Порака од фестивалот „Браќа Манаки“

Столе Попов до политичарите: Да не заборавите на фундаменталните вредности - идентитетот, јазикот, културата...

За македонскиот јазик не смее да се разговара, а камо ли да се преговара. Нема ништо посвето од јазикот, културата и духовноста на човекот во средината во која живее. Една порака до политичарите – да не забораваат на фундаменталните вредности на светската цивилизација, кои сѐ почесто се занемаруваат и се губат. Треба да имаат на ум дека со сила убавина нема, изјави вчера режисерот и сценаристот Столе Попов како добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на 41-то издание на фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“.

Во своето обраќање кога го прими признанието, Попов рече дека му е драго што наградата од Друштвото на филмските уметници на Македонија, како што вели, го задржала генеричкото име.

„Мислам дека е време да исчезнат какви било комбинации околу некои бришења, негации, кои водат до тоа да исчезнат придавките кои никогаш не биле предмет на разговор, а камо ли на прифаќање. Моите филмови главно се занимаваат со вечната тема во кинематографијата, тоа е пред сè слободата и љубовта. Нема ништо поиманентно за слободата од идентитетот на човекот, неговиот јазик, неговата култура, неговата духовност и духовноста на средината во којашто живее. Би сакал да им обрнам внимание на луѓето кои се занимаваат со политика да не забораваат и да не ги занемаруваат тие фундаментални вредности на светската кинематографија и демократија, кои сè почесто се занемаруваат и губат. Да имаат една работа на ум дека со сила и на сила убавина нема”, рече Столе Попов.

Помеѓу присутните синоќа беше и претседателот на државата, Стево Пендаровски кој претходно имаше и свое обраќање.

На настанот за одбележување на 41. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, кој се одржа вчеравечер во Музеј и завод Битола на еден од најистакнатите личности на македонската кинематографија, режисерот Столе Попов му беше доделена наградата на Друштвото на филмски работници „Голема ѕвезда на македонскиот филм“. Наградата свечено му ја врачи претседателот на ДФРМ, Игор Иванов, кој истакна дека во филмската уметност повеќе од која било друга, националниот предзнак е исклучително важен.

„Ако треба со некое име на автор да ја означам нашата кинематографија, македонската кинематографија – тоа несомнено е Столе Попов“, рече Иванов потсетувајќи на најважните награди признанија на Попов која кулминираше со номинацијата за Оскар за документарен филм во 1979 година, за „Дае“.

„Филмовите на Столе Попов не излегуваа од киносалите, репликите од неговите филмови се дел од урбаниот живот и жаргон на скопјани, на луѓето од Битола, на сите кои живееме овде. Тој е несомнено еден од најголемите културни дејци на времето кое го живееме и во годината во која нашето Друштво на филмските работници на Македонија ја одбележува 70-годишнината од своето постоење, исклучително ми е драго што нашето најголемо признание ‘Големата ѕвезда на македонскиот филм’ ќе му ја доделиме на Столе Попов“, додаде Иванов.

На настанот присуствуваа министерката за култура, Ирена Стефоска, поранешниот директор на Агенцијата за филм, Горјан Тозија, филмски професионлаци, претставници на дипломатскиот кор, љубители на филмската уметност.

Државата Бугарија ги исцрта своите позиции, а државата Македонија не. Сега сме во финалната фаза – за овие прашања да зборуваат партиските водачи – Заев, Мицкоски, а поретко нивните статисти – пратениците и претседателот на Републиката.

повеќе

Во Македонија само 1% од младите професионално се занимаваат со спорт, 7% спортуваат аматерски, додека 42% спортуваат рекреативно или практикуваат физичка активност во вид на хоби и рекреација.

повеќе

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе