Според него, може да се разговара за сите други прашања што претставуваат некаков интерес, меѓутоа не и за прашањата кои се наш идентитет и наш јазик.
„Ние остануваме посветени на нашиот европски пат, ќе направиме сѐ за да ги реализираме овие европски аспирации. Како Влада покажавме во изминатите години дека знаеме да решиме прашања, да затвориме тешки прашања, знаеме да ги отвориме перспективите за граѓаните, меѓутоа тоа мора да биде на принципелна основа, на почитување на едни со други, на помирување едни со други и тоа се принципите на кои ќе мора да работиме и понатаму“, изјави Спасовски.
На новинарско прашање да прецизира во кој дел може да се направи компромисот со Бугарија во преговорите, Спасовски рече дека во изминатите три години „подготвени сме на компромиси што се на принципиелна основа, а компромиси не може да има за ништо друго освен за тоа дека треба да се помириме и да ја гледаме нашата перспектива во иднина“.
„Историјата ќе ја оставиме на историчарите и тие нека разговараат за тоа што се случувало во минатото. Ама не смееме да останеме заробени во минатито, туку треба да гледаме во иднината. За нас како Влада, за мене лично како политичар е многу важно каква перспектива ќе оставиме на нашите деца, на младите генерација. Кон тоа треба да бидеме насочени“, додаде тој.
На прашањето дали бугарското „не“ за почеток на преговори со ЕУ може да влијае врз безбедносната состојба, Спасовски вели дека нарушување на безбедносната состојба нема и не може да има.