство, Франција, Италија, Шпанија, Црна Гора, Албанија и Грција покажаа што значи колективна подготвеност и совршена интероперабилност и всушност ја пратија најважната порака дека кога сме НАТО не сме сами“, порача денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска во обраќањето на на Денот за високи гости во рамки на воената вежба „Брз одговор 22", што се одржува на Армискиот полигон „Криволак".

Она што денеска го видовме и на што бевме сведоци не беше пркос и демонстрација на воена сила, туку демонстрација на нашето единство, обединетост и на нашето сојузништво, изјави Петровска.

Оваа вежба, истакна Петровска, го дала одговорот на сите лажни вести и хибридни дејства кои имаат за цел нашата армија да ја прикажат како слаба, необучена и неопремена.

„Ова денеска и она што се случуваше во текот на целата вежба е најдобриот демант и реален приказ за способноста на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија. На вежбата сите учесници ги покажаа своите капацитети за одлучно планирање, добар тренинг и заедничко и координирано дејствување. Покажаа дека совршено се разбираат се надополнуваат и оти заедно се посилни. Денеска беше пратена уште една важна порака – во НАТО нема мали и големи, нема прв и последен, нема натпревар за елиминација, туку подадена рака и сојузничка поддршка“, истакна министерката за одбрана.

Тоа што се случуваше на „Криволак" деновиве, вели таа, уште повеќе ја зацврсти нејзината заложба, тој да биде висок приоритет во нејзиниот мандат како министер за одбрана и заедно со Генералштабот забрзано и плански да работат на негово развивање.

„Тренинг центарот на „Криволак" да продолжиме да го развиваме согласно потребите за обука и тренинг на припадниците на нашата Армија, но тој ќе понуди и специфични сегменти за тренинг и обука кои ги користат нашите сојузници и стратешки партнери. Ова го гледам како уште една неверојатна можност за сите наши сојузнички земји и армии да ги зајакнат капацитетите за заедничка работа, за подобро меѓусебно запознавање и создавање меѓусебна доверба која не остава простор за никаков сомнеж. Така ја одржуваме нашата Алијанса силна. Така продолжуваме да бидеме столб кој ги одржува нашите демократии безбедни“, рече министерката Петровска.

Заменик командантот на Армијата на САД за Европа и Африка, Петер Ендрусијак, истакна дека во вежбата се вклучени речиси 10,000 војници од војските на НАТО сојузниците, кои изведуваат заеднички падобрански активности и воздушни напади.

„Ова е најголема од петте слични вежби. Северна Македонија е извонреден домаќин, имаме извонреден полигон за обука, а тука се НАТО сојузниците и партнерите кои даваат придонес и вежбаат заедно. Вежбите како „Брз одговор" имаат витално значење за нашата заедничка подготвеност и интероперабилност и успехот не е можен без партнерството со нашите верен НАТО сојузник Северна Македонија. Вие треба да бидете многу горди на она што го гледаме денеска на оваа вежба, која претставува кулминација на долгорочна напорна работа“, рече Ендрусијак.

Според него, во поширока смисла, вежбата ја покажува улогата на американската Армија за Европа и Африка како безбедносен стратешки партнер во регионот на Балканот и Црното Море, како и на Европа како целина.

„Ова претставува пример на нашите колективни способности и доказ за цврстата посветеност на САД кон НАТО и регионалната безбедност. Тука видовме современа опрема и приказ на способностите, но ова што е уште поважно е нашата меѓусебна посветеност и подготвеност да си помогнеме едни на други кога е најпотребно. Уште еднаш би сакал да се заблагодарам на сите сојузници и партнери за учеството во вежбата и посебно на Северна Македонија и нејзините граѓани, бидејќи заедно сме посилни“, порача американскиот генерал.

Денеска на армискиот полигон „Криволак", беше реализиран Денот за високи гости на мултинационалната вежба „Брз одговор 22" при што беа презентирани воздухопловни десантни операции проследени со падобрански скокови и хеликоптерски и копнени активности на припадниците на армиите на САД, Обединетото Кралство, Франција, Италија, Црна Гора, Грција, Албанија и Република Северна Македонија .

На денот за високи гости, меѓу другите, присуствуваа и шефот на државата и врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски, началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, пратеници од Собранието, претставници на дипломатскиот кор, генерали во АРСМ, високи воени и цивилни претставници на вооружените сили и министерствата за одбрана на земјите учеснички на вежбата и на НАТО и одбранбени аташеа акредитирани во земјава.

Вежбата „Брз одговор 22" е досега најголема мултинационална вежба во Република Северна Македонија од ваков вид и единствена од осамостојувањето на државата во која се реализираат воздушни десанти во овој обем.

За време на посетата на „Криволак", претседателот Пендаровски беше брифиран за воената вежба „Брз одговор 22" и ги проследи вежбовните дејства кои претставуваа комбинирани воздушни активности со падобрански скокови, хеликоптерски десант и авиони, во кои учествуваа вооружените сили на осум земји членки на НАТО.

Претседателот Пендаровски ги поздрави претставниците на специјалните единици и посочи дека оваа обемна вежба ја демонстрира колективната подготвеност на НАТО алијансата и претставува исклучителна можност Северна Македонија да ги покаже способностите и уникатните капацитети на полигонот „Криволак" како современ тренинг центар за изведување на вежбовни операции според сите НАТО стандарди. „Брз одговор 22" е потврда дека и нашата Армија поседува сериозен капацитет да придонесе кон колективната одбрана, безбедноста и сигурноста на евроатлантската област.

Вежбата има особено значење за развој на капацитетите на Армијата преку споделување на знаења, способности и вештини, како и зголемување на интероперабилноста со вооружените сили на сојузниците. Истовремено, придонесува за етаблирањето и афирмирање на „Криволак" како меѓународен тренинг центар.

Во воената вежба на „Криволак" учествуваат 4.600 припадници од вооружените сили на осум земји членки на НАТО: Албанија, Грција, Италија, Обединетото Кралство, Северна Македонија, САД, Франција и Црна Гора. Во вежбата се вклучени 45 воздухоплови, односно борбени и транспортни авиони и хеликоптери, а за време на вежбата се изведуваат над 700 падобрански скокови.

Вежбата „Брз одговор 22" има за цел да ја демонстрира способноста за брзо распоредување на копнените сили на САД во Европа и Африка заедно со мултинационалните воздухопловно-десантни сили од Европа.

 

Со францускиот предлог на патот кон ЕУ македонскиот народ ќе ја изгуби историската тапија врз сопствената свест и наследство.

повеќе

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе