Во Прага прва средба на Европската политичка заедница, од Брисел велат дека ова не е „сателит на ЕУ“

Денеска во Прага за првпат ќе се одржи средба на Европската политичка заедница, на која ќе учествуваат 44 лидери од сите земји од континентот во широка смисла. Македонскиот премиер Димитар Ковачевски на покана на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел и чешкиот премиер Петр Фиала ќе учествува на првиот состанок на Европската политичка заедница заедно со лидерите од вкупно 44 земји, од кои 27 земји-членки на ЕУ, земји од Западен Балкан, Швајцарија, Норвешка и Исланд, како и Азербејџан, Грузија, Турција и Украина. На состанокот предвидено е да учествува и претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.

Македонија, Србија и Албанија веќе на ЕУ ѝ ставија до знаење дека им е потребна помош во справувањето со енергетската криза минатата недела во Софија.

Висок дипломатски извор за МИА вчера изјави дека планот е да им се помогне на земјите од регионот да се придружи кон енергетската платформа на ЕУ.

„Барањето за учество во енергетската платформа на ЕУ за трети земји пристигна уште во март, тоа е намерата, малку се забави, но повикот од страна на Европскиот совет е јасен, тоа го истакна и претседателот Вучиќ, и треба да се обнови“, изјави дипломат од ЕУ за МИА.

Енергетската платформа на ЕУ, која стартуваше во првата половина од оваа година, има за цел да им помогне на земјите членки во диверзификацијата на изворите на енергија и да се координираат за набавка на енергенси преку доброволно заедничко купување на гас и хидроген. Ова е една од алатките кои треба да помогнат да се намали зависноста од рускиот гас.

Ова не се однесува на горливото прашање со струјата за кое Македонија исто така побара помош и од соседна Бугарија и од Европската комисија, по моделот на помошта за време на набавката на вакцини против ковид-19. Претседателот Пендаровски спомена „компензациски фондови“ за да се обештети државата ако мора да купува електрична енергија по берзанска цена.

На ова прашање од Европската комисија за МИА одговорија дека „ЕУ има јасен интерес да ги вклучи“ земјите од Западен Балкан во мерките за ублажување на последиците од кризата.

Освен вклучувањето во енергетската платформа, Европската комисија вели дека има намера да „обрне посебно внимание“ кон областите кои се најзасегнати од кризата предизвикана од војната врз Украина.

„Комисијата изрази намера да обрне посебно внимание кон последиците од војната врз посебно засегнатите сектори во планирањето на ИПА 3 и друга финансиска асистенција преку имплементацијата на Економскиот инвестициски план за Западниот Балкан, вклучително преку натамошна поддршка за енергетската транзиција и диверзификацијата на набавките на енергија во регионот, стои во одговорот на портпаролот за енергија“, Тим Мекфи до МИА.

Портпаролот додаде дека преку Економскиот и инвестициски план, преку кој може да се мобилизираат до 30 милијарди евра инвестиции во наредните години за целиот регион, може да се помогне за зајакнување на поддршката во областа на енергетиката. За ова Комисијата ќе инсистира и на повеќе критериуми важни за ЕУ.

„Силно ќе се нагласи интеграцијата на енергетскиот пазар, декарбонизацијата, и чистата енергија, праведната транзиција, зголемена дигитализација на системот, енергетска ефикасност, вклучително и модернизацијата на парното греење, како и енергетската безбедност“, рече за МИА Мекфи, во одговорот за тоа како Европската комисија ќе одговори на барањата на Македонија и регионот во справувањето со енергетската криза.

На лидерската средба на Европската политичка заедница денеска во Прага ќе се разговара и за Украина, а збор ќе земе, преку видео врска, и украинскиот претседател, Володимир Зеленски. Освен Зеленски на пленарната седница ќе имаат обраќање лидерите на само уште три земји: Норвешка, Обединетото Кралство и Албанија.

Во Брисел инсистираат дека Европската политичка заедница не преставува „сателит на ЕУ“, и не е проект кој треба да се доживее како спонзориран од ЕУ, туку е можност да се сретнат сите лидери од континентот, без разлика дали се членки на ЕУ, за да разменат мислења за големите прашања и предизвици.

Целта е ова да биде платформа за дијалог за стабилноста, безбедноста и просперитетот на Европа, а секоја земја има свои приоритети. За ЕУ ова е и важна порака до рускиот претседател за обединетоста на европскиот континент додека трае воената агресија врз Украина.

Околу загриженоста дека политичка заедница би можела да стане замена за проширувањето на ЕУ, дипломатите уверуваат дека тоа не е случај.

„Забележавме на самитите ЕУ-Западен Балкан дека сме фокусирани на процесот на проширување, и тоа зазема најголем дел од вниманието, а тука сакаме да навлеземе повеќе во политичка дискусија со оние кои ја напуштиле ЕУ, сакаат да и се придружат или се мислат“, изјави висок дипломат во ЕУ за МИА, кој уште еднаш повтори дека заедницата не е алтернатива за полноправно членство во ЕУ и дека тој процес продолжува непроменето.

Со оглед на тоа дека оваа платформа не е „сателит на ЕУ“, не се очекува посебно инсистирање до Србија да воведе санкции против Русија, но нема ниту да изостане прашањето, велат во Брисел.

„Ова не е процес во кој ЕУ е во центарот, ова е состанок на земјите членки и партнерите каде се очекува да се разменат пораки, за некои земји санкциите на Србија врз Русија се клучни, за други се помалку важно, очекуваме да биде испратена силна порака за усогласувањето и надворешната политика, очекуваме и Србија да објасни зошто се однесува така“, објаснува дипломатот.

Идејата за Европска политичка заедница прв ја формулираше францускиот претседател, Емануел Макрон, пред неколку месеци. Ова ќе биде првиот состанок на оваа платформа. Целта е овие состаноци со 44 земји да се одржуваат редовно, идеално два пати годишно.

Во Прага заедно со премиерот Ковачевски отпатуваа и министерот за надворешни работи Бујар Османи, како и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски.

Ковачевски ќе учествува и на самитот на Партијата на европски социјалисти (ПЕС) каде учествуваат премиери од редовите на социјалдемократски, социјалистички и демократски партии.

Ќутејќи - банализирамо. Банализирајќи - нормализирамо. Нормализирајќи - дозвољуемо пред очи да ни се повампируа фашизмот и нацизмот.

повеќе

Самата идеја на странските директни инвестиции е да донесе нови вработувања со повисоки плати кои треба да ги исплаќа странскиот инвеститор.

повеќе

Треба да се размисли за тоа дека сите предлози и промени кои доаѓаат од Брисел, не можат ефикасно да се применат и во Македонија и да се дејствува во правец на благосостојба на граѓаните, а не само на профитите.

повеќе