Архитектонско-урбанистичкиот проект (АУП) за хотелот Радика и за проектот Радика резорт е укинат. За девет дивоизградени вили под хотелот има решение за уривање. На тој простор е регистрирано заштитено културно-историско наследство. И покрај сѐ ова, под хотелот Радика и натаму се гради, булдожерот копа. Од здружението Спас за Маврово, кое веќе со години се обидува да ги предупреди надлежните за целото ова беззаконие, велат дека и за ова директно го информирале градоначалникот Медат Куртовски, а тој им одговорил да се јават кај надлежните инспектори кои мора да интервенираат. Како тој да не им е надлежен на тие инспектори, па не може да им даде наредба да излезат на терен и да видат што се случува. Патем, против еден од овие инспектори, се води кривична постапка за негови злоупотреби во урбанизмот.
Но, затоа во општината каде градоначалник е Куртовски за утре, на седница на Совет на Општина Маврово-Ростуше, на дневен ред е и употреба на албанското знаме на територијата на општината, точка 10.
Според пописот од 2021 година во Маврово Ростуше бројот на резидентното населенеие е 5.042 (во 2002 година таа бројка беше 8.618), бројот на домаќинствата е 1.597 со 5.658 станови.
Според етничката припадност во Маврово Ростуше живеат 1.474 Македонци, 470 Албанци, 1.555 Турци и тројца Роми.
Според Законот за употреба на знамињата во Македонија во единицата на локалната самоуправа, во која живеат граѓани припадници на заедницата и се повеќе од 50 отсто од населението во таа единица на локалната самоуправа, пред и во објектите на органите на единицата на локалната самоуправа се истакнати знамето на Република Македонија и знамето на таа заедница.
Во Маврово Ростуше бројот на Албанците е 11 отсто.
А.Д.