Во првиот Протокол со Бугарија Македонија потпиша дека 24 Мај е ден на бугарското образование

На 10 јуни 2019 година во Софија беше потпишан првиот Протокол од состанокот на меѓувладината комисија меѓу Македонија и Бугарија. Во документот пишува дека претседателот на македонското Собрание Талат Џафери на средбата со неговата колешка Цвета Карајанчева во Ватикан се сретнале по повод денот на бугарското образование и култура и словенско писмо. Потписникот на овој документ Никола Димитров, во изјава за МКД.мк вели дека ова не значи никакво признание за тоа дека 24 Мај е бугарски празник.  

Состанокот на меѓувладината комисија основана врз основа на член 12 од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија од 1 август 2017 година, се одржа во Софија на 10 јуни 2019 година, а шефови на делегациите беа тогашните министри за надворешни работи Никола Димитров и Екатерина Захариева.

Во Протоколот од таа седница пишува дека по првата точка од дневниот ред, дискусија за постигнатото во поединечните области во исполнување на Договорот за пријателство, двете земји ги забележаа случувањата кои се случиле по влегувањето во сила на договорот. „...На парламентарно ниво регистрирана е средбата на претседателот на Народното собрание на РБ Цвета Карајанчева со претседателот на македонското Собрание Талат Џафери во Ватикан од 23 до 25 мај 2019 година, по повод 24 мај Денот на бугарското образование и култура и словенското писмо“.

Цвета Карајанчева и Талат Џафери

Дали е ова некакво признание од македонска страна за тоа кои всушност биле Кирил и Методиј? Апсолутно дека не може да се смета така, вели во изјавата за МКД.мк потписникот на овој документ и поранешен министер за надворешни работи на Македонија Никола Димитров.

За заедничките чествувања, единствено релевантен е текстот за Св. Кирил и Методиј за заедничко чествување што е усогласен во историската комисија и што е приложен токму кон протоколот и тој е мошне јасен, а не таксативно набројување на средби и посети во техничкиот дел.

Но, овде она што е најважно и што е суштината и духот на самата идеја за заедничко чествување е тогашната взаемна поддршка на двете држави. И Договорот со Бугарија и Протоколот се од едно друго време на сосема поинакви односи и на една сосема друга атмосфера, кога не само што нема вето, туку кога Бугарија е поддржувач на македонските интеграции.

Денеска, во услови на примитивната и навредлива изјава на официјална Бугарија со која се негира македонскиот јазик среде Брисел, било какво заедничко чествување би било недостоинствено, еднакво какво што е и потпишувањето на новиот Протокол и новите обврски што од него произлегуваат. Мојот постојан став што го имав и како министер и потоа е дека бугарското вето нив мора да ги чини и дека мора да има реципрочни контра мерки, а не политика на дополнителни концесии кои го ‘наградуваат’ ветото, што јасно се покажа како апсолутно погрешна“, рече Димитров.

Никола Димитров и Екатерина Захариева

Историчарот Митко Панов смета поинаку, за него ваквите политички креации на прогласените комисиски „историски вистини“ претставуваат евидентна тенденција за „бугаризирање“ на светите Кирил и Методиј, на нивната сесловенска дејност и на словенската азбука и писменост, под превезот на „заедничката историја“.

Нивното проектирање во современиот етнички и јазичен контекст на Македонија не значи ништо друго туку претензии за историска негација на идентитетската посебност на македонскиот народ и на македонскиот јазик, односно за нивна демакедонизација. Овие политички тенденции и комисиски ревизионизми, го поставуваат пред македонското општество прашањето – чиј празник државното раководство го празнувало изминатите години на 24 мај и чии традиции ќе ги одбележува во иднина“, прашува Панов.

Од Министерството за надворешни работи сѐ уште немаме коментар,

Од ден на бугарската култура стана ден на бугарската азбука

И Бугарија 24 Мај, Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј, го слават како ден на бугарската култура и создавањето на кирилицата, во т.н. Преславска книжевна школа.

Досега во Рим државни и црковни делегации и на Македонија и на Бугарија, одделно, се поклонуваа на гробот на сесловенскиот просветител Свети Кирил во црквата Сан Клементе.

Една година по потпишувањето на Протоколот, бугарскиот парламент, на 9 декември 2020 година празникот Ден на бугарското образование, култура и словенско писмо го преименува во Ден на светите браќа Кирил и Методиј, на бугарската азбука, просвета и култура и за словенската книжевност. Со оваа одлука всушност, Бугарија си ги присвои и официјално како бугарски и Кирил и Методиј и азбуките глаголица и кирилица. На 8 декември 2020 година Бугарија стави вето за продолжување на преговорите на Македонија за членство во ЕУ.

Македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи, тогаш, одговарајќи на новинарско прашање каков е ставот на Владата за ваквата одлука на бугарскиот парламент, рече дека Мешовитата комисија има постигнато консензус и дефинитивен текст како да се интерпретира улогата и како да се одбележат заедничките чествувања меѓу двете држави и секое поместување од тоа што го работела Комисијата значи дека се минира целиот процес.

Бујар Османи и Теодора Генчовска

Врз основа на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка и на извештајот на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, македонската Влада минатата година ја прифати сугестијата за заедничко чествување со Бугарија на Св. Кирил и Методиј.

За разлика од Османи, Чешка и Словачка веднаш реагираа на ваквата одлука на Бугарија. Во преамбулата на словачкиот устав се именувани браќата Кирил и Методиј. Двете држави тогаш во заедничка изјава соопштија дека „нема да дозволат ЕУ да биде судија за нашата заедничка историја, како се идентификуваме или на кој јазик зборуваме“.

Ваквата бугарска политика доведе и до вметнување на фразата „погрешно толкување на историјата“ во завршниот текст на заклучоците на ЕУ за проширувањето, кои што се однесуваат и на Македонија. Чешка и Словачка не го потпишаа овој документ. Делото на Кирил и Методиј особено се цени во овие две земји. „…Имајќи го на ум политичкото и културното наследство на нашите предци и искуството собрано низ вековите на борба за нашите национална егзистенција и државотворност, со обзир спрема духовната оставштина на Кирил и Методиј и историското наследство на Велика Моравија, признавајќи го природното право на народите за самоопределување…“, стои во Преамбулата на словачкиот Устав.

Препораки со селективна бугарска национална интерпретација на минатото

Во усвоените препораки за заедничко одбележување на историски личности мисионерското дело на светите браќа Кирил и Методиј ги поставува основите на христијанската култура и духовност на словенските народи... Делото на Св. Кирил и Методиј е сочувано и развивано во книжевните центри Преслав и Охрид, кои тогаш се наоѓале на територијата на средновековната бугарска држава, каде што нивните ученици наоѓаат услови за работа. Тоа дава суштествена основа на современите држави Република Северна Македонија и Република Бугарија заеднички да го одбележуваат денот на Св. Кирил и Методиј... Во средината на 19 век сеќавањето за Св. Кирил и Методиј станува дел од светската културна традиција, а денот на нивниот црковен празник започнува да се одбележува во училиштата. За првпат тоа се случува во Пловдив во 1851 година..., пишува во препораките.

Митко Панов

Според Панов, чествувањето на Кирил и Методиј сосема евидентно е дефиниранo како празник на бугарската просвета и култура и на словенската писменост.

„Ваквото официјално прифаќање од македонската влада на 24 мај - Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј - како ‘бугарски’ празник, добива дополнителна тежина, бидејќи во истиот протокол се содржани и препораките на мешовитата комисија за историски и образовни прашања кои се прогласени за ‘историски вистини’ од ‘заедничката историја’, а кои ги вклучуваат светите Кирил и Методиј и светите Климент и Наум Охридски и цар Самуил. Во таа смисла, крајно индикативно е што во својата историска контекстуализација комисијата селективно ја исклучила изворната врска и традициите на Кирил и Методиј со Македонија, подредувајќи го наративот во препораките на бугарското еднострано и исклучиво поимање на историјата. Всушност во текстот комисијата конструира претстава дека во средината на 19 век, Бугарија била таа која била заслужна за реактуелизирањето на култот за светите Кирил и Методиј. Во таа смисла, како посебно значајно за чествувањето на Кирил и Методиј како дел од ‘заедничката историја’, членовите на комисијата констатирале дека ‘нивниот црковен празник започнува да се одбележува во училиштата. За првпат тоа се случува во Пловдив во 1851 година’. Издвојувајќи го овој податок како посебно важен, комисијата понатаму констатира дека ‘процесот на духовно будење и еманципација наоѓа израз во сеприсутното одбележување на празникот во многу училишта на територијата на современа Република Северна Македонија и Република Бугарија’, за да ‘следствено, делото на Св. Кирил и Методиј и нивните ученици започнува да се одбележува и во други словенски земји....

Со други зборови, при утврдувањето на ‘историската вистина’ за ‘правилното’ одбележување на ‘заедничката историја’, комисијата го игнорирала фактот дека Бугарија немала никаква врска со изворната дејност на Кирил и Методиј, која била неспорно поврзана со Македонија, ниту, пак, констатирала дека по завладувањата на Османлиите на Балканот, култот на Светите Кирил и Методиј и нивните ученици природно продолжил во континуитет да се одржува во Македонија во рамките на Охридската архиепископија, за што сведочат најстарите визуелни претстави на светителите, а што не било случај со Османлиска Бугарија, каде што тие биле заборавени. Но затоа, комисијата конструирала наратив од кој произлегува дека Бугарија била единствено заслужна за сочувувањето на кирилометодиевските традиции, како и за реактуелизирањето на нивниот култ во средината на 19 век, вклучително и за  ‘процесот на духовно будење и еманципација’, што евидентно треба да се однесува и на преродбата во Македонија како дел од ‘заедничката историја’.

Интересно е да се направи паралела помеѓу ‘историската вистина’ на комисијата за Кирил и Методиј и текстот содржан во законот во бугарскиот парламент за промена на историскиот контекст на празнувањето на 24 мај, инициран на 3 јуни 2020 годинa и усвоен во декември 2020.  Имено, во законскиот предлог, меѓу другото се наведува дека ‘воздигнувањето на Кирил и Методиј како рамноапостоли и големи христијански учители се случува во Бугарија уште со доаѓањето на нивните ученици’, дека во Пловдив во 1851 година бил означен почетокот на денот на празнувањето на Кирил и Методиј, како ‘црковен празник’, за во наредните години да започне да се ‘одбележува од Бугарите во Цариград, Шумен, Лом, Скопје, Варна, Софија’, постепено претворајќи се во ќредовен настан и најважен израз на националниот идентитет, на бугарската посветеност на образованието, науката, културата и преродбатаќ. Понатаму во текстот се укажува дека по 1878 година, ‘празнувањето на Кирил и Методиј во слободна Бугарија се одбележува како училиштен празник, а во останатите под туѓа власт Македонија и Одринско, е силна демонстрација против османлиската власт, како и против асимилаторските тенденции на српската и грчката пропаганда’. Притоа, се констатира дека ‘под влијание на бугарскиот култ Кирил и Методиј се прифатени како светци од православната црква во и надвор од словенскиот свет’, како и дека празникот ‘секогаш бил израз на бугарската национална еманципација’. Како краен заклучок, иницијаторите на законот, констатираат дека промената на празникот во ‘ден на бугарската азбука’, е неопходна бидејќи ‘не постои сесловенска писменост’.

Забележливите истоветности во текстот на законот со оние содржани во препораките, јасно покажуваат дека комисијата ја прифатила крајно селективната бугарска национална интерпретација на минатото, што, пак, во 2020 година ги наведе Чешка и Словачка да се спротивстават и ги спречат ваквите политички интервенционизми на Бугарија во историскиот наратив за светите Кирил и Методиј на ниво на ЕУ.

Но, тоа евидентно не претставувало проблем за македонската Влада, која од 2019 година прифатила денот на светите Кирил и Методиј да биде чествуван како ‘бугарски’ празник и тоа откако комисијата историски ги довела во контекст на ‘заедничката историја’, односно на Бугарија, давајќи им ‘бугарски’ карактер на традициите. Оттаму, не би ме изненадило доколку во билатералниот протокол од 2023 година, стои дека двете земји официјално го чествувале празникот свети Кирил и Методиј како ‘ден на бугарската азбука, просвета и култура и словенската книжевност’, во согласност со новата историска контекстуализација на бугарскиот парламент“, смета Панов.

А.Д.

Најавите на американската администрација за бескомпромисна  борба против овие корумпирани,  неспособни  и криминални структури на сите нивоа на државата за македонските граѓани се единствено светло во тунелот.

повеќе

Концептот на даночната реформа, кој го претставивме минатата недела на заедничка прес конференција со премиерот е дел од поголем процес за креирање на оптимален даночен систем кој ќе биде праведен и ќе го поддржи економскиот раст.

повеќе

Ракот на корупцијата и понатаму е ендемичен, а актуелната власт сè повеќе потпаѓа под лошите навики на претходниот режим на Никола Груевски.

повеќе