ССМ утре на штрајк, не се договорија со Владата за покачување

Преговорите со владините претставници не вродија со плод. Сојузот на синдикати на Македонија утре дефинитивно излегува на штрајк со кој ќе го изрази незадоволството по однос на недоговореното денеска, а тоа е линеарно покачување за сите по 2.806 денари и утврдување на регрес во јавниот сектор од 30 до 100 проценти од просечната плата, најави денеска по средбата со владините претставници претседателот на ССМ Дарко Димовски.

Тој додава дека е разочаран од преговорите кои денеска се воделе во последен момент, пред најавениот штрајк за утре, при што ги оцени како обид за купување на време.

„Тие не ни понудија ништо друго, не ни понудија ништо освен правење одредени комисии каде што ќе се усогласи методологијата, убедувајќи не дека административниот службеник и давателите на јавни услуги се непродуктивни работници, што не е така. Тие се сервис на граѓаните, ние од нив користиме услуги. Тие достоинствено си ја работат работата и сметаме дека дојде времето нашето незадоволство да го искажеме на улица“, рече Димовски.

Тој додаде дека утре како ССМ ќе излезат на улица, ќе наредат 120 столчиња пред Собранието, каде од пратениците ќе бараат да го прифатат нивниот амандман на ребалансот на Буџетот за линеарно зголемување на платите за 2 806 денари, како во јавниот, така и во приватниот сектор.

„На тој начин ќе упатиме апел доколку тоа не се случи дека и тие утре можат да бидат дел од нас работниците, кои ќе стојат надвор пред Собранието бидејќи работникот е оној што гласа и во наредните избори ќе биде клучната алка за која партија ќе биде на власт“, рече претседателот на ССМ.

Тој јавно побара помирувачот кој што е дел од Министерството за труд и социјална политика да го прочита Законот за мирно решавање на спорови и членовите во тој закон, и да не ги убедува дека помирувањето може да трае 20 дена и оти за тој период ССМ не треба да штрајкува.

„Не, во членот 18 од Законот за мирно решавање на спорови, штрајкот се спречува само 10 дена, а преговорите траат 20 дена, што значи дека треба да имаме подготвен преговарач кој ќе ги брани реално страната која во процесот е оштетена, а тоа сме ние“, нагласи Димовски.

Тој соопшти дека ССМ понудил да има уште една средба денеска во текот на денот, за, како што нагласи, да се консолидираат, и да пресметаат колку средства се потребни за линеарното покачување на платите, бидејќи преметките на синдикатот од барањето претпочено во амандман покажуваат дека во бруто износ се потребни само 30 милиони евра за да бидат опфатени сите вработени во јавниот сектор со линеарното зголемување.

Според Димовски, штрајкот значи прекин на работниот процес за време на работното време на работното место.

„Ние како ССМ не можеме да штрајкуваме во тие одделни институции, ние нашето незадоволство како предводници на овој штрајк ќе го изразиме пред Собранието на РСМ во среда, во четврток тоа ќе го пренасочиме кон Владата, а доколку ниту тогаш не се реши проблемот, тогаш ќе одиме пред Министерството за финансии каде што ќе побараме уште еднаш од министерот Бесими да се преиспита во ребалансот на Буџетот и да не стави како ставка за покачување на плати. Доколку и тоа не се случи, знаете што значи штрајк и кои се последиците, очигледо ќе бараме оставка од некои министри. Тоа е наше легитимно право“, рече Димовски.

По средбата што ја имаше со ССМ, вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи, истакна дека тие се согласни дека треба да има линеарно покажување на платите во јавниот сектор, но оти остануваат на ставот дека тоа треба да се направи со усвојување на методологија, а не со едностран акт.

„Ние остануваме со волјата да се најде решение, но тоа да биде системско решение кое е одржливо за сите страни, а не наоѓање ад хок решение кое можеби само навидум може да го реши проблемот, но, тој веројато ќе се повтори веќе наредната година“, рече Битиќи, додавајќи дека усогласувањето на платите треба да биде следено со методологија на раст на плати за, како што нагласи, да не се враќаме со дискусија како сега на секое движење на минимална плата дали имало или немало усогласување на платите во јавниот сектор.

На прашањето зошто се одржува оваа средба непосредно пред одржувањето на штрајкот, а не порано, вицепремиерот истакна дека тие ја побарале средбата пред десет денови, а оти одлуката за одбор на помирувачи од страната на Владата била донесена пред седум дена.

„За ова беше информиран помирувачот, а негова одлука е кога двете страни ќе ги седне на преговори. Едноставно се утврди овој термин како прифатлив за сите страни“, истакна вицепремиерот.

Тој информира дека според законот помирувањето е законска одредба поради која побарале временски период за да продолжат започнатите преговори.

„Сметаме дека додека трае фазата на помирување штрајкот не би требало да се одржи, но тоа е демократско право на секоја страна да одлучи дали ќе прифати да има помирување и дали би требало да се одложи штрајкот. Ние ќе го испочитуваме демократското право и демократската одлука на ССМ ако тие продолжат со нивната намера за организирање генерален штрајк“, рече Битиќи.

Највисоките тела на Сојузот на синдикати на Македонија на 3 јуни донесоа Одлука за генерален штрајк за 22 јуни, ако дотогаш не бидат исполнети нивните барања.

Откако по презентирањето на ребалансот на Буџетот видоа дека не се планирани средства за нивното барање за линеарно зголемување на платите во јавниот сектор како што им било ветено за време на преговорите, ССМ бараше средба со премиерот, вицепремиерот за економски прашања и со министрите за финансии и за труд и социјална политика, но ни на таа средба не беше постигнат договор.

Доколку чувствуваме дека нашиот труд ќе биде награден со успех, ќе ѝ приоѓаме на околината со апетит, доверба и храброст.

повеќе

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе