Владиката Петар за МКД.мк: Ќе се најде решение за Вранишковски и неговите соработници

Со враќањето на МПЦ-ОА во канонско единство со СПЦ и признавањето на македонската црква кога и нема да може да постои ПОА на Јован Вранишковски, се поставува прашањето што ќе биде со него како досегашен архиепископ и со неговите епископи. Владиката Петар за МКД.мк вели: „Ќе се најде решение“.

„Тоа е процес на дискусии што треба да се водат меѓу нас и СПЦ. Начелно можам да кажам дека ќе се најде некое решение за нив. Но не можам ништо конкретно да кажам. Засега има само размислувања“, изјави за МКД.мк владиката Петар.

Тој нагласува дека сите мисли се насочени кон Бога и кон утрешната заедничка богослужба со највисокиот врв на српската црква.

„Благодарение на Бога, добро се одвиваат подготовките за заедничката богослужба во нашиот прекрасен Соборeн храм во Скопје. Се надеваме и се молиме на Бога дека се ќе помине во најдобар ред“, рече владиката Петар.

Во очекување на признавање на автокефалноста на МПЦ од страна на СПЦ и во српските медиуми се поставува прашањето што ќе се случи со највисоките претставници на ПОА.

Како што веќе објавивме, постојат размислувања Јован Вранишковски да се пензионира имајќи предвид дека и неговата здравствена состојба не била најдобра, но и дека можеби ќе му бидат неприфатливи некои понуди кои секако би биле под сегашниот негов статус.

Беседата на Вранишковски во храмот „Свети Сава“ во Белград, по заедничката Богослужба на поглаварите на СПЦ и МПЦ-ОП, познавачите ја толкуваат токму така - како простување со службата.

Според белградски Курир, останатите епископи на ПОА, Марко, Давид и Јоаким, кои беа најблиски соработници на Вранишковски, ќе добијат на управа некој од манастирите во Македонија и ќе го задржат епископскиот чин, или пак ќе добијат епархија „внатре во Охридската архиепископија".

Извори блиски на МПЦ пак, велат дека има размислувања на епископите да им се дадат манастири на управување. Се спомнуваат манастирите во Матка и Матејче, како и Свети Пантелејмон. Енигма за овие извори е Вранишковски.

П.Џ.

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе

Енергетската криза во светот, но и во Република Македонија (РМ), не стивнува иако сме на почеток на летото кога вообичаено има помала потрошувачка на енергија кај нас. 

повеќе

Самостојните уметници не се доволно мотивирани да создаваат. 

повеќе