Власта прифаќа лидерска средба но без уцени, опозицијата останува на условот предвремени избори

За премиерот Димитар Ковачевски е прифатлива лидерска средба, но без уцени и со проширен дневен ред, додека претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ,  Христијан Мицкоски останува на ставот дека единствено решение за сите проблеми се предвремени избори и оти без ова прашање не може да се разговара.

Ковачевски, како што рече вчера, смета дека треба да има средба за теми кои се од интерес за граѓаните, а не единствена точка на дневен ред да биде предвремени избори, бидејќи избори ќе има во 2024 година.

„Уцена со одбројувања, пет дена, четири дена, единствена точка на дневен ред, предвремени избори – таква средба не може да има. Затоа што не може да биде единствена точка – предвремени избори“, изјави вчера Ковачевски по посетата на германската компанија од автомобилската индустрија „Маркарт“ во велешкото село Долно Каласлари.

Според Ковачевски, со блокирање не се прави штета ниту на Владата, ниту на Собранието, туку се прави единствено штета на компаниите, на граѓаните и на државата.

Тој ги повика сите пратеници да бидат на ниво на својата задача, бидејќи, како што кажа, тие не се избрани од претседател на политичка партија, туку се избрани од народот и треба да работат за потребите и за унапредувањето на животот на граѓаните.

„Парламентот да функционира… имаме 64 пратеници поддршка, дополнително уште една партија која што се придружи на коалицијата и не постојат никакви ограничувања за носење на потребните одлуки за граѓаните“, порача Ковачевски.

Мицкоски, пак, вчера од Прилеп каде што учествуваше на обука за градоначалници организирана од Фондацијата „Конрад Аденауер“, порача дека е подготвен да зборува за сите отворени прашања, како и за определување датум за одржување предвремени парламентарни избори, но без тоа прашање не може да се разговара.

„Подготвен сум да зборуваме за сѐ што е актуелно и им е потребно на граѓаните, а предвремени парламентарни избори се неопходни час поскоро да се случат за да може Македонија да излезе од оваа кризна ситуација во која се наоѓа. Подготвен сум за четири дена од денеска да зборуваме за сите отворени прашања, како и за определување датум за одржување предвремени парламентарни избори. А без ова прашање не може да се разговара. Тие се проблемот, а решението е предвремени парламентарни избори“, изјави Мицкоски.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети, смета дека нема ништо лошо во средби, но под услов тие да не бидат условувани и со наметнување на теми, туку за одредени и важни прашања, како тоа за затворање на прашањето со Бугарија.

„Сигурно ни е потребен политички и етнички консензус во државата. Решавањето на овој проблем ги зацврстува стабилноста, мирот, безбедноста и релаксирањето на односите меѓу соседите. За ова ситуација може да има дебата и средба. Но, не и за блокади. Затоа што блокадите и бојкотот значат пречка во напредокот на понатамошните процеси на државата“, изјави вчера лидерот на ДУИ, по промоцијата на книгата „Арбрешите помеѓу реалноста и митот".

Во меѓувреме во Собранието блокирани остануваат повеќе законски решенија како што се Законот за Клинички центар, Законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта, Законот за службата во Армијата..., а до крајот на мај во Собранието треба да се најде и најавениот ребаланс на Буџетот.

 

Минатата недела во јавноста се актуелизираше дискусијата за концептот на даночната реформа.

повеќе

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе

Несанкционирањето на овој говор доведува до повторување, ширење и злоупотреба на овие аномалии како еден вид „нормализиран“ начин во политичката борба против поединци и групи со различни мислења.

повеќе