Среќни ли се сега бугарските власти што нивни претходници од фашисти станаа душмани?

Клетите фашисти станаа душмани клети. Така беа испеани вчера во Куманово бугарските окупатори на Македонија во времето на Втората светска војна. Дали сега ќе бидат посреќни бугарските власти како наследници на некогашната власт на царот Борис Трети, кои постојано бегаат од мрачниот фашистички период на историјата на Бугарија? Што значат зборовите „душмани клети"?

Песната што се пее седум децени како химна на борбениот и слободарски дух на македонскиот народ „А бре, Македонче" наместо со стихот „клетите фашисти" вчера беше испеана со стихот „душманите клети". За момент, и тоа во Куманово, кое со прилепчани, прво се крена на борба против фашистичкиот окупатор во 1941 година. На одбележувањето на државниот празник 11 Октомври, Ден на народното востание, познат и како ден на „првата пушка" против бугарскиот окупатор, хорот што ја испеа оваа патриотско – борбена песна направи промена во содржината на песната. Наместо „нека разберат клетите фашисти", хорот испеа „нека разберат душманите клети". Тешко е да се верува дека се работи за уметничка интервенција на хорот повикан да пее за државата и тоа токму за официјален настан по голем повод, а во организација на Владата. Уште повеќе затоа што се работи за песна длабоко всадена во државниот код на Македонија? Да се осмели може само државата. Во овој случај, Владата се поистовeти со државата.

Прв кој јавно реагираше и тоа на лице место, на самото одбележување на празникот во Куманово, беше градоначалникот Максим Димитриевски, кој во своето обраќање пред присутните и пред претседателот на Владата, не само што сигнализираше на оваа „ревизија" на зборот „фашисти", туку и го изрецитира стихот правилно.

„Нека разберат, клетите фашисти, македонско име, нема да загине", рече Димитриевски и додаде: „Така ние ја учевме оваа песна, а нашите предци, на кои денес им се поклонуваме, рамо до рамо со светската антифашистичка коалција се бореа против нив и се изборија за она што ние денес го имаме", рече Димитриевски.

Сепак, од Владата за МКД.мк имаат објаснување и демантираат дека станува збор за цензура. На нашето прашање по чиј налог и зошто се сменети стиховите, Владата одговори:

„Остро демантираме дека постои цензура или каква било произволна измена на текст на песна со политичка позадина. На настанот е користен автентичен аранжман чија хармонизација е правена од Драган Шуплевски, потврдена од Национална опера и балет и Сојуз на композитори. Хармонизацијата на аранжманот, според нашите сознанија, е правена во доцните седумдесети, односно рани осумдесети години".

Владата во прилог ни ја ипрати и користената партитура.

Драган Шуплевски е инаку големо име од македонската културна историја, познато и надвор од Македонија и некогашна Југославија. Бил хорски диригент, педагог и композитор и е заслужен за развојот на хорската музика. Починал во 2001 година.

Владата очигледно нема точен податок за аранжманот на Шуплевски и за хорската изведба на „А бре, Македоноче", бидејќи говори за „наши сознанија".

Песната, инаку е создадена од Крсте Црвенковски, Коле Чашуле и Ордан Михајлоски – Оцка, напишана е во револуционерниот Прилеп, два месеци пред македонската химна „Денес над Македонија“. Оригиналниот текст секогаш сме го слушале на официјални настани.

Како и да е, по одговорот на Владата не можеме со сигурност да говориме за случајности, за цензура или пак, за политичка намера, иако случајности се случија и неодамна на прослава во Крушево со песната „Во борба, во борба", со изоставување на стихови за Гоце Делчев и фашистите, кога исто така беше образложувано дека во прашање бил извесен стар аранжман на песната. А имаше и други случки на изоставување на стихови, па и со државната химна, за кои следуваа дообјаснувања и извинувања.

Но што се направи со изборот токму на еден дамнешен аранжман на „А бре, Македонче"?

Дали во актуелниот момент тоа се „омекнувачки" стихови со цел острицата на борбената песна да не биде насочена кон Бугарија? Државата на која очигледно и премногу ѝ пречи кога се потсетува на мрачната историја од Втората светска војна кога таа стана сојузник на хитлерова Германија, кога од Хитлер „ја доби" Македонија, односно нејзиниот најголем дел од денешните граници и кога нејзините фашистички војски и полициска управа сторија големи злосторства врз партизанските војски, врз комунистите, но уште повеќе врз цивилното население во обидите за поробување и асимилација.

Со изборот на конкретниот аранжман за хорска изведба пораката од Владата е можеби во духот на Договорот за пријателство, Протколот и францускиот предлог „за да не се сетат Бугарите", иако вака конкретни интервенции во тие документи не се наведени како неопходни.

Фашистите со тој аранжман се душмани, секако клети. И сега... што значи зборот душманин? А што значи - клети?

Зборот душманин имал персиско потекло, прифатен е во турскиот јазик, а како се ширела империјата, така тој збор се одомаќинил широко низ империјата. И останал во употреба. Ако отворите речници и енциклопедии, неговото значење во најблагото толкување е заколнат непријател. Ако сите знаеме кон кого се насочени пораките на песната „А бре Македонче" излегува дека „заколнати непријатели“ баш и не е многу во духот на добрососедството и пријателството што сака Владата да го испочитува макар и преку уметничка изведба на хорот. И не е баш благопријатно за оние оттаде источната граница кога ќе слушнат дека нивни претходници овде и тоа официјално се третирани како душмани, односно зли луѓе, лоши и расипани луѓе, што значи „заколнати непријатели, расипани и лоши и зли луѓе", како што излегува значењето на зборот.

Настрана и тоа што зборот душмани е и во верска употреба кога се сака на некого да се посочи како на зол непријател на верата и верниците.

Уште ако на зборот душманин му се додаде и зборот „клети", бидејќи тој збор не е исфрлен од спомнатиот ревидиран стих на „А бре, Македонче", тогаш значењето на пораката уште повеќе се засилува. Конечната смисла е отприлика: „проклетите лоши, расипани и зли заколнати непријатели".

Бугарија веројатно нема да реагира на „невообичаениот" стих, зашто ништо повеќе официјална Софија не ја буцка и здоболува посилно од зборот „фашисти". Историјата Софија си ја брише постојано како со гумичка за бришење, иако од под листот пак се појавуваат цртките на зборот. А хартијата е така истенчена ама никако да се дупне од бришење.

Но, таа етапа од историјата во која е пишувано за периодот на фашизмот и Втората светска војна да им ја оставиме на Мешовитата историска комисија. Кога тој период ќе дојде на дневниот ред ќе видиме кој со себе понел молив, а кој гумичка.

Како и да е „македонско име нема да загине", беше пеено и е пеено.

П. Џамбазоски

Почнавме со спротивставени мислења околу Законот за работни односи, со кој недела се прогласува за неработен ден. Завршивме на Уставен суд.

повеќе

Да ги споменеме и другите големи глобални предизвици: големите опасности од еколошка катастрофа; зголемувањето на нееднаквоста во нашите општества; и напливот на нови технологии кои можат да го нарушат светот доколку истите не бидат соодветно користени и контролирани.

повеќе

Им благодарам на Русите како креатори, но посебно на бугарските послушни  извршители за пропагандата што ја водат против Македонија. Што направија?

повеќе