Во собраниската сала се дебатираше за изборот на Фатмир Скендер и Татјана Васиќ Бозаџиева за членови на Уставниот суд.
Во попладневниот дел од денешното продолжение на седницата во салата беа присутни мал број пратеници и главно пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ упатуваа критики за компетентноста на Татјана Васиќ Бозаџиева.
„Уставниот суд ќе продолжи да биде партиско собиралиште на членовите на СДСМ и ДУИ. Нема независен уставен суд, ако судиите се зависни“, потенцираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Според пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ одлуката со која се избрани уставните судии е незаконска. Посочија на Извештајот на ЕК каде, како што велат, за избор и именување на уставен судија се бара стручност и компетентност, а не изборот да се заснова на политичка основа.
Пратениците од владејачкото мнозинство, пак, потенцираа дека ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да функционира судството и зад себе имаат, како што велат, голем криминален багаж. Според нив, целта на ВМРО-ДПМНЕ е да предизвика општа криза во државата, како парламентарна криза, политичка криза и сега сакаат да се предизвикаат и уставна криза.