На протест пред Владата и МНР

ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Заев, Мицкоски го нарече „политички аматер“

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска под мотото: „Оставка на Заев, слобода на народот. Протест сега за да не биде предоцна“, одржа уште еден протест, овојпат со блокада на Владата и Министерството за надворешни работи, и побара оставка од премиерот Зоран Заев, поради, како што наведуваат, тајните преговори со Софија за деблокада на пристапните преговори со ЕУ.

Претседателот на партијата, Христијан Мицкоски на протестот изјави дека ова се историски моменти за нашиот народ, нација и за македонската држава, кога се одлучува за иднината на нашите деца и внуци и затоа „навистина овој пат треба да реагираме одлучно“.

„Во минатото често пати повторувавме дека не треба да се потпишуваат договори на егзибиционистички начин, чија содржина наместо да биде решение ќе претставува проблем. Тоа го зборувавме и кога се потпишуваше Договот за пријателство со соседна Бугарија. ВМРО-ДПМНЕ и другите влади во минатото преговарале да постигнат некој ваков договор, но буквално ниту една влада не потпиша договор со таква содржина, бидејќи вие ако во договорот ставите нешто со што се оспорува потеклото и коренот на вашиот јазик, со кој се оспоруваат историските факти и тоа биде критертиум за понатамошно ваше полноправно членство во ЕУ, тоа не е договор и тоа никогаш нема да претставува договор кој што ќе ја донесе Македонија во рамки на обединета Европа и да биде дел од европското семјество, туку напоротив, тоа претставува алатка на тие кои се внатре континуирано да вршат терор врз македонскиот народ и македонската нација и македонската држава“, рече Мицкоски.

Според него, за жал тоа не успеал да го види Зоран Заев, кој, според него е „политички аматер кој може да потпише ваков договор во кој историјата ќе биде критериум за напредок на државата во процесот за полноправно членство во рамки на ЕУ“.

„Жалам што денеска ние наместо да зборуваме за вештачка интелигенција, за поквалитетно образование, поконкурентен здравствен систем и за млади кои тука ќе ја градат својата иднина, ние денеска зборуваме за исполнување на елементарното човеково право. а тоа е правото на самооптределување. Гласот од страна на меѓународната заедница е таков дека работи за кои не треба да се преговара треба да останат надвор од процесот на интеграција на Македонија во ЕУ како што е идентитетот, нација, обичаите, историја, јазикот итн. За жал овие понизни и сервилни политики на Владата на Заев нѐ доведоа во една ваква ситуација кога треба да бираме помеѓу асимилација или интеграција. Затоа час поскоро оставка“, рече Мицкоски и најави и утре нов протест за оставка на Заев.

Потпретседателот на партијата Александар Николоски пред присутните изјави дека постои јасен политички национален континуитет за изградба на македонската држава и иднина на Македонија и од тоа, вели, отстапување нема, за ова изговори нема, тоа е факт јасен и познат од сите.

„Бараме оставка. Овие денови преговараа, тајно патуваа за Софија, таму преговараа за работи за кои не се преговара. Во исто време ги повикувам земјите членки на ЕУ и европските институции да определат датум за почеток на преговорите на Македонија за членство во ЕУ, но и да се заштити македонскиот национален идентитет, затоа што целиот процес на интеграција ќе има смисла само доколку Македонија напредува и оди напред, ако Македонците патуваат гордо и достоинствено, а тоа значи зачувување на македонскиот јазик, држава, култура, почит на македонската историја и државност“, рече Николоски. 

Претходно пратеникот Антонио Милошоски пред МНР  побара оставка од, како што рече, „оние кои викендот преговараа со нивните колеги од Софија односно од министерот за надворешни Бујар Османи и неговите соработници“.

„Оставка од тие кои овој викенд беа затворени во МНР, министерот и тројца негови соработници и преговараа целодневно со нивните колеги од Софија, во чие име преговараа што преговараа и што договорија, на чија сметка, кој им дал мандат да преговараат она што е традиција, интерес, историја, книжевност и јазик на македонскиот народ. Затоа почитувани да не се чудите зошто Бујар Османи и Никола Димитров и Зоран Заев не доаѓаат во Собрание, затоа што тие се навикнати на тајни преговори“, рече Милошоски.

Тој во своето обраќање потсети и на тоа дека Бујар Османи и Никола Димитров ветуваа дека ќе си поднесат оставки и доколку Македонија не добие датум за преговори но очигледно им е удобно во фотелјите и заборавија на ова ветување.

Во моментов, мал број проекти или иницијативи во Македонија се фокусираат на тоа како универзитетите ги подготвуваат студентите за општествена одговорност и за граѓанскиот статус.

повеќе

Попис на населението во 2020 треба да има, затоа што тоа утре може да биде услов за Македонија да чекори напред кон ЕУ.

повеќе

Северна Македонија, исто така, мора да се придвижи кон енергетска независност, користејќи обновливи извори на енергија кои нема да му наштетат на кревкиот екосистем во оваа прекрасна земја.

повеќе