Бледски стратешки форум

Скопје и Тирана треба да го добијат ветеното од ЕУ, Пахор повика на старт на преговорите што е можно побргу

Mакедонија и мнозинството членки на ЕУ сметаат дека треба да се тргне бугарската блокада и Македонија да ги почне преговорите со Унијата. Нема друга опција освен европски Западен Балкан и затоа Скопје и Тирана треба да го добијат ветеното од ЕУ и час побргу да го отворат преговарачкиот процес. Оваа порака вчера беше упатена од Бледскиот стратешки форум на кој учествуваа лидерите на земјите од регионот и високи преставници на ЕУ и на државите членки.

Најдиректна порака упати Борут Пахор, претседателот на Словенија чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, кој нагласи дека Скопје направило се, а Унијата не исполнила ништо, со што го нарушила сопствениот кредибилитет. Повика Европската Унија да ги почне преговорите со Македонија и со Албанија што е можно побргу.

„Проблемот веќе не е само политички. Ситуацијата стана многу позагрижувачка за ЕУ. Што направи Северна Македонија за нејзината европерспектива – направи се, и уште повеќе, а што доби за возврат – ништо и уште помалку. Со ова кредибилитетот на ЕУ многу се наруши. Се обидувам да разберам дека проширувањето на ЕУ во моментов не е приоритет, имајќи ги предвид сите проблеми во ЕУ и пошироко. Но сепак, верувам дека постигнувањето прогрес во преговорите со Северна Македонија и Албанија треба да остане приоритет и ова прашање да се затвори“, нагласи Пахор.

Пахор, и претходно, на средбата со премиерот Зоран Заев одржана на маргините од форумот, го афирмира ставот дека Словенија го поддржува европско проширување со земјите од Западен Балкан и очекува, со посредство и поддршка на словенечкото претседателство, да се најде прифатливо решение за блокираниот процес за интеграција на Македонија во ЕУ.

„Словенија и цела Европа поддржуваат решение на предизвиците меѓу Бугарија и Северна Македонија, а актуелното словенечкото претседателство е можност која треба да се искористи за наоѓање решение“, истакнаa премиерот Зоран Заев и словенечкиот претседател Пахор.

Заев и во обраќањето на форумот потенцира дека за нас ЕУ нема алтернатива. „Ситуацијата на Северна Македонија е како кога некој сака да биде прифатен од некое семејство на кое отсекогаш му припаѓа, а Европа е нашето единствено семејство. Ние ќе продолжиме понатаму да ја оствариме нашата определба да станеме следна членка на ЕУ за која што нема алтернатива“, истакна Заев.

Тој посочи дека дека Македонија покажа храброст, ги прифати европските вредности и направи сѐ за да продолжи по европскиот пат, а потсети и дека веќе 16,5 години е земја кандидат и земја која го потпиша Договорот за стабилизација и асоцијација во 2001 година веднаш по Словенија, а пред Хрватска. Тој ја поздрави определбата на Словенија за време на нејзиното претседателство со ЕУ да спроведе храбри одлуки и решенија во корист на проширувањето.

Словенија го постави проширувањето на ЕУ како свој приритет и ќе работи процесот да се забрза. Премиерот Заев, неговиот словенечки колега Јанез Јанша и еврокомесарот Оливер Вархеји се согласни дека земјите од Западен Балкан треба што е можно поскоро да станат членки на Унијата и оти пречките што се исправија пред овој процес може да се отстранат и за тоа постојатот позитивни примери од поблиското минато.

Заедничка констатација на нивната средба во Блед е дека нема простор за други опции освен европски Западен Балкан, а Скопје и Тирана да ги почнат преговорите час поскоро.

До крајот на годината има доволно време Бугарија и Македонија да го изодат патот до решение кое ќе ја забрза европската интеграција на цел регион и дека решенијата подразбираат грижа за себе, но и грижа за другиот, оценија Заев, Јанша и Вархеји.

Бугарскиот претседателот Румен Радев, кој исто така учествуваше на Бледскиот стратешки форум, изјави дека притисокот врз Бугарија во наредните месеци на темата Македонија ќе продолжи да се зголемува.

„Очекувањата за компромис со Бугарија растат, бидејќи во последните години односите со Скопје се во ќорсокак и Софија остана изолирана“, објасни Радев.

Според него, Резолуцијата која во јули беше изгласана во Парламентот во Македонија го зацементира неспроведувањето на Договорот за соседство од 2017 година. Радев смета дека Резолуцијата ги истакнува јазикот и идентитетот како црвени линии за кои Скопје нема да преговара со Софија.

Повтори дека главен приоритет на бугарската надворешна политика останува европската интеграција на Западен Балкан и дека Бугарија е најзаинтересирана Македонија да стане членка на ЕУ, но да ги исполни своите обврски. Радев, исто така, очекува заштита на правата на луѓето со бугарска самосвест во Северна Македонија, елиминација на негативната слика за Бугарија во учебниците, спомениците и медиумите и прекин на говорот на омраза.

Бугарскиот претседател им се заблагодари на претседателот на Македонија Стево Пендаровски и на премиерот Зоран Заев за продолжувањето на дијалогот на највисоко ниво, во која насока се систематските напори на преодната влада на Бугарија.

Македонскиот премиер Зоран Заев во изјава за БНТ изрази надеж дека Бугарија наскоро ќе има стабилна влада со цел да ги продолжи разговорите за европската интеграција на Скопје.

Поддршка за почеток на пристапните преговори вчера дојде и од Данска. Данскиот министер за надворешни работи Јепе Кофод кој беше во посета на Скопје, оцени дека Република Северна Македонија е подготвена да почне со преговори за членство во Европската Унија и очекува тоа да се случи до крајот на годинава, а зад одлуката да застанат сите 27 земји членки на ЕУ, вклучувајќи ја и Бугарија.

„Сметаме дека Северна Македонија е подготвена да почне со преговори за членство и ние за тоа ќе се залагаме.  Се надевам дека разговорите меѓу Северна Македонија и Бугарија ќе дадат резултат. За нас е многу јасно дека сте подготвени за членство. Се надевам дека подоцна оваа година или што е најрано можно ќе донесеме одлука и се надевам дека сите 27 земји членки на ЕУ вклучително и Бугарија ќе застанат зад таквата одлука“, рече Кофод на заедничката прес конференција со шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.

Европската перспектива на Македонија мора доследно да се реализира според одлуката на Советот на ЕУ, со оглед на постигнатите резултати во спроведувањето на европската агенда, порача Кофод.

Османи, пак, повтори дека Скопје продолжува да работи на сите можни фронтови за побрзо да почнат преговорите. Вели дека иако политичката ситуација во Бугарија е доста комплексна, со оглед дека таму ќе има трет изборен циклус, земјава ќе продолжи да работи и со Софија и со европските партнери, со цел побрзо почнување преговори за членство во ЕУ.

„Јас сум оптимист по природа, но од искуството од претходните месеци, сигурно нема да биде така  лесно да се стигне до решение. Но, ние ќе продолжиме да работиме и со Република Бугарија, и со европските партнери. Присуството на министерот Кофод овде, неговите силни зборови на поддршка, неговата констатација дека земјата заслужува почеток на преговори, е навистина силна порака која што одекнува секаде низ ЕУ, а верувам дека и во Република Бугарија бидејќи не е прашање само на тоа дали Република Северна Македонија ќе ја одржи првата конференција оваа година, туку која е перспективата на регионот по однос на Унијата и кој е кредибилитетот на целиот овој процес“, рече Османи.

Според него, пораките што ги упатија Кофод, а ден претходно и шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, се силни пораки кои охрабруваат и даваат оптимизам дека земјата е на вистинскиот пат.

„Тоа се навистина силни пораки коишто ме охрабруваат мене, ми даваат повеќе оптимизам, но е најважно ги охрабруваат граѓаните дека оваа земја е на прав пат, дека е подготвена, има перспектива и не е прашање дали ќе ги започне преговорите и дали ќе стане членка на ЕУ, туку кога тоа ќе се случи и на тоа работиме на сите можни фронтови за да биде што побрзо“, истакна Османи.

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров, пак, вели дека досието на Северна Македонија е одлучувачко за одржување на динамиката во процесот на проширување и кредибилитетот на ЕУ во регионот.

„Отворањето на пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ е прашање кое тежи и на страната на Унијата бидејќи претставува тест за валидација на европската перспектива на регионот, а има одраз и врз цврстината на постулатите на Унијата како заедница на вредности. Придвижувањето на евроинтегративниот процес врз основа на објективно вреднување на копенхашките критериуми ќе внесе нова енергија и доверба за зајакнување на европската идеја за обединување, што е неопходно и во контекст на внатрешните процеси што се одвиваат во рамки на Унијата“, истакна Димитров на средбата со данскиот министер за надворешни работи Јепе Кофод.

Тешко е да се очекува дека ветото ќе биде туку-така тргнато. Дури и кога би се постигнал некаков договор, тоа би значело дека Македонија направила тешки и болни компромиси за да дојде до решение, имајќи ги предвид тврдите позиции на Бугарија.

повеќе

Лошите прогнози за инфлацијата и зголемувањето на цените на сите енергенси, не упатува кон еден заклучок - обновливите извори на енергија, заедно со вложувањето во самоодржливост и економијата на подарувањето сега се позначајни отколку кога и да е претходно.

повеќе

Неделава во Тирана за првпат 31 прехранбена и 6  дистрибутивни компании од регионов заеднички ќе настапат на саемот во организација на Коморскиот инвестициски форум кој го предводиме ние.

повеќе