ВМРО-ДПМНЕ идната недела ќе поднесе интерпелација за Џафери, но немаат илузија дека ќе помине

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ идната недела ќе поднесе интерпелација за претседателот на Собранието Талат Џафери, но партискиот претседател Христијан Мицкоски не очекува дека таа ќе помине во Парламентот.

„Се надевам дека нема повторно да ги изигруваат процедурите во Парламентот и ќе ја стават точката на дневен ред и ќе можеме да зборуваме малку поотворено за тоа што се случуваше тој ден кога беа брутално навредени вработените во Парламентот. Немаме илузија дека таа ќе помине, бидејќи таму има 61 послушник на власта кои заради свои лични привилегии ќе го бранат Џафери, но добро е да се види како се препелка СДСМ и помалите коалициски партнери кои сѐ уште не гукнаа за законот за една изборна единица, а еве веќе е мај“, рече Мицкоски на прес-конференција.

За протестот најавен за 18 јуни очекува политичка и општествена поддршка од сите оние кои, како што рече, мислат дека оваа влада на СДСМ и ДУИ ја води државата во погрешна насока.

На новинарско прашање зошто своите ставови за решение за  енергетската криза не ѝ ги предложи на Владата, одговори дека постојано повикува на средба и дека не условува таа да биде за предвремени избори, туку и за други важни теми.

„Што можам да  направам, 17 пати го повикувам да разговараме. Не условувам, но една од темите е и предвремени избори. Веројатно, имам право да барам што да биде дневен ред, не сум човек што оди на состанок и да зборуваме за апстрактни работи. Велам: Дајте да зборуваме за актуелната политичка состојба, за преговорите со Бугарија, за економијата, енергетската криза, здравство, образование, за предвремени избори. Не сака. Со сила не можам“, изјави Мицкоски.

Во врска со притворот на обвинетите за случајот „Парцели за ЕВН“ во Делчево кои се функционери на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски одговори дека прво бара извинување од СДСМ, а потоа ќе тужи за навреда и дека неговиот адвокатски тим ќе подготви тужба за клевета.

„Тие почнаа да тркалаат дека така се финансирало ВМРО, дека јас сум бил вплеткан итн., но видовме дека тие лица се таму каде што се поради сосема други членови од Кривичниот законик. Верувам во пресумпција на невиност, но исто така секому каде што ќе се докаже вина, родена сестра да ми е, за сторен криминал ќе одговара. Тоа важи за сите оние кои не само што се членови на ВМРО, на СДСМ, ДУИ, Алијанса, било кој, политички определени или политички неопределени… Очекувам истото тоа што е направено за сите овие луѓе, да биде направено за сите оние останати коишто на истиот начин продавале вакво земјиште на ЕВН. Очекувам и Финансиската полиција и Обвинителството да постапат и со останатите 100-200 парцели и останатите продавачи да имаат ист третман. Инаку, во спротивно, третманот ќе се однесува само на поединци, а не генерално“, рече Мицкоски.

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе

Енергетската криза во светот, но и во Република Македонија (РМ), не стивнува иако сме на почеток на летото кога вообичаено има помала потрошувачка на енергија кај нас. 

повеќе

Самостојните уметници не се доволно мотивирани да создаваат. 

повеќе