Д-Р ВЕРА ЛАЛЧЕВСКА

„Важноста да се биде Македонец“, докторската дисертација за спорот за името на Македонија

Апсурдноста на ситуацијата се зголемува кога човек ќе сфати дека оние што ги повикуваат Македонците да се откажат од своето име, идентитет и јазик не се диктатори, туку дипломати и политичари што ги претставуваат токму ентитетите што требаше да бидат чувари на човековите права, вели д-р Вера Лалчевска од женевскиот Институт за меѓународни и развојни студии.

Лани во септември Лалчевска ја одбрани својата докторска дисертација со наслов „Важноста да се биде Македонец: потеклото и последиците од 'прашањето за името' меѓу Грција и Македонија“. Дисертацијата истражува што им значи „прашањето за името“ на Македонците и тврди дека, далеку од тоа да е само технички спор за името на земјата, тоа се врти околу едно од најосновните и најсуштински човекови права: правото на македонскиот народ на свој етнички и национален идентитет, како и на свој јазик. Лалчевска подолу го опишува своето истражување, како и методологијата, наодите и заклучоците.

Може ли да нè потсетите што е „прашањето за името“ меѓу Грција и Македонија?

Ќе почнам со една корисна анегдота. Кога њујоршкиот режисер, роден Македонец, номиниран за Оскар, Милчо Манчевски, пристигна во Венеција за да го претстави својот филм „Пред дождот“ во Мостра дел синема во 1994 година, тој беше пречекан со интересен инцидент, кој вака го раскажува: „Првиот ден бев повикан во канцелариите на Фестивалот. Ми беше кажано дека има дипломатски „проблем“. Имено, грчката амбасада во Италија му се пожалила на Фестивалот, барајќи да го отстрани „македонски“ при опишувањето на името на јазикот што се зборува во мојот филм. Грчката амбасада тврдела дека таков јазик не постои.

Ја прашав многу фината дама што го претставуваше Фестивалот дали ѝ личам на лик од цртан филм. На некој што не постои. Обајцата се насмеавме и таму и тогаш го затворивме ова прашање.“ („Интервју со Милчо Манчевски“, Ла ривиста ди енграма, декември 2011)

За жал на другите Македонци, ваквите инциденти ќе се зголемуваат по големина и број и нема да се решаваат толку брзо и лесно. Таканареченото „прашање за името“ меѓу Грција и Македонија се роди на 7 април 1993 година, со резолуцијата 817/93 на Советот за безбедност на Обединетите нации, по апликацијата на Македонија за членство во Обединетите нации. Во оваа резолуција е наведено дека „државата чија апликација е содржана во документот С/25147 за да биде примена во членство во Обединетите нации, привремено за сите потреби во рамките на Обединетите нации ќе се нарекува „поранешна Југословенска Република Македонија“ во очекување на решавањето на спорот што се појави околу името на државата“ (3.196-ти состанок на Советот за безбедност на ОН, Резолуција 817 (S / RES / 817/1993), 7 април 1993). Советот за безбедност ги повика двете страни брзо да го решат спорот и побара од генералниот секретар да извести за исходот. Генералниот секретар, пак, назначи специјален претставник да посредува меѓу двете страни.

Дваесет и четири години подоцна, не е постигнато „решение“ на „спорот“ околу уставното име на Република Македонија. Во меѓувреме, „спорот“ стана популарно познат како „прашање за името“ и достигна глобални и критични димензии.

Зошто го избравте ова „прашање за името“ како тема за истражување?

Темата ме избра мене, не ја избрав јас темата. Дозволете ми да објаснам. Замислете дека се будите еден нормален сончев ден, пиете кафе и читате некој меѓународен весник, кога, одеднаш, насловната страница ви го привлекува вниманието: „Македонија не постои“, вели насловот, по што следува: „Грција ја обвини Македонија дека узурпирала историско име што ексклузивно ѝ припаѓа на Грција“.

Во написот понатаму се објаснува дека „античките Македонци биле Грци и не постои такво нешто како посебен македонски етнички идентитет или македонски јазик - тие никогаш и не постоеле. Наводно, луѓето што сега се нарекуваат Македонци, како и нивниот јазик, се измислени од поранешниот југословенски претседател Тито пред околу педесет години“.

Збунети, се смеете на тоа како на шега и продолжувате да пиете кафе и да си ги бркате секојдневните обврски... сè додека ова незамисливо тврдење не го нападне вашиот живот и животот на вашето семејство и пријатели - всушност, целата земја - толку драстично и на толку многу начини што сте принудени да се соочите со тоа и да направите нешто околу тоа. И јас направив.

Иако во тоа време бев на Универзитетот Дјук, како искрен активист за човекови права, се сетив на зборовите на д-р Мартин Лутер Кинг во неговото „Писмо од затворот во Бирмингем“: „Не можам да седам со скрстени раце во Атланта и да не бидам загрижен за она што се случува во Бирмингем. Неправдата некаде е закана за правдата насекаде.“ Тогаш решив дека ќе напишам докторска дисертација на оваа тема, знаејќи дека пишувањето е една од моите главни силни страни и дека веќе не можам да го поднесам товарот на неправдата.

Значи, што е „важноста“ да се биде Македонец - како што стои во вашиот наслов?

Мојот наслов е инспириран од „Важноста да се биде искрен“ на Оскар Вајлд - фарсична комедија во која актерите развиле измислени идентитети за да избегаат од тешките социјални обврски. Јас ја споредувам оваа фарса со ситуацијата во Македонија, каде што Македонците се принудени да развиваат измислен идентитет (или, поточно, да го сменат својот вистински идентитет) за да бидат прифатени од меѓународната заедница. Ова е, најблаго речено, тешка обврска.

Всушност, толку е неподносливо што јас заклучив дека „прашањето за името“ доведе до колективна и индивидуална траума - во самото општество во Македонија и во срцата и умовите на поединци - фрлањето на Македонците во една дилема што е тешка за оваа ера, имено, дилемата „да се биде или да не се биде“.

Ако тие одберат „да бидат“, ќе го загубат правото да бидат дел од Европската Унија и НАТО, нивниот статус во ОН ќе ослабне, а нивната иднина и иднината на нивните деца ќе бидат осудени на изолација - што за една мала земја може да биде самоубиство. Од друга страна, ако изберат „да не бидат“, тие ќе загубат нешто многу драгоцено и вродено - правото на сопствен идентитет и јазик.

Македонците се уценувани во загатка што е најпарадоксална за оваа ера на човекови права, ера во која правото на самоопределување е толку суштинско што е единствениот заеднички член - и тоа не кој било член, туку Членот 1 - и во Меѓународниот договор за граѓански и политички права и во Меѓународниот договор за економски, социјални и културни права. Овие два обврзувачки документи се исклучителни по тоа што произлегуваат од една од најважните декларации за човекови права во историјата на човештвото, односно Универзалната декларација за човекови права.

Апсурдноста на ситуацијата се зголемува кога човек ќе сфати дека оние што ги повикуваат Македонците да се откажат од своето име, идентитет и јазик не се диктатори, туку дипломати и политичари што ги претставуваат токму ентитетите што требаше да бидат чувари на човековите права: Обединетите нации и Европската Унија. Да не зборуваме за дополнителната иронија дека земјата што стои зад сето ова, имено Грција, е позната како бастион на демократијата и лулка на европската цивилизација.

Кој би помислил дека на еден од најстарите документирани народи во светот, кој се споменува во Библијата и се одржал низ сите историски времиња - вклучувајќи репресии, асимилации, егзодуси, размена на население и војни - ќе му биде ускратено правото на идентитет среде дваесет и првиот век, во време на мир и ера на владеење на човековите права? И кој друг освен Македонец може подобро да му ја објасни оваа македонска сага на остатокот од светот?

Тогаш вашата дисертација е мотор на академскиот активизам. Која методологија ја користевте за да ја напишете оваа сага?

Јас повеќе тоа би го опишала како откривање на дотогаш замолчената историја на тековните прекршувања на основните човекови права на еден народ во срцето на Европа, под носот на Европската Унија и Обединетите нации и со нескриено одобрување од овие субјекти. Јас ова го откривам преку прецизно истражување, врз основа на историска, политичка, правна и анализа на човековите права со примарно и секундарно истражување, вклучувајќи и теренска работа. Мојата теренска работа содржи спроведување на повеќе од 70 интервјуа со користење случаен избор и пристап „снежна топка“, главно во Грција и во Македонија, во временски период од пет години.

Какви заклучоци извлековте од вашето истражување и интервјуа?

Мојот прв главен заклучок е дека „прашањето за името“ меѓу Грција и Македонија е далеку од „само“ процедурална расправија меѓу двете земји во однос на уставното име на Република Македонија. Напротив, тоа е последица на вековната, тековна асимилаторска политика на грчките власти кон македонското малцинство во Грција, како и пренос на истата таа политика во грчката надворешна политика кон Република Македонија (на пример, „прашањето за името“).

Сметам дека двете политики (домашната и странската) имаат иста цел: техничко елиминирање на постоењето на посебен етнички и национален македонски идентитет и јазик. Со други зборови, „прашањето за името“ е параван за техничкиот етноцид оркестриран од страна на Грција и со помош на Обединетите нации, Европската Унија и меѓународната заедница во целост, преку механизмите на условување за членство. Мојот втор главен заклучок е дека „прашањето за името“ предизвика индивидуални и колективни трауми кај Македонците во Република Македонија и пошироко.

Може вашето истражување да помогне во решавањето на „прашањето за името“?

Мислам дека може. Иако разговорите меѓу Грција и Македонија се во тек, моите наоди укажуваат на еден сосема поинаков начин на гледање на „прашањето за името“ - и на тој начин и на негово решавање. Цврсто верувам дека за кое било прашање да се реши трајно, во процесот на решавање мора да се земат предвид корените на проблемот.

Со оглед на корените на „прашањето за името“ истакнати погоре, првиот и основен чекор во решавањето на овој конфликт, според тоа, не е да се принудуваат Македонците да го сменат името на својата земја „за сите употреби (erga omnes) - надворешен и внатрешен“ и со Грција да се разговара за „придавка што ја определува нацијата, придавка што го определува јазикот и придавка што ја определува етничката припадност“ - како што беше грчкиот предлог во преговорите во 2009 година („Ставовите на Република Грција наведени од министерот за надворешни работи Друцас, за кои е согласен премиерот Папандреу, 13 ноември 2009 година, Њујорк“ - извор: доверливо).

Ова само би ја зајакнало еден век старата политика на негирање не само на македонското малцинство во Грција, туку, шокантно, на сите Македонци, во Република Македонија и во целиот свет. Наместо тоа, првиот чекор кон долгорочно одржливо решение ќе биде да се признае ова негирање.

Дали постои континуитет помеѓу вашето истражување и вашиот постдокторски живот?

Всушност, работам на труд што ќе предложи долгорочно одржливо решение за „прашањето за името“. Ова решение ќе биде јавно признавање на вековното негирање на македонскиот идентитет и јазик, од страна и на грчките власти и на меѓународната заедница. Вториот чекор ќе биде јавно извинување, од страна на грчките власти кон македонското малцинство во Грција и стотиците илјади протерани македонски бегалци од Грција за време на грчката Граѓанска војна (1946-1949), како и во текот на различни периоди од дваесеттиот век, почнувајќи од 1913 година.

Исто така, учествувам во планирањето високоакадемска и политичка светска конференција заради откривање на основните причини за „прашањето за името“. Конечно, а можеби и највозбудливо, работам на документарен филм на оваа тема, заедно со неколку други поединци и организации, на меѓународно ниво.

Нашите умни, работливи и чесни граѓани заслужуваат да имаат излез на „море" што се нарекува светски пазар.

повеќе

Како што транспортниот систем ја дефинира структурата на урбаното „ткиво", така половата поделба ја дефинира структурата на општеството.

повеќе

Киев не може да дозволи, ниту од морална, ни од правна гледна точка, нејзини претпријатија да бидат конфискувани.

повеќе