Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ

Во годината на Конески политичките удари врз него стануваат најсилни

Почна со работа Првата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во Скопје преку зум платформата. Учесниците ги поздравија ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски и директорката на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, како и претседателот Стево Пендаровски. Во период на политички негирања на македонскиот јазик, токму делото на Конески е најмногу на удар, оцени Пендаровски.

Претседателот на Македонија Стево Пендаровски во своето поздравно обраќање до учесниците, нагласи дека како еден од кодификаторите на современиот македонски литературен јазик, академик Блаже Конески заслужува најголема почит и благодарност.

„Верувам дека задоволството кај сите нас е уште поголемо, што овој настан се одвива токму во годината во која одбележуваме едно столетие од раѓањето на великанот на македонската филологија, лингвистика и книжевност, академик Блаже Конески", рече претседателот Пендаровски.

Впрочем, како што посочува, 2021-та ја прогласивме за година во чест на Блаже Конески и сите релевантни институции од областа на културата, науката и образованието ќе бидат вклучени во реализација на активности и проекти поврзани со оваа значајна годишнина,

„Во период кога, за жал, од политички причини, повторно се негира постоењето на македонскиот јазик, иако тој е одамна верификуван од светската лингвистичка наука, токму делото на Конески е најмногу на удар. Во таа смисла, еден од најцврстите бедеми во одбраната од неаргументираните и често ирационални напади е Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура кој зад себе има веќе пет и пол децениска традиција со повеќе од петстотини учесници од шеесетина земји од сите меридијани на светот", нагласува претседателот на државата.

Шефот на државата изразува надеж дека наскоро по започнување на процесот на вакцинирање, човештвото, во целина, ќе излезе како победник во борбата со Ковид 19 и полека ќе се вратиме на нормалното секојдневие, така што, следната школа ќе може, согласно традицијата, да биде одржана во Охрид со физичко присуство на сите учесници.

„Како покровител на јубилејот „2021 – Година во чест на Блаже Конески", импресиониран сум од сите предвидени настани и програмски содржини. Се радувам што токму преку првата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј" во чии рамки е и Филолошкиот факултет кој го носи името на Блаже Конески, практично прв започнува со активности за одбележување на големиот јубилеј", вели Пендаровски.

„Чувствуваме пиетет/почит на овој начин да му се оддолжиме на професорот, но и ректорот, Блаже Конески кој имал свој влог и учество во покренувањето и обмислувањето на тогаш т.н. Семинар за македонски јазик во далечната 1967 година. Зборовите на Конески: 'Јазикот е единствената наша татковина. Сè додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе може да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште' - нè обврзуваат, нагласи ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски.
Мојсова-Чепишевска рече дека во втората статија „Има ли потреба за македонски национални научно-литературни другарства?" од култната книга „За македонските работи", Крсте Петков Мисирков причините за одделувањето на Македонците во македонско друштво ги наоѓа во „употребувањето на нашите умствени сили за изучувањето на себеси, како членови на една татковина и еден народ".

„Затоа, вели Мисирков 'За да се достигне таа цел требало да се состави одделно друштво од лица за кои изучувањето на Македонија во етнографски, географски и историски однос има првостепено значење, а такви лица сме ние Македонците'. Значи, потребата од вакви другарства (било) е заради изучување на Македонија, а тоа значи изучување на нејзиниот јазик, литература, култура, историја. Впрочем, ние на овој Меѓународен семинар за македонски јазик, литература и култура можеме да гледаме и како на еден природен наследник на ова другарство за кое се залагал Мисирков. Значи тоа што како идеја започнала да живее на почетокот на 20.век вистински се реализирала во средината или поточно во 1967 и еве трае и трае нешто повеќе од 50 години. А во оваа јубилејна 2021, кога се навршуваат точно 100 години од раѓањето на Блаже Конески, му се оддолжуваме со првата зимска школа во рамките на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура', истакна Мојсова-Чепишевска.

На оваа прва зимска школа учествуваат 50 семинаристи од 16 земји кои од денеска до 5 февруари имаат можност да проследат 40 часа квалитетна лекторска настава. Притоа организирани се лекторски групи за сите нивоа (почетно, средно и напреднато, кое, пак, ги има и своите поднивоа, за јазик, литература и преведување).

Наставата ја изведуваат лекторите (предавачи и професори) со долгогодишно искуство: Борче Арсов и Биљана Стојановска (за почетно ниво), Гордана Алексова и Бојан Петревски (за средно ниво), Бобан Карапејовски (за напредно ниво на полето на јазикот), Роза Тасевска и Јован Ковачевски (за напредно ниво на полето на преведувањето) и Весна Мојсова-Чепишевска и Елена Ѓорѓиовска (за напредно ниво на полето на литературата).

На сето ова и УКИМ и Мојсова-Чепишевска гледаат како на еден вистински влог во отпочнувањето на прославата на големиот јубилеј – 100 години од раѓање на Блаже Конески, стои во соопштението.

 

Во САД и некои други земји, припадниците на загрозените расни и етнички малцинства имаат пократок животен век од просечниот, и поради тоа не се доволно застапени меѓу оние за кои најмногу се очекува дека ќе починат од ковид-19.

повеќе

Предвидувањата за тоа дека ќе дојде денот кога Бугарија ќе ги искористи пасошите кои Софија така лесно им ги даваше на македонските државјани почнуваат да се остваруваат.

повеќе

Реакцијата на семејството и блиските во однос на пандемијата е пресуден фактор кој влијае на емотивната состојба, размислувањата и однесувањето на младите.

повеќе