Писмо до Брисел

Софија од ЕУ бара поддршка на антимакедонската политика

На шест страници со долги историски образложенија за „државна антибугарска идеологија“ во Северна Македонија, Бугарија испрати објаснувачки меморандум до земјите членки на ЕУ во пресрет на одлуката за почнувањето на преговорите со Унијата. Официјална Софија бара поддршка од нив за својата позиција во однос на македонскиот идентитет и јазик.

Софија нагласува дека земјите кандидати не треба да внесуваат отворени спорови во ЕУ, и смета дека несогласувањата со Скопје претставуваат нерешен конфликт кој „би можел при зачленувањето на Северна Македонија негативно да влијае врз носењето одлуки во ЕУ“.

Бугарските власти ја повикуваат Северна Македонија да изнајде долготрајни решенија со искрена политичка волја и храброст и да „раскине со идеолошкото наследство од комунистичка Југославија“. Според Бугарија ова „наследство“ е причина за „етничкиот инженеринг“ во Северна Македонија.

Што се однесува до јазикот, Софија ја доведува во прашање кодификацијата на македонскиот јазик и смета дека тој е регионален дијалект на бугарскиот.

Во меморандумот се наведува и дека формирањето на македонската нација е проект на Белград за поткопување на бугарскиот идентитет. Официјална Софија поставува услови и во однос на малцинствата.

Во меморандумот Бугарија инсистира Договорот за добрососедство да биде дел од Преговарачка рамка за зачленување во ЕУ, Македонија да го спроведува во добра волја, а само земјите потписнички да проценуваат дали договорените обврски се ефикасно исполнети. Бугарија инсистира Македонија да не врши повеќе притисок на темата македонско малцинство преку „инструментализирање на мултилатерални формати и механизми за следење“. Според меморандумот, ова ќе биде предуслов Бугарија да даде согласност за каков било натамошен чекор на интеграцијата на Македонија кон ЕУ.

Бугарската страна на земјите членки на ЕУ им ја пренела позицијата дека „Бугарија не може да дозволи влезот на Северна Македонија во ЕУ да биде користен како платформа за македонизам базиран на антибугарска идеологија“.

Бугарија во меморандумот им објаснува на Европејците дека нивниот Устав предвидува малцинства, но само ако постојат реални разлики што докажуваат различна етничка, религиска и јазична припадност од онаа на мнозинството. Бугарија пишува дека формирањето на македонската нација е проект на Белград меѓу двете светски војни за поткопување на бугарскиот идентитет и за создавање нов јужносрпски идентитет што бил неуспешен, па потоа комунистичкиот лидер Тито форсирал друг нов идентитет, македонски. Според Бугарија, македонскиот јазик или етничка група не постоеле до 2 август 1944 година, а нивното создавање е дел од изградбата на одделен небугарски идентитет, чија цел била да се прекинат врските меѓу населението на тогашната СР Македонија и Бугарија.

„Создавањето на македонскиот јазик во 1944 година во поранешна Југославија беше акт на второстепена кодификација основана врз бугарскиот литературен јазик, дополнително збогатен со форми до домашниот говорен јазик, така симулирајќи природен процес основан на дијалекти. Основите на кои е извршена кодификацијата и начинот на кој е спроведена, сведочат дека официјалниот јазик што се користи во Северна Македонија денес, може да се смета само за пишана регионална норма на бугарскиот јазик“, пишува во меморандумот.

Исто така, Бугарија ја информира ЕУ дека имаат докази дека од помеѓу 1944 и 1946 година во Македонија биле егзекутирани повеќе од 20.000 луѓе кои се идентификувале како Бугари и ја преставувале политичката и интелектуалната елита, односно дека повеќе од 100.000 Бугари биле убиени, затворени, пратени во егзил или во концентрациони кампови.

Од македонското Министерство за надворешни работи велат дека размената на меморандуми меѓу земјите членки е редовен процес и немаат повеќе информации околу документот.

Од институциите на Европската Унија нема реакција засега на овој бугарски документ.

Дипломатски извори за МИА велат дека е нормално на почетокот на дискусиите во ЕУ секоја страна да ги образложи своите позиции, и дека е вообичаено да бидат максималистички, но останува надеж дека ќе може да се најде заеднички прифатливо решение со Софија за да започнат преговорите за членство во Северна Македонија пред крајот на оваа година.

Копретседавачот на Македонско-бугарската Мешовита комисија за историски и образовни прашања од македонска страна, Драги Ѓоргиев за бугарската ТВ Европа, најави дека комисијата ќе се сретне овој месец.

Ѓоргиев притоа потврдува дека Гоце Делчев останува клучното спорно прашање и оти дијалогот за тоа треба да продолжи, а за заканите од Софија за можна блокада на стартот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ смета дека би била погрешна политичка одлука што може да им зададе голем удар на односите меѓу двете земји.

Бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана Красимир Каракачанов пред неколку дена изјави дека Бугарија ќе ја блокира првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со ЕУ, ако мешовитата комисија не постигне согласност за отворените историски прашања.

Според официјална Софија, македонската страна ги избегнува состаноците на историчарите за да не се соочи со решавање на прашањето за Гоце Делчев и со тоа покажува дека нема желба да води искрен дијалог.

Каракачанов порачува дека никој од ЕУ не може да притисне и да и укаже на Бугарија да ја промени позицијата и не може само едната страна да прави компромиси, а другата да прави што сака.

Поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелив, пак, тврди дека Софија нема да става вето и да ја блокира првата меѓувладина конференција на Северна Македонија со Европската унија.

Јас мислам дека тоа нема да се случи. Бугарија секогаш ја поддржувала Република Северна Македонија на нејзиниот пат кон мирен, демократски и европски просперитет. Агендата на Софија кога Бугарија беше претседавач со Унијата го отвори патот на земјите од Западен Балкан кон ЕУ. Бугарија прва ја призна Македонија. Ние сме братски народ. Некои политичари можат да зборуваат како ќе решат, но вистината е дека Бугарија е голем адвокат на соседите, ние сакаме просперитет, а тоа е возможно само со влез во ЕУ, изјави Плевнелиев.

Тој уверува дека Северна Македонија нема да се соочи со блокада од Софија во декември, но сепак потенцира дека прашањето со Гоце Делчев мора да се реши.

Македонскиот државен врв во повеќе наврати јавно го изнесуваше ставот дека не очекува Бугарија да го блокира стартот на преговорите со ЕУ. Официјално Скопје очекува наскоро да биде објавена преговарачката рамка, а меѓувладината конференција за почеток на пристапните преговори со ЕУ да се случи до крајот на годинава.

Десензитивизацијата на Американците кон вртоглаво зголемениот број на жртви во пандемијата ја оправдува познатата опсервација на Јосеф Сталин: „Една смрт е трагедија; еден милион е статистика “. 

повеќе

Практичната имплементација на владината стратегија „едно општество за сите“, која на хартија има добри намери, е засенета од неуспешната борба против корупцијата и организираниот криминал.

повеќе

Веќе четврта деценија штом општеството се фокусира на македонско-бугарските или македонско-албанските односи, на улиците излегуваат навивачките групи со навредливиот репертоар. Спонтано? Ајде, Ве молам.

повеќе