„Ново губење часови, откако изминатите две години наставата се одвиваше во отежнати услови поради пандемијата е на штета на децата. Особено голема штета може да им биде нанесена на илјадници матуранти, бидејќи се поблиску се роковите за полагање матура и завршен испит. Правото на образование е загарантирано со Уставот, исто како и правото на штрајк, но штрајкот не смее да биде на штета на децата, а учениците и нивните родители да се држат во неизвесност“, рече пратеничката на прес-конференција.
Шкријељ нагласи дека е неопходно раководството на СОНК да го прекине штрајкот, да овозможи учениците да се вратат на училиште, а своите барања да ги остварува во дијалог со надлежните институции.
„Владата веќе понуди конкретно решение, а тоа е зголемување на платите во висина од 10 отсто, односно плати повисоки од 2.500 до 3.000 денари по вработен и тоа во време на криза. Одбивањето на овој предлог е неконструктивно, прво, затоа што законските рокови за усогласување на платите од 6 месеци се уште не се истечени. Второ, затоа што токму СДСМ во изминатите 4 години ги зголеми платите во образованието за 21% и токму оваа политичка опција е посветена на покачување на платите во сите сектори“, рече пратеничката.
Таа го повика раководството на СОНК да се врати на дијалогот, не само за покачување на платите, туку, како што нагласи, и за нов општ договор и нова методологија за постојан раст на платите во образованието и детската заштита.
Платите во образованието ќе се зголемат, ќе има нова методологија за постојан раст на платите, но наставата мора да продолжи, рече Шркијељ.