Со довикувње и надвикување, со тропање по масите и надмудрувања во толкувањето на собранискиот Деловник, синоќа беше завршена седницата на Комисијата за европски прашања, а дополнувањето на Законот за работни односи кој овозможува судии и обвинители да не заминат во пензија со навршени 64 години се пресели во Законодавно правната комисија.
Според толкувањето на пратениците од власта, расправата во Комисијата за еврпски прашање трае два дена. Заменичката претседателка Арта Билали Зендели на крајот ја затвори седницата, а претходно пратениците од опозицијата негодуваа дека не е ниту започната седницата бидејќи, според нив, не се завршени процедуралните забелешки пред утврдување на дневниот ред. Биљали Зендели често разговараше на телефон, а опозицијата бурно толкуваше дека добива инструкции од надвор, можеби од отсутниот претседател Арбер Адеми, кој завчера во тензичната атмосфера фрлаше предмети кон опозицијата.
Пратеничката Гордана Силјановска Дафкова оцени дека Биљали Зендели неделовнички се однесува и дека нејзиното толкување на Деловникот „нема ништо заедничко со правото“.
Биљали Зендели потоа соопшти дека од поднесените 388 амандмани разгледани се само два, поради како што рече, тоа што опозицијата ја блокирала работата со процедурални забелешки.
Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски рече дека нема да се навраќа на сето она што се случуваше во текот на вчерашниот ден и додаде дека не се дозволува дискусија за нивното барање – разгледување на заклучоците на ЕУ за Западен Балкан на првата наредна седница.
„Недозволиво е барањето кое писмено ви е доставено да не го ставите како точка на дневен ред, да се произнесеме по него. Дополнително, дали вчера утврдивте предлог-дневен ред, дали дадовте можност да го дополниме тој дневен ред“, праша Мицевски.
Тензичната атмосфера, со уфрлања во збор на висок тон, продолжи во Законодавно правната комисија каде претседателката Снежана Калеска Ванчева беше на ставот дека расправата може да започне, зашто претходната комисиска расправа е завршена со двата работни дена, но и дека претстои до полноќ само констатирање дека расправата е завршена по што законот кој се однесува на судии и обвинители, ќе оди на пленарна седница.
Според опозицијата таквото толкување е кршење на Деловникот и дека претставува потценување на интелигенцијата на пратениците, со цел законското решение за судиите и обвинители да биде протуркано.