Толку блиску, а толку далеку: Партиите се раскараа за активната регистрација на гласачи

Само до пред неколку денови се чинеше дека активната регистрација на гласачи е една од најмалите и најсовладливи пречки во преговорите за изборните правила. Ваквото решение за претходно регистрирање на гласачи, а не теренско чистење на избирачкиот список беше скоро готово и прифатено и од СДСМ, и од ВМРО-ДПМНЕ. Но, најпрво ДУИ се дистанцираше од ваквата можност, а денеска и двете најголеми партии се обвинија меѓусебе за „минирање“ на преговорите, па овој предлог се чини недостижен. 

Антонио Милошоски денеска излезе насред прегововите од Клубот на новинарите, по што кажа дека СДСМ се откажало од барањето за активна регистрација на гласачите. Ова, според власта, го менува текот на разговорите.

„Партијата која беше најголем поборник за активна регистрација како метод за прочистување на Избирачкиот список, што е оспорен од некои партии, денеска се повлече од тоа барање. Тоа го менува текот на самите разговори и веројатно ќе треба да се изнајде некој нов концепт, во кој што опозициските партии би биле сигурни дека ќе ја зголеми нивната доверба во Избирачкиот список. Ние како владеачка партија сме подготвени она што опозициските партии ќе го усогласат и побараат, да го поддржиме и да го прифатиме бидејќи немаме што да криеме“, изјави Милошоски, претставник на преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ.

Но, наскоро потоа со соопштение возврати и Дамјан Манчевски од СДСМ. Обвини дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ водат стратегија на одовлекување, се со цел, како што рече, да не се постигне никакво решенија. Според Манчевски, ова води до непочитување на договорот и до прекршување на неговите основни одредби. Го обвини токму Милошоски дека ги прекршил одредбите од договорот.

„Веќе е прашање на изводливост на многу од овие решенија за многу прашања. СДСМ останува посветен нa фер и демократски избори на 24 април. Меѓутоа, очигледно е дека ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се тие коишто не се спремни на 24 април 2016 година да се соочат со граѓаните на фер и демократски избори. Ние како партија тоа нема да им го дозволиме“, рече Манчевски.

Негираше дека се откажале од активна регистрација на гласачи, ниту од целосна теренска проверка на избирачкиот список. Социјалдемократите сметаат дека било која од овие две варијанти може да му даде доволно кредибилност на изборниот процес односно, како што рече, да создаде доверба на граѓаните.

„Пред сé на граѓаните, коишто имаат изгубено доверба во институциите на системот и во самиот изборен процес, за да не ни се случат повторно вакви извештаи од страна на ОБСЕ, ОДИХР из а да енма потреба од нови извештаи на Прибе и нови негативни коментари и препораки од страна на ЕК“, рече Манчевски.

Главната мана на проектот за активна регистрација на гласачите е што нема доволно време. Но, Манчевски смета дека има ли време да се спроведе теренска проверка на целото гласачко тело.

„Само ако го земеме примерот на статистичката операција на попис, што нема никаква врска со проверката на избирачкиот список, и ги земеме бројките со коишто во Македонија со 8 илјади тима на терен, попис се спроведува за 20 дена. А, пописот е многу покомплицирана статистичка операција отколку проверка на избирачкиот список. Знаете, таму се бараат дополнителни информации за образование, националност, покуќнина, сé што луѓето имаат. Овде само се врши проверка на валидитетот на личните карти, на исправите коишто ги поседуваат граѓаните во изборниот процес. Така да, сметаме дека со многу помалку технички и човечки ресурси, за релативно кратко време може да се спроведе една ваква операција“, рече Манчевски.

По ова повторно се појави реакција, но овој пат од Центарот за комуникации од ВМРО-ДПМНЕ. Сметаат дека Манчевски добил неблагодарна задача да се обиде да оправда нешто за што непостои оправдување. Односно, како што рекоа,  „денес сакаше да ја испере СДСМ од сите неконструктивни и нелогични предлози и решенија кои што оваа партија ги дава во разговорите околу изборниот законик“.

„Денес Манчевски сакаше да го покрие стравот на СДСМ од избори. За тоа кој сака а кој одбегнува да се соочи со граѓаните најдобро сведочи волјата и подготвеноста на субјектите да се договорат околу изборните правила, а СДСМ досега не демонстрираше таква подготвеност давајќи небулозни и нерационални предлози за кој јавноста досега беше информира. СДСМ така си креира алиби за неуспешни разговори, и да одбегне одговорност за нивните нерационални предлози. Нивната стратегија е еден чекор напред, а три назад“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ. 

Инаку, времето ги гази преговарачките тимови. Според договорот од Пржино, до вторник во Собранието треба да се изгласаат сите измени на Изборниот законик. 

Б.Ш.

Освен тоа што муралите се моќно средство за комуникација, тие можат да бидат и предмет на манипулации, па и пропаганда, подигање тензии и продлабочување на недоразбирањата во БиХ.

повеќе

Процесот на донесување на буџетот ме потсетува на една изрека на поранешниот државен секретар на трезорот на САД, Џејкоб Лу (Jacob Lew) кој вели дека „Буџетот не е само колекција на бројки, туку израз на нашите вредности и аспирации“.

повеќе

Конески со голема дарба и со рационална мисла, создаде комуникативна поезија, создаде за македонските генерации образец на читлива литература.

повеќе