Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски обвинува дека се кршат собрниските процедури, бидејќи потребно е претходно да заврши расправата во Комисијата за сите предложени кандидати.. Најавија и интерпелација за претседателката на Собраниската комисија Марија Георгиевска за кршење на собранискиот деловник.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, тврди дека мнозинството не излегло од процедурата за избор на уставни судии и порачува дека нема да дозволат ВМРО-ДПМНЕ да ја доведе државата во уставна криза.
Митрески е на ставот кој го застапува и претседателката на оваа Комисија, Марија Георгиевска од СДСМ, дека нема потреба да се заврши дебата за сите имиња бидејќи за секој се дебатира и се гласа поединечно.
Од тие причини, Георгиевска испрати известување до Талат Џафери со предлог за избор на двајца уставни судии, наместо три, колку што треба да предложи Комисијата.
„Да направиме разлика помеѓу избор на уставен судија, на член на кое било тело со закон и поднесување амандмани. Кога станува збор за некаков избор, тогаш нема амандмани, единствено се води расправа во Комисијата за избори и именувања и се отвора дискусија за секој посебно и се гласа за секој посебно. Претседателката на Комисијата го информираше претседателот на Собранието дека за тие двајца кандидати завршена е дискусијата и изгласаноно е со мнозинство дека треба да продолжат во понатамошна постапка, со тоа што исто така го информира Комисијата и понатаму ќе продолжи со работа", рече Митрески денеска.
Уставниот суд ги штити уставноста и законитоста. Или, барем така треба да е според Уставот.
Но, во последниот период, наместо да одржува седници, Уставниот суд испраќа писма и бара да се сфати сериозноста на овој посебен орган, кој не спаѓа во системот на организација на државната власт.
Наместо девет судии, Уставниот суд сега има пет, а за два месеци ќе бидат четири, односно претседателката Добрила Кацарска и тројца судии. Ова значи дека ако до почетокот на декември не се пополнат празните столчиња, на Уставниот суд му се заканува тотална блокада.
За прв пат во историјата на 31-годишното постоење на Уставниот суд во независна Македонија, но и за прв пат по неговото постоење од 1964, кога отпочнал со работа, тој е исправен пред можноста законски да не постои. Топката сега е во рацете на Собранието и на пратениците кои треба да ги изберат уставните судии.
Според Уставот, судија во Уставниот суд може да биде „истакнат правник“.