Членот на бугарскиот дел од Заедничката комисија со серија обвинувања

Топалов: Политичарите кои ќе ја предадат бугарската кауза во Македонија се осудени на политичко самоубиство

Бугарскиот идентитет не смее да се жртвува во име на деловните односи, а политичарите кои ќе ја предадат бугарската кауза во Република Северна Македонија се осудени на политичко самоубиство, вели бугарскиот професор Кирил Топалов, член на бугарскиот дел од Заедничка историска комисија. Во интервју за БГНЕС тој обвинува дека Македонија е последен бастион на титоизмот, дека е зависна од Србија и дека продолжува да се оградува од Бугарија, па практично и нема комуникација меѓу Скопје и Софија.

Изјавувајќи дека бугарската рака е подадена, тој додава дека бизнис врските меѓу двете земји се пожелни, но бараат инфраструктура која што меѓу Скопје и Софија ја нема и како пример го споменува немањето железничка поврзаност.

„Македонија има автопатишта кон Србија, Грција и Албанија, додека патот од нашата граница до Скопје наликува на пат од средината на 50-тите години од минатиот век. Според денешните стандарди, практично нема пат. Очигледно е дека оваа држава не сака да има комуникации со нас“, вели Топалов.

Освен бизнисот, според него, има и други важни прашања меѓу двете земји и споменува јазик на омраза во земјава кон Бугарија, кој, како што вели, трае 80 години.

„Жално е што понекогаш создавањето на идентитетот на еден народ минува преку градење омраза кон соседот, а во нашиот случај – најблискиот роднински народ со кој до 1944 година бевме едно“, изјавил бугарскиот професор.

Откако објаснува дека Македонија заедно со Србија е последниот „бастион на титовата идеологија“ која била изградена врз основа на омраза кон соседите.

„Македонија не е независна држава. Зависна е од Србија, секој нејзин потег е диктиран од Белград. Треба да ги бараме подлабоко корените на проблемите и да не негуваме многу оптимизам дека лесно ќе се справиме со антибугаризмот таму“, вели Топалов.

Тој уште ги обвинува македонските политичари дека ја користат Бугарија како изговор за немањето желба да се реформираат и да ги почитуваат европските вредности.

„Македонската влада и двете главни партии - СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ - симулираат желба за влез во ЕУ и ја користат Бугарија како алиби, дека Софија ја запира нивната евроинтеграција. РСМ никогаш нема да влезе во ЕУ пред Србија. Белград нема да ја пушти. Зад ова кочење на Македонија и Србија стои една друга голема сила. Ние треба да ја заштитиме нашата историја, доведени сме до работ, во спротивно нашиот историски идентитет ќе пропадне“, тврди Топалов.

Неговата порака е дека Бугарија не смее да се откаже од својот идентитет во име на градење малку подобри деловни односи со РС Македонија.

„Ако некој ви каже да се откажете од вашиот татко и дедо, каков идентитет ќе имате утре? Затоа, Бугарија не треба да се откаже од својот историски идентитет во име на малку подобри деловни односи со оваа земја. Колку и да се важни, тие не можат да се стават над националниот идентитет“, вели бугарскиот професор.

Според него, Софија многу малку барала од Скопје, да го почитува Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година во кој што стои дека сме имале заедничка историја. Тоа, како што вели, значи дека  до 1944 година сме биле еден народ со еден јазик - бугарски народ со бугарски јазик.

„Потоа ја создадоа оваа српско-македонско-дијалектно-бугарска мешавина што ја нарекуваат македонски јазик. Таму нека си го нарекуваат јазикот како што сакаат. Но, наше право е да го признаеме како таков или не. Ние сакаме многу малку од нив, тие за ништо не се спремни да отстапат, дури и не го почитуваат договорот“, рече тој.

Топалов ги обвини македонските членови во Заедничката комисија дека се добро обучени фалсификатори на историјата кои многу добро ги знаат историските факти и извори, но не сакаат да се усогласат со нив. А за тврдењето на претседателот на МАНУ, Љупчо Коцарев дека во Македонија е создадена македонската азбука и македонскиот јазик, дека Климент и Наум Охридски ја создале македонската духовност и литература и потоа ја дале на целиот словенски свет, дека македонскиот јазик се зборува низ цела Македонија - Егејска, Пиринска и Вардарска, вели дека е политички иредентизам. Тој предупредува дека Македонија утре може да имаат претензии за Пиринска и Егејска Македонија.

Наредната критика е за медиумите во Македонија.

„Во РСМ нема слободни медиуми, таму може да пробие многу ретко бугарско интервју, а ако пробие се цензурира. Бугарските медиуми не продираат во Македонија, па не се воспоставуваат контакти. Тие се создаваат преку меѓусебно културно проникнување и меѓусебно запознавање, ние сме два братски народи“, вели Топалов.

Неговата последна порака е до бугарските политичари.

„Кој ќе ја предаде македонската кауза - политичар, министер, претседател, тој политички ќе се самоубие, бидејќи, меѓу другото, ние, потомците на поранешните македонски бегалци, сме речиси една третина од бугарското население. Не е така лесно да го жртвуваш идентитетот во име на развој на бизнис“, порачува Топалов.

 

 

Постоењето на еден отпорен, одржлив и правичен систем на храна е нешто што мора да биде столб на секоја агенда која има за цел за климатско ублажување или адаптација.

повеќе

Економската криза е лоша во сите сфери на живеењето, но од неа можеме и да научиме по нешто.

повеќе

Во саботата во јавноста го претставивме предлог-ребалансот на Буџетот за 2022 година, откако истиот беше усвоен од страна на Владата.

повеќе