Како што јави дописникот на МИА од Белград, во Палата Србија ќе се одржи политичкиот дел од самитот Отворен Балкан, по кој српскиот претседател Александар Вучиќ и македонскиот и албанскиот премиер Еди Рама ќе одржат прес-конференција. На него ќе присуствуваат и црногорскиот премиер Дритан Абазовиќ, претседателот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Зоран Тегелтија и министрите за надворешни работи на Унгарија и Турција, Петер Сијарто и Мевлут Чавушоглу.
Самитот ќе започне со пленарен состанок на министрите за надворешни работи на Србија и Албанија и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Предвидени се состаноци на лидерите со Инвестициската иницијатива на ОБ, поддржана од Атланскиот совет, состанок на групата за менаџирање на кризи за храна и енергетика и потпишуање на повеќе билатерални документи и меорандуми.
Македонската влада во понеделникот усвои повеќе извештаи за завршени преговори и утврдени текст-документи во рамки на регионалната иницијатива „Отворен Балкан”, а кои ќе бидат финиширани за време на посетата на владината делегација во Белград.
Усвоен е Извештајот за завршени преговори за склучување на Договор за соработка во областа на механизмите за обезбеденост со храна во Западен Балкан и беше прифатен текстот на Договорот, беше прифатен и Извештајот за завршени преговори со усогласен текст на Меморандум за разбирање и соработка во областа на кинематографијата и аудиовизуелните дејности во Западен Балкан, усвоена е и Информација за усвојување на Оперативен План во областа на цивилната заштита помеѓу овие три земји во рамките на Иницијативата Отворен Балкан.
Вечерва премиерот Димитар Ковачевски пред претставници на бизнис заедниците и владите од Србија, Албанија и Македонија ќе приреди Македонска вечер, на која ќе се промовираат македонски вина, храна, музика и туризам, а за музичкиот дел е задолжен виртуозот Влатко Стефановски.
Во состав на македонската делегација во Белград, која ја предводи премиерот Димитар Ковачевски се и вицепремеирот Бојан Маричиќ, како и министрите Љупчо Николовски, Кресник Бектеши и Никола Тупанчевски.
Како што дознава МИА на самитот се очекува денес да дојде и поранешниот премиер Зоран Заев, еден од иницијаторите на создавањето на Отворен Балкан.
Вчера на Белградскиот саем, во рамки на Иницијативата Отворен Балкан, Србија, Македонија и Албанија во Белград го отворија Првиот меѓународен саем за вино Винска визија на Отворен Балкан.
Ковачевски, на отворањето на саемот за вино, храна и туризам изјави дека Отворен Балкан денеска покажува што значи интеграција, олеснет пристап, практична примена на политика на отворени врати и на добрососедство.
„Денеска тука ги поврзуваме нашите економии, отвораме нови пазари и пласмани, обезбедуваме простор за размена на нови идеи, технологии и пристапи за работа“, изјави македонскиот премиер.
На отворањето на саемот каде присуствуваа и премиерот на Албанија, Еди Рама и претседателот на Србија Александар Вучиќ, Ковачевски истакна дека тука се вкрстуваат винските патишта на Балканот, со тоа што на едно место се пресретнуваат производителите, откупувачите и дестилариите од регионот.
На Белградскиот саем присуствуваат над 350 излагачи од 39 земји од кои 160 излагачи од Србија, 26 од Албанија, додека 47 излагачи се од Македонија. Покрај земјите-членки на Отворениот Балкан, изложувачи има и од Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Франција, Чиле, Аргентина, Италија, Романија, Молдавија, Јужна Африка и други земји. Со оглед дека и храната е во фокусот, како вид традиција, има и пет мастер шефови од Македонија, од Србија и од Албанија, како и специјален гостин изненадување. На манифестацијата има купувачи од ЕУ, САД, Кина и други земји од Истокот. Вкупно 300 метри квадратни, се резервирани за туризмот, каде е присутна и македонската Агенција за промоција на туризмот.
Според организаторите, само првиот ден од саемот имало 420 состаноци на стопанственици.
Македонија под слоганот „Вкуси го животот” на Саемот учествува со 42 винарии и три дестилерии кои ќе промовираат преку 300 различни вина и ракии, како и производители на храна кои ја претставуваат автентичната македонска кујна.