Модем- извештај за следење на ТВ 12 март- 8 април

Усогласена реторика на провладините телевизии против СЈО

Една од главните цели во известувањето на телевизиите блиски на власта во овој набљудуван период, како и во претходните три месеци, беше Груевски, како симбол на ВМРО-ДПМНЕ, да биде што поприсутен на екраните, да се претстави во максимално позитивна светлина, а да се поклопат, да се занемарат и да се нападнат сите критички гласови што откриваат компромитирачки факти и информации за работењето на врвни функционери од владејачката партија, вклучувајќи го и самиот лидер.

Ова е еден од заклучоците во четвртиот месечен извештај за политичкиот плурализам во медиумите што опфати четири седмици и се однесува на периодот од 12 март до 8 април 2016 година. Анализирани се 11 програми на вести и 38 изданија на 11 различни актуелно-информативни емисии на јавниот сервис (МТВ1 и МТВ2) и на 7 приватни телевизии (Сител, Канал 5, Алфа, Телма, Алсат М, 24 вести и ТВ21). Истражувањето се изведува преку Механизмот за набљудување и реакција при Институтот за комуникациски студии.

Емпириските истражувања на улогата на медиумите во политичката комуникација спроведени во одделни земји јасно го докажуваат влијанието на медиумското известување врз јавниот имиџ на популистички лидери и партии, што е клучно за нивниот успех на изборите. Иако влијанието на медиумското известување е пресудно за имиџот на кој било политички лидер или партија, сепак ова е особено карактеристично за лидерите на популистичките партии. Во политичкиот контекст на хибридните режими пак – режими што тежнеат кон отворен авторитаризам, обезбедувањето псевдолегитимитет на владеењето се засновува речиси исклучиво на медиумските конструкти за тоа владеење.

Во оваа насока, начинот на известување на провладините медиуми во текот на март и почетокот на април го потврдува овој заклучок: јавниот имиџ на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ и особено на нејзиниот лидер Никола Груевски целосно зависи од сликата што медиумите ја презентираат во јавноста за нив и за нивните политички опоненти, пишува во извештајот.

„Во стратегијата на политичка комуникација што владејачката партија ја практикува преку највлијателните телевизии клучна е улогата на партискиот лидер, поради две причини: (1) во услови на медијатизација и популаризација на политиката успехот на лидерите на популистичките партии директно зависи од тоа каква слика за нив медиумите ќе ипретстават на јавноста; и (2) на популистичките и авторитарните партии им е потребен силен лидер околу кој партијата цврсто се организира и кој ги претставува и распространува пораките и имиџот на партијата.

Независно што тој поднесе оставка од функцијата премиер, медиумите блиски до власта и натаму продолжија интензивно да ги следат неговите активности на терен во кои тој зборува за проектите на Владата и на граѓаните им ветува решавање на проблеми. На тој начин, беше избришана границата меѓу партијата и државата.

Најголем број прилози за проекти и остварувања на владејачката партија (371 прилог) беа емитувани на МТВ 1 и на трите приватни телевизии блиски до власта. Покрај тоа, овие телевизии емитуваа и голем број прилози за активностите на Груевски во кои тој, иако лидер на ВМРО-ДПМНЕ, всушност се појавува во улога на прв човек во власта. За разлика од провладините телевизии, оние со неутрално-критичка позиција кон власта или воопшто не известуваа или имаа критичко-аналитички приод кон оваа тема, пишува во извештајот.

Известувањето за СДСМ како привид за политичка балансираност

Иако официјалната изборна кампања сѐ уште не е започната, активностите на терен на опозицијата (кои наликуваат на изборна кампања) и во овој период беа покривани главно од провладините телевизии. Медиумите немаат законска обврска да известуваат за вакви активности во период кога не е кампања, па оттаму и заклучокот дека се работи за намера да се создаде лажна слика за некаков баланс во известувањето, особено за да се оправда интензивното појавување на Груевски на телевизиските екрани. Од претставените резултати може да се забележи и дека бројот на прилози во кои се појавува Груевски на приватните провладини телевизии е многу поголем од бројот на прилозите за опозицијата, пишува во извештајот.

Исклучок е МТВ1, за која се чини дека настојува да прикаже поинаков образец на известување. Сепак, останува констатацијата дека МТВ 1 емитувала огромен број прилози (85) за проектите и остварувањата на органите на власта. Неутрално-критичките телевизии речиси и да не известуваат за ваквите активности на СДСМ и на Груевски, а тогаш кога известуваат најчесто имаат неутрално-критички приод.

Дискредитација на СЈО како политички инструмент на СДСМ

Усогласената реторика на провладините телевизии во известувањето за Специјалното јавно обвинителство ја рефлектира стратегијата за настап на владејачката партија која се потпира на  експлоатација на чувството на страв и на поттикнувањето омраза кон организации, групи или поединци кои претставуваат „потенцијална закана“ (реална, преувеличана или целосно измислена) за „државата“ или за „народот“. Меѓутоа, вистинската цел на таквото портретирање е всушност да ги замолчи или релативизира сите критички гласови кои ги загрозуваат интересите на владејачката елита и да воспостави општествена контрола.

И оваа манипулативна стратегија на користењето на медиумите како средство за убедување и за политичка пропаганда теориски е дел од познатите „модели на пропагандата“.

Така, известувањето за двете прес-конференции („Тортура“ и „Тврдина“) и за другите активности на Специјалното јавнообвинителство беше врамено во истата генерална рамка која веќе неколку месеци циркулира како став на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ за СЈО и за неговиот главен политички опонент: „СЈО е инквизиторски инструмент на СДСМ“, СЈО е „под целосна контрола на СДСМ... главен инструмент за политички прогон на луѓето од ВМРО-ДПМНЕ, а со цел рушење на неговиот углед, како и на угледот на водството на ВМРО-ДПМНЕ“, „СЈО на Катица Јанева станува база за згрижување на сдсмовски партиски кадри“ итн.

Од друга страна, неутрално-критичките медиуми работата на СЈО ја опсервираа од агол на „борба против криминалот“, „владеењето на правото“ и сл.

И во овој период констатирани се истите прекршувања на законот и на етичките стандарди како и во претходните извештаи.

МТВ1 и натаму ги прекршува стандардите и начелата на програмите утврдени во член 111, а посебно обврската од член 110 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, за тоа да „не застапува и да не заштитува ставови или интереси на одредена политичка партија, ... а програмите кои ги создава и емитува да бидат заштитени од влијание на власта, политички организации или други центри на економска и политичка моќ.“ Ова прекршување се прави со сите емитувани прилози во кои МТВ1 некритички промовира владини проекти и инвестиции, преку пропагандно-апологетски приод и во прилозите во кои се известува за активности на Груевски како лидер на ВМРО-ДПМНЕ, кој притоа промовира владини проекти.

Трите приватни телевизии Сител, Канал 5 и Алфа и натамуги прекршуваат основните начела на програмите, утврдени во членот 61 на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, за: (1) „објективно и непристрасно прикажување на настаните со еднаков третман на различните гледишта и мислења и овозможување на слободно оформување на мислењето на публиката за одделни настани и прашања“ (член 61 став 1 алинеја 9), и за (2) „самостојност, независност и одговорност на уредниците, новинарите и другите автори при создавањето на програмите и креирањето на уредувачката политика“ (член 61 став 1 алинеја 13).

Секоја од овие телевизии, зазема страна и пристрасно ги фаворизира ставовите на владејачката партија при известувањето за релевантните политички настани, а особено за: политичката криза и предвремените парламентарни избори, работата на Специјалното јавно обвинителство, одлуката на Уставниот суд во врска со Законот за помилување и др.

МТВ1 и трите приватни телевизии Сител, Канал 5 и Алфа, и натаму ги прекршуваат основните начела утврдени во Кодексот на новинарите на Македонија и особено членот 14 во кој се вели дека „известувањето од политичките процеси... треба да биде непристрасно и избалансирано.“ 

 

МОДЕМ се фокусира на набљудување на медиумските содржини и изработка на анализи кои треба да докажат дали постои корозирано медиумско известување кое го загрозува политичкиот плурализам во предизборниот и изборниот процес. 

Граѓаните и општата јавност исто така се важен штит за укажувачите.

повеќе

Вчера оправдано доминираше веста дека „Макрон ќе поддржи преговори за Македонија и Албанија ако ЕК препорача во март“.

повеќе

Албанија мора отворено да каже, дека обидите на Софија за асимилација на Македонците во Албанија како Бугари не се добрососедство, туку отворен напад.

повеќе