Симовски: За 24 часа самопопишани над 10 илјади лица, системот е заштитен

За 24 часа попишани се над 10 илјади лица и системот функционира добро. Малите неправилности забележани во првите часови се отстранети и сѐ е решено, вели директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски во изјава за МКД.мк.

Според Симовски, системот за попишување е одлично заштитен, а за секој оној што се обидува да го изманипулира системот, односно од својот компјутер во Македонија да се регистрира како дијаспора ќе има кривична постапка. По укажувањата дека секој граѓанин во земјава со бесплатно инсталирање на ВПН може да се попише како да живее во странство, Симовски вели дека таквите манипулации лесно се откриваат и програмерите што ја изготвиле апликацијата за самопопишување оставиле таква можност за откривање.

„И јас ги видов предупредувањата од програмерите, но тврдам дека лажни податоци во системот не можат да бидат внесени, бидејќи некој може да се регистрира и да си мисли дека внесол лажни податоци, но самиот систем ќе покаже дека податоците не се веродостојни. Овие случаи ќе ги регистрираме како намерен упад во апликацијата“, ни изјави Симовски.

Според него, за сите што се обидуваат да приложат лажни податоци во системот ќе биде покрената кривична постапка.

Од Државниот завод за статистика се огласија и со соопштение во кое велат дека објавите за наводно пробивање на Апликацијата се неточни и десктруктивни.

„Во врска со внесувањето на податоци преку VPN, односно прикриена IP адреса, самото користење на таква алатка за внес на податоци во Пописот се смета за спротивно на Законот за Попис  и  Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на Пописот 2021, и може да подлежи на санкции, од причина што претставува лажно претставување и лажно давање податоци.

Со самиот внес на податоците на таков начин, не значи дека тие автоматски влегуваат во резултатите од Пописот, напротив, сите податоци внесени преку апликацијата подлежат на проверка и споредување  со претпописната база на податоци, со податоците што ќе се приберат со попишувањето на терен на целата територија на Република Северна Македонија, а сè со цел утврдување на вистинитоста на податоците.

Секој податок за кој ќе се утврди дека е лажен, нема да биде земен предвид при обработката и воедно тоа ќе претставува кршење на правилата на Пописот и е казниво со Закон.

До апликацијата може да се пристапи само со IP адреса од странство. Пристапот од Република Северна Македонија е оневозможен, токму поради тоа што Апликацијата е наменета само за државјаните на РСМ кои живеат надвор од РСМ, но секое нарушување на процесот на прибирање податоци е казниво со Законот за Попис“, пишува во соопштението.

Во него се цитира член 49 од Законот за Попис на населението, според кој, „тој што ќе уништи, прикрие, оштети, преправи или на друг начин ќе стори да бидат неупотребливи внесените податоци на пописната апликација, ќе се казни со казна затвор од најмалку три години“.

Од Државниот завод за статистика потсетуваат дека при регистрацијата на корисникот и при секој внес на податоците од страна на корисникот, во апликацијата автоматски се запишува од која ИП адреса се внесени податоците.

„Со пријавувањето на Апликацијата корисникот се регистрира и остава свој ЕМБГ, е-маил адреса, која се верификува со праќање на и-мејл за верификација и телефонски број на корисникот.

Пред да се запишат податоците за регистрација во Апликацијата, корисникот  селектира дека е согласен со Уловите за користење.

Собраните податоци преку Апликацијата за самопопишување ќе се споредат со податоците од претпописната база на податоци. Бројот на самопопишани лица преку Апликацијата за самопопишување не значи по автоматизам број на резидентно население на  Република Северна Македонија.

При внесот на адресата, освен улица, не е задолжително полето број и стан, бидејќи во некои населени места - села не постои улица, број и стан“, се додава во соопштението.

Ж.П.Б.