Мигрантите и тероризмот во регионот (2)

Во потерите со полицијата организаторите на илегалниот транспорт на бегалците во предност во кубикажа

Веќе доброуиграните групи за илегален премин на мигрантите отидоа и чекор напред, па добро ја детектирале слабоста на македонската полиција во опременоста со возила и набавиле возила со поголема кубикажа кои се побрзи и лесно ги поминуваат попатните контроли и трки со полицијата. Истата тактика се применува и во Србија, ама српската полиција веќе набавила соодветни возила за одговор на оваа организирана криминална групација.   

Мигрантскиот бран и натаму се користи како канал за транспорт на истренирани борци на ИСИС и Ал Каеда кои го користат регионот како база, како терен каде овие ќелии „спијат“ и чекаат наредба за можен нареден напад во земјите на ЕУ и регионот. Следењето на оваа проблематика од безбедносните служби е и буквално испреплетена.

Како резултат на зголемената миграција, ќелии на ИСИС се регистрирани и во Македонија и на Косово, а Албанија главно се користи како земја за влез во ЕУ, преку Италија. Освен тоа, во Албанија многу полесно се доаѓа и до оружје од црниот пазар кое потоа се носи до водачите на ќелиите и тука се чува. Сѐ до наредната акција. Ќелиите се користат како логистика за можен нареден терористички напад. Според македонските безбедносни служби, членовите на тие ќелии се сместени главно во Скопје и околината и во северниот дел од земјата, а дел од нив биле регистрирани како редовно тренирале по кејот на Вардар во доцните ноќни часови.

Качаник како центар на радикалниот ислам

Камповите од кризниот период на Балканот во 90-тите години, како и камповите од кризната 2001 година во Македонија се користат од припадниците на овие парамилитарни единици, за обука, за тренинг на лица кои најпрво биле придобиени, па обучени и ставени во служба на каузата, за изведување на разни терористички напади.

Последните две акции на македонската полиција (во август и декември минатата година) покажаа дека и покрај тоа што бројот на бегалците е многу намален, остатоците од минатите години сѐ уште се присутни во регионот.

Во Босна и Херцеговина, Санџак, Косово и во Македонија има лица кои војуваа во регионалните војни и не успеаја да се ресоцијализираат. А тие, заедно со оние кои биле вметнати во огромниот број мигранти во годините наназад, сега се подготвени во секое време да се активираат.

Како една од клучните точки од каде овие ќелии делуваат, според бројни анализи, е Качаник, Косово, од каде радикалната џихадистичка идеологија дејствува во регионот. Токму ова место било и родното место на озлогласениот терорист на ИСИС Абу Абдулах Косови. Тој во 2014 година стана познат во медиумите објавувајќи фотографија како обезглавува човек во Сирија.

Бројни се примерите како поранешни борци на ОВК и други организации блиски до неа, своите боречки вештини ги применувале како припадници на ИСИС на Блискиот Исток. Дел од нив веќе се вратиле, а има поединци на кои допрва се чека да се вратат.

Нова организација

Во тој проток на мигранти во изминативе години, службите заклучиле дека најголемиот број од нив се Авганистанци и Курди. Авганистанците најчесто поседувале и по три пасоши, од Пакистан, Иран и Авганистан, а Курдите најчесто имале сириски и ирачки пасоши.

Во овој период на затишје, во Грција се детектирани дури 33 криумчарски групи, организирани најчесто од Пакистанци од Атина. Тие го презеле бизнисот со илегалниот транспорт на мигрантите по балканската рута. Две-три групи на овие организатори се од Алепо, Сирија, кои од Солун, со помош на некои анархистички групи во Грција, исто така организираат транспорт на мигранти.

Носители на превозот на релацијата од Гевгелија до Ваксинце е дело на Иранци и Курди. Тие се луѓе од поголема доверба кај мигрантите. По успешните потери на македонската полиција по возилата полни со мигранти, бизнисот на овие групи им дозволил да набават и побрзи возила од полициските, со голема кубикажа (над 4.000 кубици). Главно, ваквите возила се увезуваат на старо, а Македонија донесе и закон за регистрација на овие возила со 50% попуст. Вакви возила се поставени и на битните точки в Србија - Прешево-Белград-Нови Сад.

Регрутација

На водачите на терористички групи инволвирани во мигрантскиот бран, таргет им се и мигрантите кои не биле никогаш дел од некои милитантни структури, но нивното знаење, како инженери, хемичари, информатичари, агрономи... може добро да биде искористено во планирањето на терористичките напади. Во очај мигрантите лесно се придобиваат и регрутираат. Службите регистрирале 48 вакви случаи, лица кои биле дополнително регрутирани, а поминале по „балканската рута“. Џематот, ќелијата, брзо станува нивен нов дом каде духовниот лидер одредува кои задачи треба да се завршат, како ќе се молат, начинот на комуникација, на однесување...

Радикалниот ислам е присутен и во Македонија и на Балканот и добива засилено значење во животот и размислувањата на дел од населението од регионот.

 

Граничен надзор

Клучна активност во борбата против актуелните безбедносни предизвици и тенденции претставува напредокот во реализирање на меѓународната соработка, зацврстена меѓународна доверба, зголемена размена на информации, која е најдобар доказ за нашата подготвеност да го направиме безбедносниот амбиент уште поповолен, а со тоа и напредокот во европските интеграции уште побрз. Размената на информации се врши преку веќе воспоставените канали како што се Европол, Интерпол, Фронтекс и офицери за врска, а истата е овозможена врз основа на членување во меѓународни организации, иницијативи, договори и конвенции.

Во таа насока се продолжи со организација и координација на севкупните активности поврзани со реализацијата на меѓународната „Заедничка операција за засилен надзор на јужната граница на Р Северна Македонија, со ангажирање на полициски службеници од странство". Во ваквата активност во текот на 2019 година партиципираа 1.550 полициски службеници од осум земји (Хрватска, Србија, Словенија, Австрија, Чешка, Полска, Унгарија и Словачка). Истите заедно со припадници на граничната полиција, во заеднички мешани патроли вршеа засилен надзор на јужниот дел од државната граница чија цел е спречување на обидите за илегален влез или излез на мигранти од Грција, како и откривање на случаи на криумчарење мигранти.

 

Порозна граница на БиХ

Се проценува дека во Босна и Херцеговина има околу 8.000 мигранти од кои само 5.000 се по камповите. За другите никој не знае кај се. Статистички, од тие 8.000, најмногу се од Пакистан, Иран, Ирак, Авганистан, Мароко и Алжир, а помал број од Сирија.

БиХ нема капацитет за згрижување на овие бегалци, нема капацитет за чување на нејзината источна граница. На 25 километри граница, има по еден граничен полицац, што ја прави оваа граница многу порозна. Карактеристичен е податокот дека во граничната полиција на БиХ има 85% полицајци во управата, а само 15% се на терен.

Оваа порозност на границата на БиХ, на делот кон Хрватска, станува предмет на скорешно дополнително зголемување на проблемот. Од другата страна, тврд е ставот на Хрватска и непорозноста на нивната граница .

Неодамна Советот на министри на БиХ не донесе одлука кампот Липа да биде собирен центар на мигранти. Против беа српските министри од босанската влада.

Како ново можно решение се споменуваат објекти на поранешна ЈНА во близина на Живинце и најверојатно овие објекти ќе бидат брзо адаптирани за престој на нови мигранти. За влез во БиХ од Србија чекаат околу 4.000 нови мигранти.

Голем е бројот на инциденти на босанско-хрватската граница.

 

Бегалци

Македонија е домаќин на бегалци уште од своето осамостојување во 1991 година, со пристигнувањето на бегалци од Босна и Херцеговина (БиХ) и Хрватска. Значителен прилив од поголеми размери имаше во 1999 година како резултат на конфликтот на Косово, кога привремена хуманитарна заштита им беше доделена на 400.000 бегалци од регионот, од кои 360.000 беа од Косово. Во моментов во нашата држава има околу 350 бегалци од Косовската криза кои веќе 20 години немаат трајно решение за нивниот правен статус.

До 2010 година повеќето лица кои влегуваа во државата беа од земјите на поранешна Југославија, Албанија и Турција. Оттогаш во Македонија има сè поголем број на баратели на азил кои не се од регионов, пред сè од Авганистан, Пакистан, Сирија, Ирак. Во 2015 и 2016 година Македонија и државите од регионот се соочија со масовен прилив на бегалци кои поминуваа низ т.н. „Балканска рута". Во 2016 година се затворија границите и на северната и јужната граница се вопостави кризна состојба која трае до ден денешен. Бегалците и мигрантите продолжија да транзитираат, а дел од нив решија да побараат меѓународна заштита токму во Македонија.

Александар Дамовски

(продолжува)

(Оваа содржина ја изработи информативниот портал www.mkd.mk во соработка со Инстититут за комуникациски студии.)


Објавено

Вторник, Февруари 16, 2021 - 06:27

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе

Отворено писмо до претседателот Пендаровски и  академска фела во Македонија.

повеќе