СЈО отвора нови предмети од снимките што досега не биле јавно објавени

Специјалното јавно обвинителство од 15 септември конечно ќе работи во новите простории, каде што условите за работа ќе бидат многу подобри од сегашните и каде што конечно ќе биде инсталиран специјалниот софтвер што ќе овозможува многу полесно следење на сомнителните банкарски трансакции во Македонија и во странство.

Она што останува како сериозен проблем во нашето секојдневно работење е селективниот пристап на судот во однос на нашите предмети, неприфаќањето на нашите предлози за притвор или за мерки на претпазливост, вели Ленче Ристоска, обвинителка и портпаролка на СЈО.

„Се прави позитивна дискриминација на нашите предмети, на нашите осомничени лица. И кога постојат очигледни причини за изрекување мерки на претпазливост, тоа не се прави. На побанални предмети се одредуваат мерки на претпазливост, а за нашите, кои се сериозно поткрепени со докази, нема. Но тоа не е наша работа, тоа е работа на надлежните органи, на Судскиот совет, да го увидат тоа и да реагираат. Ние нашето и натаму без никакви фрустрации професионално го спроведуваме. Ние не бараме специјален третман, туку само професионален одговор на судските органи на нашите предмети. Ние не се обесхрабруваме од ваквите постапки на судот. Одговорноста за тоа е на друга страна. Нашата одговорност е да одговориме на зададената задача“, вели Ристоска.

Куриозитет во овие случаи е и едно лице, за кое не биле прифатени бараните мерки за претпазливост, да добие работа во странство. А од таму, навистина потешко ќе биде тоа лице да се покани за да присуствува во евентуалниот судски процес, велат во СЈО.

До 15 септември СЈО треба да го подготви извештајот за работата во првото шестмесечие. Во овој извештај ќе се најде и податокот дека специјалните обвинители веќе водат предистражни постапки и за случаи што произлегоа од прислушуваните разговори што досега не беа објавени. Засега, обвинителката Ристоска, на оваа тема не сакаше ништо да открие.

Во СЈО продолжуваат да ги докомплетираат веќе отворените предмети, се оформуваат нови, а продолжува и преслушувањето на добиените снимки од прислушуваните разговори.

Во однос на пристрасноста на работата на СЈО и реакциите во јавноста, особено по отворениот случај со тендерот за транспорт на ученици во општина Битола, Ристоска вели дека сите споредби со цените за транспорт на учениците во Куманово и во Струмица не се соодветни.

„На пример, во случајот Пуч не беше наша вина што судот не ни ги даваше доказните материјали. Кога ги добивме материјалите, случајот го отворивме и еве веќе на 16 септември е закажано рочиштето и ќе се види дали сме пристрасни. Што се однесува до споредбите на цените за превоз на ученици во општините Куманово и Струмица со оние во Битола, некој изгледа намерно заборава дека нашата работа е отворање истраги за сомнежите што произлегуваат од прислушуваните телефонски разговори. Досега, снимки кои укажуваат на злоупотреби на градоначалниците во Куманово и Струмица со тендерите за превоз на ученици не сме сретнале. Ако произлезе такво нешто од снимките што досега не се преслушани, се разбира дека веднаш ќе отвориме предистражни постапки“, вели Ристоска.

Во однос на рокот од 18 месеци за покренување обвинение, во СЈО велат дека тоа е навистина малку. „Една истрага вообичаено трае една година или година и пол. Ние со сите проблеми што ги имавме во однос на просторот, екипирањето, временото запирање на некои истраги по аболицијата... со вистинска работа почнавме подоцна од времето на основањето на СЈО. Се работи за навистина големи случаи, за обемни материјали, за сериозни истраги, доаѓаат нови околности на одделни случаи, ја гледаме и селективната примена на законот, времето нѐ притиска... рокот е навистина краток. Но, и тоа, промената на рокот не е наша работа. Ние не гледаме на тоа. Ние гледаме да си ја завршиме нашата работа“, изјави за МКД.мк обвинителката на Специјалното јавно обвинителство Ленче Ристоска.

А.Д.

Концептот е насочен кон креирање на оптимален даночен систем, кој ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на нашите граѓани.

 

повеќе

Иако е важно да бараме решенија за нашата заедничка историја и да се обидеме да ги разликуваме фактите од пропагандата, зарем не е исто така важно да научиме да живееме заедно и покрај нашите различни и силно политизирани гледишта?

повеќе

Нашето општество е социјално неправедно, а социјалната неправда е, и ќе биде погубна.

повеќе