Последното истражување на бугарската агенција Медиана покажува дека после ГЕРБ и Продолжуваме со промените, партијата Преродба на Костадин Костадинов е на трето место со 12,5 отсто поддршка на бугарските гласачи. Рејтингот на оваа партија последниов месец покажува постојан раст.
Во програмата на ултранационалистичката партија Преродба пишува: „Клучно е прашањето за односите со Македонија. Македонија е втората бугарска држава на Балканскиот Полуостров и Преродба работи на обединување на двете бугарски државни формации во една заедничка држава. Патот до ова обединување е целосна економска, културна и политичка интеграција, што ќе доведе до обновување на нарушеното единство на бугарската нација и ќе ја направи Бугарија најголема и најсилна земја во Југоисточна Европа.
Целосна економска, културна и политичка интеграција со Македонија, до целосна интеграција на двете бугарски држави.
Крајната цел на нашата надворешна политика е целосно обединување со Македонија и обновување и одржување на целосната државна независност на обединета Бугарија“.
Костадинов, претседателот на Преродба, неодамна на својот фејсбук-профил се пофали дека илегално влегол во Македонија барајќи го тромеѓето на „двете бугарски држави и Грција“.
„Успеав да остварам еден стар сон: се искачив на врвот Тумба, најјугозападната точка на Бугарија (засега), каде што се спојуваат границите на двете бугарски држави (Бугарија и Македонија) и Грција. Ме чинеше 15 часа талкање во шумите на Беласица, каде што се изгубивме, долго пешачење по сртот на планината, каде што не разбравме како ја поминавме границата и се искачивме на висок врв, за кој мислевме дека е Тумба, а се испостави дека е во непосредна близина, но во Македонија, па моравме да се вратиме...“, напиша Костадинов.
A.Д.