Кој кого штити?

Според Владата не тој што градел на диво во Леуново, туку тој што го издал решението за уривање е виновен

По издаденото решение (на 15 септември) за уривање на девет куќи под хотелот „Радика“ кај селото Леуново, Маврово, кое беше извршно и по кое никој не постапи, второстепената комисија на Владата за инспекциски надзор деновиве го поништи ова решение. Жалбата поднесена од инвеститорот „Радика ресорт“, во сопственост на косовскиот државјанин Шериф Рамука, против кого има и кривична пријава токму за овие градби, комисијата утврдила повреда на постапката на овластениот градежен инспектор на Општина Маврово Ростуше.

Под хотелот Радика веќе се изградени 17 вили, девет се во градба, а планот е тука да се изградат вкупно 87 типски објекти на земјиште кое Општината Маврово Ростуше му го продала на сопственикот на хотелот „Радика“. Инвеститорот, според решението на градежниот инспектор од Општина Маврово Ростуше нема одобрение за градба и имаше 15 дена рок сам да си ги урне дивоградбите. Се разбира ниту тој, ни пак општината тоа го стори, а инвеститорот си продолжи со изградбата и покрај издаденото решение за уривање.

Второстепената комисија оценила дека општинскиот градежен инспектор нецелосно ја утврдил фактичка состојба и го врати предметнот на повторно одлучување.

Локалното население и сопствениците на викендиците веќе подолг период имаат проблеми со со снабдувањето со вода. Поради тоа комуналното претпријатие на општината издаде мораториум за градба во овој дел сè додека не се реши проблемот со водоснабдувањето.

И Електрани на Северна Македонија, државната компанија која стопанисува со Мавровското Езеро има негативно мислење за градба во тој дел од крајбрежјето затоа што е во појасот забранет за градба според котата на нивото на езерото.

Здужението на граѓани Спас за Маврово веќе ги алармираше надлежните државни органи за ова и за непочитувањето на законските процедури за добивање на дозволи за градба, а тоа е барање мислење од Министерството за заштита за животна средина и од Националниот парк Маврово. За вакво мислење со години веќе никој не ги прашува ни во надлежното министерство, ниту пак некој го прашал Националниот парк. А се работи за законска обврска која општината на чело со градоначалникот Медат Куртовски не ја спроведува.

Иако сите овие информации веќе неколку месеци се пред надлежните органи (инспектори, обвинителство, Министерство за правда, Министерство за транспорт и врски, пред  вицепремиерот Љупчо Николовски надлежен за борба против корупцијата и криминалот, пред ДКСК, пред Министерствито за животна средиина...), второстепената владина комисија носи ваква одлука.

Инаку, во врска со случајот со деветте дивоградби на инвеститорот „Радика ресорт“ поднесени се и три кривични пријави.

На 5 октомври двајца управители на „Радика ресорт“ од Леуново добија кривични пријави. Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Гостивар поднесе кривична пријава против две физички лица во својство на управители во правниот субјект ДТТУ „Радика ресорт" ДООЕЛ увоз-извоз. Пријавените во својство на управители во правниот субјект ДТТУ „Радика ресорт“ ДООЕЛ увоз-извоз, во текот на 2017 година свесно и со однапред утврдена намера со цел да се стекнат со противправна имотна корист за себе и правниот субјект „Радика ресорт“ ДООЕЛ, во својство на инвеститори, без да обезбедат одобрение за градење и да платат комуналии, противправно започнале и извеле градежни активности – изградба на девет нови објекти во функција на депанданси на хотел Радика, спротивно на член 57 од Законот за градење.

„И покрај извршениот инспекциски надзор и донесениот записник од страна на Одделението за инспекциски надзор при Општина Маврово и Ростуше за запирање на изградбата, пријавените преку правно лице ДТТУ „Радика Ресорт“ ДООЕЛ увоз-извоз (инвеститор) продолжиле со градежните активности на бесправно изградени објекти, при што извеле изградба на девет нови објекти во функција на депанданси на хотел Радика“, соопшти Управата за финансиска полиција.

На 8 октомври поднесена е уште една кривична пријава за дивоградбите во Леуново, против сопственикот на „Радика ресорт“ Шериф Рамука (42) од Косово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправна градба".

„Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Ш.Р. (42) од Косово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправна градба". Во периодот од 10 јули до 20 септември, на место сопственост на хотел во село Леуново, општина Маврово и Ростуше, Ш.Р., сопственик на фирма, без одобрение за градба издадено од надлежен орган, започнал изградба на осум објекти – бунгалови од цврста градба", соопшти тогаш МВР.

Врз основа на барањето на група граѓани Спас за Маврово во кое беа дадени низа предлози, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција согласно своите надлежности отвори предмет со цел да го испита настанот, информираа од обвинителството пред само десетина дена.

А.Д.

(Насловот е на турски со причина, во превод, „писмо или револвер“.)

повеќе

Со фактот што Европа продолжува да плаќа милијарди долари за рускиот гас секој месец, таа и понатаму игра онака како што свири Кремљ, покажувајќи на тој начин дека е заробеник на сопственото задоволство.

повеќе

Грејната сезона заврши во месец април како и секоја година, но последнава беше со многу проблеми кои произлегоа од енергетската криза, од војната во Украина и генерално од светската економска криза.

повеќе