Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија бараат:

Софија да признае вина и да се извини за депортацијата на македонските Евреи во Треблинка

Денешната власт во Бугарија има морална обврска да ја признае вината за депортацијата на македонските Евреи во логорот во Треблинка и,  по примерот на многу европски држави кои биле на погрешната страна за време на Втората светска војна, да ја преземе одговорноста за злосторствата кои нивните претходници, пронацистичката влада, ги направија врз еврејското население во окупираните територии за време на Втората светска војна, порачуваат Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија преку заедничко соооштение .

Еврејската заедница и Фонд на холокаустот на Евреите од Македонија денеска преку заедничко соооштение до медиумите го реафирмираат својот став за улогата на царска Бугарија во депортацијата на Евреите во логорот Треблинка. Поводот, како што се наведува е поради константните и континуирани обиди за наметнување на една „историска вистина" наспроти неспорните и општо прифатени историски факти.

Заедничкото соопштение го пренесуваме во целост:

1. За време на Втората светска војна територијата на денешна Република Северна Македонија, на која живееле околу 8.000 Евреи, е под директна окупација на Царството Бугарија и Италија, кои се сојузници во Oската. Еврејското население кое живее во Македонија за време на Втората светска војна се наоѓа под бугарска окупација. Бугарските пронацистички окупаторски власти веднаш го спроведуваат врз Евреите антисемитскиот Закон за заштита на нацијата со кој на Евреите им се ускратуваат сите граѓански права, се дехуманизираат, се воведува Законот за еднократен данок на имот, со кој „легално" ce ограбени, се задложуваат сите Евреи да носат Давидова ѕвезда, еврејските куќи се обележани, дуќаните затворени, бизнисите и парите конфискувани.

2. Бугарската пронацистичка власт, на чело со Богдан Филов и цар Борис Трети, дава согласност за потпишување договор за иселување (депортација) на Евреите од окупираните територии од страна на Бугарија, но и од самата Бугарија. На 22 февруари 1943 година Александар Белев, комесар за Еврејските прашања и Теодор Данекер, претставник на нацистичка Германија го потпишуваат Договорот за најпрво иселување на 20.000 Евреи од окупираните територии и од самата Бугарија. Согласно со овој Договор, на 11 март 1943 година бугарската пронацистичка војска и полицијата насилно ги собираат Евреите од нивните домови во Скопје, Битола, Штип... и ги транспортираат во привремениот логор, кој служел како транзитен логор, во Тутунскиот комбинат во Скопје – Монопол. Оттаму 7.144 Евреи, или 98% од вкупното еврејско население од тоа време, во три одделни транспорти, на 22-ти, 25-ти и 29-ти март 1943 година, организирани од бугарските окупаторски власти, Комесаријатот за Еврејските прашања и со логистика на бугарската железница се депортирани и предадени на нацистите во центарот за убивање Треблинка. Никој од депортираните Евреи не се врати жив.

3. Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија ги сметаат бугарските пронацистички власти од тоа време за директно одговорни за насилното собирање на Евреите од нивните домови, грабежот врз движниот и недвижниот имот, депортацијата на Евреите од денешна Северна Македонија, Источна Македонија и Тракија во денешна Грција и градот Пирот во денешна Република Србија за време на Втората светска војна. Повеќе од 11.300 Евреи од окупираните територии се насилно депортирани во смрт од страна на бугарската пронацистичка влада од тоа време.

4. Еврејската заедница и Фондот на холокаустот не забораваат и им оддаваат должна почит на македонските граѓани од различни етникуми, знајни и незнајни, кои ги ризикуваа сопствените животи и животите на нивните семејства за да спасат Евреи од сигурна смрт и се прогласени за праведници меѓу народите:

Алипармак Борис и Васка
Рибарев Трајко и Драгица
Сиљановски Стојан
Тодоров Александар и Блага
Хаџи-Митков Тодор и Пандора
Чекада Смилјан

Евреите од Северна Македонија им оддаваат и должна почит на бугарската православна црква, антифашистичката јавност, 43 парламентарци на чело со Димитар Пешев и на други интелектуалци кои со своите заложби успеаја да ја запрат депортацијата и да ги заштитат Евреите од Бугарија од пронацистичкиот бугарски режим, но не и Евреите во окупираните територии.

5. Евреите за време на Втората светска војна активно се влучија во Народноослободителната и антифашистичка војна заедно со своите сограѓани Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, Бошњаци. Многу Евреи го дадоа својот живот борејќи се за слобода. Една од нив е Естреја Овадија-Мара, која загина во 1944 година борејќи се против бугарската окупаторска војска, а подоцна е прогласена за народен херој.

6. Денешната власт во Република Бугарија има морална обврска да ја признае вината и да ја преземе одговорноста, по примерот на многу европски држави кои биле на погрешната страна за време на Втората светска војна за злосторствата кои нивните претходници, пронацистичката влада, ги направија врз еврејското население во окупираните територии за време на Втората светска војна.

Република Бугарија со укинувањето на пресудите во 1996, донесени од Народниот суд во 1945 и аболицирање на злосторниците од Втората светска војна свесно ја прикрива својата мрачна историја и со тоа ја искривува вистината за холокаустот што го направија нивните претходници врз еврејското население во окупираните територии. Ова е во целосна спротивност на дефиницијата на ИХРА за негирање и искривоколчување на холокаустот.

7. Јавно ја повикуваме владата (или официјалните избрани политички авторитети – премиер, претседател, претседател на парламент) на Република Бугарија да се соочат со вистината за холокаустот врз Евреите во окупираните територии, за која пронацистичката влада во Царството Бугарија од тоа време е директно одговорна, и да се извинат и да ја прифатат одговорноста. Колку поскоро демократска Република Бугарија се соочи со болните и мрачни моменти од своето минато, помирувањето е возможно, бидејќи негирањата на злосторствата е прв чекор кон нивно повторување.

8. Овој став во никој случај не смее и не може да биде протолкуван како антибугарски кон денешна демократска Република Бугарија и нејзиниот народ.

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе

Ако не се претвориме во систем на вакцинални касти („Тргни ги твоите Астразенека-шепи од мојот Фајзер-дедо“), може да застраниме кон вакцинални пасоши со сомнителна валидност („Врвката на оваа пропусница не е во нијанса одобрена од СЗО!“).

повеќе

Освен неколку изолирани обиди, повеќето луѓе не реагираат кај институциите и не бараат одговорност. 

повеќе