Брисел инсистира на решение во јуни

Скопје-Софија: Македонија не прифаќа историски прашања во Преговарачката рамка

Додека Брисел инсистира на решение со прашањето со Северна Македонија во јуни, Софија, која и натаму бара исполнување на своите услови, меѓу кои и внесување на Бугарите во Уставот пред почетокот на преговорите, се соочува со распаѓање на владината коалиција откако лидерот на партијата Има таков народ најави повлекување на нејзините министри од Владата, вклучувајќи ја и министерката за надворешни работи Теодора Генчовска.

Во исто време, од македонска страна, министерот за надворешни работи Бујар Османи синоќа беше дециден оти ниту за нас, ниту за ЕУ, не е прифатливо во преговарачката рамка да влезе она што се разговара во Историската комисија и дека тоа не може да биде дел од преговарачкиот процес.

„Неприфатливо е прашањата кои што се однесуваат на Историската комисија да влезат во преговарачката рамка на земјава за членство во ЕУ“, рече Османи, најавувајќи дека очекува денеска да се види со Генчовска.

Османи во телевизиско гостување оцени дека разговорите кои ги водеа со Генчовска изминатиот викенд во Скопје биле добри и конструктивни.

„Се договоривме за начинот на имплементација на договорот со Бугарија, без да навлегуваме во содржината“, рече Османи.

Тој додаде дека „комуницирале во детали“, разговарале за сите прашања, односно за четирите прашања во пакетот и оцени оти имале напредок и разбирање.

„Имавме разлики по одредени прашања, одлучивме да се вратиме во своите централи за дополнителни координации“, информира Османи, посочувајќи дека тие не ја дефинираат содржината на решенијата, туку формата на решението.

Коментирајќи ја завчерашната изјава на бугарскиот премиер Кирил Петков дека имало предлог првата меѓувладина конференција да се одржи откако ќе бидат впишани Бугарите во нашиот Уставот, Османи рече дека бугарскиот премиер бил коректен кога рекол „но, нема договор за тоа“, бидејќи, како што нагласи, тоа е неприфатливо за земјава.

„За нас обратно треба да биде секвенционирањето на чекорите. Ние немаме дилеми дека тоа треба да се заврши, но во однос на чекорите е обратен процес. Ние сметаме дека преговарачката рамка треба да биде заедно во пакет со првата меѓувладина конференција, а потоа да влеземе во процес на уставни измени“, потенцира Османи.

Бугарија, според него, го има правото да го блокира процесот за какви било аргументи. „Така што важно е ние да се договориме што ќе има во преговарачката рамка како предуслови во процесот и да се деблокираат преговорите,“ заклучи Османи.

Прашан во однос на изјавата на Петков дека ветото ќе се тргне кога ЕУ ќе ги гарантира трите услови што ги бара Бугарија, Османи истакна дека ставовите од Софија во изминатите два дена не би ги зел како референтни, оти тоа, како што посочи, во оваа земја има „претешка политичка динамика“.

„Не очекував дека ќе дојде ваква ситуација во бугарската Влада. Јас имав и други извори на информации дека работите не се така лесни. За нас, тие динамики во Бугарија не се важни во смисла на наше вмешување. Јас сум година и пол министер, ако има нов министер, ќе биде четвртиот министер со кого ќе разговарам. Сепак, тоа не придонесува во одржување на динамиката, ќе треба се од почеток“, рече Османи, додавајќи оти оставката на Генчовска е отежнувачка околност.

Според него, треба да се продолжи со обидите и да се искористи овој период до самитот на ЕУ.

Петков, пак, на вчерашната средба во Софија со еврокомесарот за проширување и соседска Оливер Вархеји, рече дека Бугарија има три јасни барања по прашањето на Македонија – почитување на рамковната позиција што ја усвои бугарскиот Парламент, вклучување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија за да се заштитат нивните права, и трето, да се спроведе Договорот за добрососедство.

Тој ги негираше обвинувањата дека неговата влада води две надворешни политики.

Вархеји, пак, оцени дека сѐ уште нема решение за спорот и оти тоа е многу фрустрирачко за ЕУ, бидејќи не може да продолжи пристапниот процес.

„Сè уште ја чекам поддршката од Бугарија и на тоа работиме со сите овие разговори што ги водев овде во Софија, а редовно и во Скопје, конечно да се разјасни и зајакне европската перспектива за Северна Македонија. Би сакале да видиме договорот да биде постигнат во јуни, затоа утрово се среќавам со премиерот и со министерот за надворешни работи, а ќе се сретнам и со претседателот“, додаде Вархеји.

Во меѓувреме, бугарската министерка за надворешни работи Генчовска вчера најави и ја депонираше својата оставка во Народното собрание и кажа дека дознала дека премиерот Петков водел разговори со европски дипломати за тргање на ветото за Северна Македонија.

Генчовска изјави дека постојат записи за средби на Петков со европски дипломати на темата Северна Македонија. Таа нагласи дека од секоја средба има стенограми, со различен степен на доверливост и додаде дека таа лично не присуствувала на сите средби кои Петков ги имал со европски дипломати.

Таа нагласи дека тие записи се од неодамна, се со назнака доверливо, а на прашањето дали се чувствува притисок врз Софија да го крене ветото, таа одговори дека притисокот бил поголем во јануари и февруари, но оти тие од првиот ден ја кажале нивната позиција и сега, како што рече, нивните европски партнери имале разбирање за нив.

Претходно Тошко Јорданов од Има таков народ (ИТН) изјави дека Петков бара начин да ја заобиколи коалициската спогодба за Македонија. Јорданов рече дека наводно се воделе разговори со европските дипломати, а тоа се случувало во изминатите три до четири месеци.

Бугарското собрание има 240 пратеници, од кои 67 се од партијата на Петков, Промената продолжува и 16 од Демократска Бугарија. Овие две партии од владината коалиција имаат помек став во однос на деблокадата на македонските евроинтеграции. БСП и Има таков народ, од каде доаѓа Генчовска, се другите две партии во владината коалиција, кои имаат став како тој на бугарскиот претседател Румен Радев, дека не смее да се тргне ветото додека Македонија не ги исполни условите. БСП има 26 пратеници, а Има таков народ 25 пратеници.

Опозициската партија Движење за права и слободи има 34 пратеници и помек став во однос на прашањето со Македонија. Тринаесет пратеници има партијата Преродба, која се смета за проруска и за која „Македонија е втората бугарска држава на Балканскиот Полуостров“. Најголемата опозициска партија ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов, има 59 пратеници.

Германскиот пратеник и член на Комисијата за надворешна политика на Бундестагот од редовите на ЦДУ, Кнут Абрахам, во разговор за Дојче веле рече дека веродостојноста на процесот на проширување на ЕУ и мотивацијата на Западниот Балкан за такво нешто може да се вратат со почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија.

Осврнувајќи се на претстојната посета на германскиот канцелар Олаф Шолц на Скопје и Софија, во обид да издејствува решение за спорот меѓу двете земји и почеток на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ, Абрахам смета дека притисокот мора да се насочи кон Бугарија.

„Мораме да извршиме огромен притисок врз пријателите во Софија и да им укажеме дека билатералните прашања, како што е македонско-бугарскиот проблем, не смеат да го блокираат целиот процес на проширување на Западниот Балкан“, вели Абрахам.

ЕУ и Германија, според него, имаат механизми да ја натераат Бугарија да го тргне ветото.

Германскиот канцелар Олаф Шолц во сабота доаѓа во посета на Македонија, како дел од неговата турнеја низ земјите од Западен Балкан.

Шолц во Скопје ќе има средба со премиерот Димитар Ковачевски, а планирани се и пленарни разговори на двете делегации. Предвидено е Ковачевски и Шолц да одржат заедничка прес-конференција.

Од Скопје германскиот канцелар заминува за Софија на средби со бугарскиот државен врв.

Во посета на Западен Балкан идната недела доаѓа и претседателот на Советот на ЕУ Шарл Мишел, кој за време на посетата на Северна Македонија ќе учествува на Преспа форумот за дијалог што ќе се одржи во Охрид од 16 до 18 јуни.

 

Војната во Украина ја разоткри вистината за Русија, но и вистината за Европа. 

повеќе

Несанкционирањето на овој говор доведува до повторување, ширење и злоупотреба на овие аномалии како еден вид „нормализиран“ начин во политичката борба против поединци и групи со различни мислења.

повеќе

Потписниците на нотарските изјави дека нема да гласаат за измените на Уставот се подложни на промени за материјално благо.

 

повеќе