По средбата со Османи

Шаленберег за спорот со Бугарија: Сите делчиња од сложувалката се на масата, треба само уште да ги сложиме

Австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг допатува во Скопје со порака дека Македонија и Албанија треба што побрзо да ги почнат преговорите зашто никогаш досега не било толку важно да се реализира проширувањето на ЕУ како најважен инструмент против војната на европско тло.

Шаленберг во Скопје допатува од Бугарија, но на прашањето дали е извршен притисок Софија да се откаже од ветото тој одговори: „Разберете дека интензивните разговори што вчера ги имав во Софија, а денес во Северна Македонија, се доверливи, но јас сум охрабрен дека ситуацијата е веќе напредната.

Можам да кажам дека сум охрабрен затоа што ситуацијата веќе изгледа поинаку и мислам дека веќе е напредната во споредба со минатото. Од моја страна знам дека говориме за фрустрации, за рокови, знам дека говориме за разочарувања, меѓутоа за Австрија тоа е геостратешка фиксна задача овој регион мора да биде дел од ЕУ.

Денеска сум во Скопје и навистина ме охрабрува што гледам дека се приближуваме кон решавање на проблемот. Сите делчиња од сложувалката се на масата и сега треба само уште да ги сложиме. И се надеваме дека уште пред почетокот на летото ќе дојде до тој почеток. Австрија сака да даде свој придонес и ќе биде солидарна со Северна Македонија во тие чекори пред преговорите, бидејќи тоа е геостратешка неопходност. Вие сте непосредни соседи на ЕУ, опкружени сте со земји членки на ЕУ. Сите земји кои досега не пристапиле, редно е да пристапат кон Унијата“, изјави Шаленберг.

Тој додаде дека преговорите траат со месеци, со години, но оти не може едната страна да попушти, а другата да добие.

„Тоа се некои мали нешта што треба уште да се решат меѓу Софија и Скопје. Но, сметаме дека не може едната страна да попушти, а другата да добие. Ние сметаме дека тука треба да има заеднички јазик. Да, ова се навистина чувствителни прашања. Јас доаѓам од Централна Европа каде што исто така се соочувавме со вакви проблеми, особено во почетокот на 2000 година. Меѓутоа, ЕУ е таа која што е рамката каде што треба да се дискутираат овие прашања и каде што треба да се рационализираат овие прашања. Тоа е всушност пристапот што ние го поддржуваме. Мислам дека и во разговорите со многу претставници ќе гледаме каде можеме ние да помогнеме во тие чекори, меѓутоа уште еднаш би сакал да нагласам дека двете влади, двете држави веќе ги имаат составните делови од сложувалката. Сега е време да се сложат истите“, порача тој.

Шефот на австриската дипломатија потсети дека на овие држави им е ветена европска перспектива и оти зборот ќе се одржи.

„Имаме две земји што веќе ги почнаа преговорите и две држави што треба да ги почнат, и тие две држави навистина треба веќе да создадат факти – Албанија и Северна Македонија треба да направат чекор напред и да почнат конечно со преговорите, подвлече тој.

Шаленберг рече дека ниту една држава досега не придонела толку за стабилноста во регион како Македонија.

„Северна Македонија е пример за тоа како земја што треба да и пристапи на Европската Унија. Го сменивте името, дадовте голем придонес за стабилноста. Ова треба да биде тест и за ЕУ. Унијата треба да покаже дека постои геополитичка сила да направи соодветен чекор и дека треба да направи чекор кон нов процес. Не постои всушност политички вакуум, ние треба да придонесеме кон нов стабилен модел, или ние ќе испорачаме тука или ќе се соочиме со некои други држави коишто може ќе нанесат и нестабилност“, додаде Шаленберг.

Според Османи, Австрија е стратешки партнер заради конзистентноста и поддршката што ја дава на Западен Балкан и посебно за Македонија и таа конзистентност се манифестира и во Брисел, во Скопје и Софија и затоа сме благодарни.

За најавата за прекин на прекин на преговорите со Бугарија, Османи нагласи дека тоа не е ни ултиматум ни уцена туку одраз на една реална состојба и разочарување.

„Ние сега говориме за почеток на преговори. Тоа не е ни уцена ни ултиматум. Бараме да влеземе во процесот на преговори, а дебатата за иднината на ЕУ нека се одвива“, рече Османи.

 

 

Ние сме земја што први во Европа имаме стратегија за интеркултурализам.

повеќе

Францускиот предлог претставува директно рушење на основните темели на ЕУ.

повеќе

Од мали нозе ги заобиколуваме правилата на игра, па не е ни чудо што потоа се сопнуваме кога ќе истрчаме на терен.

повеќе