Интервју со министерката за труд и социјална политика

Шахпаска: Смислата за продолжено користење породилно боледување е изгубена со отворањето на градинките

Будно ја следиме состојбата и како ќе се движи епидемиолошката состојба, така ќе ги носиме мерките. Но, во моментов не гледам причина зошто не би стартувале со мерката донесена со одлуката на Владата и хронично болните што имаат стабилна хронична состојба на својата болест да се вратат на своите работни места, вели министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска во интервју за МКД.мк. Отворањето на градинките значи влегување на децата во градинка, а на нивните родители враќање во работниот процес. Тие, според Шахпаска, кога состојбата налагаше така, до шест месеци седеа на продолжено породилно боледување и време е да се вратат на своите работни места.

Утре со одлука на Владата на работа се враќаат мајките што беа на породилно отсуство, како и хронично болните лица, освен оние што имаат потврда за влошена здравствена состојба. Состојбата последниот период е лоша со оглед на зголемениот процент на заразени, како и на починати лица. Сметате ли дека оваа мерка е рационална и дека нема да ја влоши состојбата?

Можам одговорно да кажам дека однесувањето на Владата во изминатиот период, особено од моментот кога донесовме одлука на 2 септември дека градинките ќе стартуваат со работа, будно ја следиме состојбата во државата, односно пред сѐ епидемиолошката состојба што ги дава насоките како ние како организирано општество, како држава, како влада што носи одлуки, треба да се однесуваме. Оценката за отворање на градинките беше направена врз основа на следењето на состојбата и еден мирен период што претходеше на тој процес и врз основа на процената на здравствените власти што констатираа дека оваа група на деца што одат во предучилишна установа се деца што треба први да ги вратиме во нормалниот систем на функционирање на општеството, но секако, според протоколите што треба да се применуваат во градинките.

Овој протокол, којшто е усвоен уште на 29 мај, многу јасно ги прецизира условите како треба градинките да се подготват во однос на дезинфекција, подготовка на простории, во однос на подготвеност на персоналот, во однос на подготвеност на број на деца што треба да бидат прифатени, односно во форматирањето на групите колку дечиња треба да примат. И врз основа на тој протокол донесена е одлуката и врз основа на процена на епидемиолошката состојба да се отворат градинките.

Во претстојниот период, кога гледаме дека трендот на пандемијата оди по нагорна линија и се влошуваат епидемиолошките показатели, ние будно ја следиме состојбата и како ќе се движи епидемиолошката состојба, така ќе ги носиме мерките. Во моментов не гледам причина зошто не би стартувале со мерката донесена со одлуката на Владата хронично болните што имаат стабилна хронична состојба на својата болест да се вратат на своите работни места. Исклучок е направен за оние хронични болни на коишто во моментот здравствената состојба им е влошена и за тоа имаат потврда од нивниот специјалист, којшто се грижи за нивното здравје.

Велите мирен период, ама веќе има случаи на заболени во градинките. Влијаат ли тие случаи на оваа одлука и за евентуални промени?

Како Министерство за труд и социјална политика уште од моментот на носење на одлуката за отворање на градинките ние сме дневно во контакт со сите градинки во државата. Во државата во моментов има 311 објекти за згрижување деца. Ние секој ден ги слушаме раководните лица во градинките и добиваме пресек на епидемиолошката состојба во градинката, појавата на сомнителни случаи за корона, појавата на позитивни дијагностицирани случаи, така што во моментот таква состојба има само во неколку градинки. Од 311 објекти мислам дека само во осум имаме исклучок од нормалното функционирање. Досега има позитивни 3 дечиња во Струмица и уште едно дете во „13 Ноември“ во Скопје. Тука е и податокот за воспитувачките во битолска детска градинка заради кои уште 6 нивни колешки беа ставени во изолација, па градинката во Свети Николе која не ни стартуваше заради сомнителен вработен, па се испостави дека е позитивен. Така што секој ден ја следиме состојбата будно и во тек сме со сите случувања. Дополнително како МТСП испративме инспектори од детска заштита на лице место да утврдат каква е состојбата во градинките во однос на преземање мерки согласно со протоколот, во однос на почитувањето на препораките за однесување на вработените, препораките за однесување на родителите кога своите деца ги даваат во градинките и овие инспектори на терен се заедно со инспекторите од Државниот здравствен и санитарен инспекторат со кои исто така имаме дневна комуникација и коишто се задолжени за спроведување на протоколот. Информирани сме за сѐ што се случува, будно ја следиме состојбата и ќе се однесуваме онака како што ќе ни наложи епидемиолошката состојба. Прво и основно е заштита на здравјето на дечињата, но исто така е важно да го зачуваме здравјето и на вработените во градинките и родители што од надвор ги носат своите деца.

Во овие 311 објекти се вклучени и приватните градинки?

Тоа се вкупно основани од страна на државата, инаку има и дополнително околу 36 приватни градинки, чиј вкупен капацитет во нормални услови, надвор од корона, е околу 1.500. Во овој момент исто се отворени и приватните градинки, оние што ги исполнуваат условите согласно со протоколот. Меѓутоа, кај нив капацитетот е секако помал, исто како и во јавните градинки што почнаа со работа.

Со нив имате иста комуникација во однос на протоколот?

За сите во државата важи протоколот. Тој е препорака на здравствените власти. Тој е усвоен уште на 29 мај и сите како чинители на процесот на згрижување деца имавме доволно простор да се подготвуваме за отворањето на градинките.

Колкава е бројката на лицата од тие две категории, мајките што беа на породилно отсуство, како и хронично болните лица, кои в среда се враќаат на работните места?

Бројката на родители што користат продолжено породилно боледување е променлива бројка од месец до месец. Ние калкулираме со некои бројки што ги добиваме од други институции и не сакам да шпекулирам со бројки зашто таа бројка ја има друга институција, Фондот за здравствено осигурување, а во однос на бројот на хронични лица за кои ќе прекине мерката на 23 септември треба да се побара од електронскиот систем за закажување Мој термин, којшто е ингеренција на Министерството за здравство.

Вчера мајките што се на породилно отсуство одржаа нов протест. Се прават списоци на деца што се одбиени за престој во градинките и тој ќе биде доставен до надлежните институции. Може ли ова да влијае за промена на одлуката за враќање на работа на оваа категорија на лица од среда?

Имавме средба со мајки што користат продолжено породилно, заедно со министерот за здравство Венко Филипче, кога беше првиот протест, и не бегаме од соочувањето со нив да разговараме за овие прашања.

Со отворањето на градинките, вклучително и на јаслите за деца од 0 до 2 години се создава простор за дечињата чии родители користат продолжено породилно отсуство заради короната и кои треба да бидат вратени на своето работно место. Отворањето на градинките значи влегување на децата во градинка, а на нивните родители враќање во работниот процес. Врз основа на процена на Комисијата за заразни болести, протоколот за сместување на деца во јасли од 6 е зголемен на 12 деца во група и оттука капацитетот за прифаќање на овие деца е поголем. Смислата за продолжено користење на породилно боледување е изгубена со отворањето на градинките.

Од друга страна, сметам дека овие родители кога состојбата налагаше така, до шест месеци седеа на продолжено породилно боледување. И време е да се вратат на своите работни места. Јас можам нив многу добро да ги разберам, јас сум мајка, сум била соочена со истото чувство кога треба вашето дете првиот ден да го однесете во јасли и да му го предадете на воспитувач, што претставува емоционален стрес не само за детето, туку и за родителот.

Јас поминав низ тоа искуство, на осум месеци моите ќерки ги внесов во јасли заради тоа што мојата работа не трпеше одлагање, работев како лекар во Итна медицинска помош и мораше да се вклучам во сменската работа во старт. Сакам да ги поттикнам родителите, мајките пред сѐ, да размислуваат дека треба да се вратат на работа, на овој начин со враќањето на своите работни места тие го штитат и своето работно место. Ние цело време говориме за родова еднаквост, цело време говориме за рамноправно учество на жените на пазарот на трудот. Ставете се во ситуација на некој работодавец на кого работникот ќе му отсуствува повеќе од она што е регуларно породилно боледување, толеранцијата за 13, 15, 18 месеци и ќе се согласите дека постојат производствени работни процеси кои не трпат отсуство на која било алка од тој синџир на нормално функционирање на работниот процес. Мислам дека и за нив е подобро ден поскоро да се вратат на своите работни места и да се реализираат во она што е нивна професија.

Од друга страна, општините се основачи на установите за сместување деца од предучилишна возраст и тие го имаа на увид протоколот за сместување деца во градинки, знаеја колкава е бројката на деца што согласно со протоколот беше многу мала во однос на регуларните услови, кога нема коронавирус, и знаеја дека врз основа на таа бројка треба да се создадат дополнителни, алтернативни услови за сместување на децата со оглед на правилникот за нормативи и стандарди за згрижување на деца во претшколски установи. Значи, одговорноста е споделена, основачи на градинките се општините, а Министерството ги координира сите работи и целта е на еден безбеден координиран начин, штитејќи го здравјето на децата, овој процес да стартува.

Кој е проблемот со одбивањето за згрижување на некои деца, како што се жалат мајките?

Ние правиме анализа на дневно ниво и на отворањето на градинките на 9 септември бевме на терен и првиот ден. Ја следиме состојбата, постојано сме на терен и ги имаме информациите на дневно ниво и утврдивме дека не е исполнет капацитетот со деца во која било група, вклучително и на групата од 0 до 2 години.

Информациите што доаѓаат од градинките се дека има запишани деца, но родителите не ги носат. Оттука како влада препорачуваме влезен критериум за запишување да бидат децата што имаат самохран родител или што имаат двајца вработени родители. Тоа е приоритетот на деца што треба да влезат во градинка. Апелираме до граѓаните за поголема општествена одговорност и за солидарност со родителите на кои навистина им е неопходно нивните деца да бидат сместени во градинка. Ова е процес што е нов и непознат за сите затоа што пандемијата е предизвик не само за нашата држава, туку за целиот свет. Нашите информации говореа дека не се исполнети капацитетите и тоа е изјавата со којашто излегувавме во јавност. Дополнително со дополнување на протоколот за уште 6 деца во јасли се создаде можност за поголем опфат на деца од 0 до 2 години во јасли.

Вака излегува дека имате различни информации, Вие велите дека има место во градинките и во јаслите, мајките велат дека има голема листа на родители што чекаат или се одбиени од градинките и сега се дојдени во ситуација да избираат меѓу работата и детето и велат дека ќе се определат за второто. Но што понатаму кога нема да имаат плата и средства за егзистенција, па може да се претворат во социјални случаи?

Листи на чекање за упис во градинка постоеле отсекогаш, и кога не бил коронавирусот. Факт е дека ја имаме бројката што ја добивме пред отворање на градинките, околу 8.000 деца што се на листа на чекање за влез во градинка и сега аргументот да ја искористиме короната како аргумент државата по секоја цена да ги смести овие деца не држи.

Во изминатиот период како влада направивме вонредни напори и отворивме 43 градинки, реконструиравме постојни објекти и го зголемивме опфатот на деца во градинките. Во нашата владина програма предвидовме дека наша цел ќе биде до крајот на 2024 година да го зголемиме опфатот на деца во претшколски установи до 60 проценти. Европскиот е над 90 проценти, но ние како држава барем да се приближуваме чекор по чекор кон европскиот просек. И оттука нашите планови се 7.500 деца да ги сместиме во постојниот мандат во градинки.

Ние како МТСП постојано имаме објекти што се градат, имаме готови објекти за кои потпишавме решенија за нивно отворање. Тој процес ќе продолжи, па до крајот на година 450 до 470 деца ќе бидат дополнително опфатени во градинките. Но пред сѐ е најважно здравјето на децата, мора да го почитуваме протоколот за безбедно сместување на децата во градинки и доведување на најмал ризик од инфекција. Од друга страна, одредивме приоритет за родителите и од трета, препорака на општините како основачи да учествуваат во менаџирање на овој процес. Тука не може да биде сама влада или министерството.

Ова се одлуки што ги носиме заедно и сите треба да учествуваме во нивното менаџирање. А тоа дека мајките ќе си ги остават децата и ќе бидат социјални случаи, па нели ние ставаме приоритет на самохран родител, дека детето треба да му е сместено во градинка. А ако двајцата родители се вработени, не се социјални случаи кога едниот работи. Мислам дека се користи моментот преку пандемијата да се наметнат некои други аргументи кои што реално во практика не се такви. Одговорно тврдам дека како МТСП испративме екипи не само за почитување на протоколот, туку да се провери дали запишаните деца се согласно со приоритетите.

Дали сте ги посетиле градинките за да се уверите од прва рака колку деца се одбиени и не се примени во градинка?

Работиме и на тие информации, но ако тргнеме од фактот дека пресекот што го правевме уште пред отворањето на градинките на дневно ниво се разликуваше. Овде заедно со секторот за детска заштита ги броевме дете по дете, воспитувач по воспитувач, градинка по градинка, за да влеземе во процесот на отворање на градинките. И сите анализи на покажуваа дека можеме да влеземе безбедно во овој процес и оттука донесовме владина одлука дека градинките може да стартуваат со работа. Ќе направиме дополнителна проверка на терен во секоја градинка дали децата што се запишани согласно со влезниот критериум покрај тоа што мора да се почитуваат протоколите.

Мислите ли дека оваа ситуација се злоупотребува за одење или неодење на работа дали од хронично болните или од други лица?

Не би сакала јас да давам таква квалификација, оставам секој да си направи договор со себе и со својата совест. Еве јас ќе поставам обратно прашање. Помалку родители ли се родителите што работат на инфективните одделенија и Инфективната клиника? Дали помалку мајки се мајките што работат во текстилната индустрија и коишто во текот на целиот овој процес одеа на работа? Дали тие помалку ги сакаат своите деца од нас останатите?

Јас не мислам дека е така. Повикувам и на општествена одговорност. Факт е дека пандемијата трае предолго. Овој период по процена на здравствените власти е побезбеден, посигурен, општеството го рестартираме чекор по чекор, почнавме со децата од градинка, треба од 1 октомври да почнат школските деца, не сакаме одеднаш да се доведеме во ситуација на ризик, за наеднаш да се влоши состојбата, да се исцрпат здравствените капацитети. Чекор по чекор општеството треба да се враќа во нормала. Ги следиме искуствата и однесувањето во соседните држави. Гледате дека сите од соседството, па и високоразвиените европски економии, стартуваа, почнаа да го живеат новото нормално.

Стартуваа, ама и почнаа да затвораат…

Ние никогаш не сме рекле дека изричито и по секоја цена ќе ги држиме отворени градинките. Кажав дека будно ја следиме состојбата, согласно со епидемиолошката состојба ќе носиме такви одлуки, пред сѐ да го заштитиме здравјето на луѓето, но факт е дека треба и државата да функционира и, онолку колку што дозволува ситуацијата, и економијата да заживее.

Како планирате да ја реализирате најавата за пренамена на културните домови и слични објекти?

Постојат правилници, нормативи и стандарди за организирање установи за заштита на децата. Во јавноста проструи веста дека едно од алтернативните решенија е за реорганизирање дом на култура на пример, таму може да бидат училници, може библиотеки, болничка установа. Тоа се алтернативни простори за сместување коишто општините треба да ги приспособат, а сепак да се испочитуваат одредени нормативи и стандарди за да биде безбеден престојот на децата. Секако не може деца од јасли да ги ставите во такви алтернативни простори за сместување. Природно би било најмалите групи да бидат задржани во градинката, а децата од шест години кои за една година стартуваат во прво одделение и децата од поголемите групи во градинка да можат да се сместуваат на такви места. Тоа е строго предвидено во правилникот и општините тој правилник го имаат на увид, и ќе повторам од 29 мај донесен е протоколот и имаа доволно време и простор да размислуваат и за такви алтернативни решенија, следејќи ја будно состојбата со пандемијата.

За таква пренамена на тие објекти треба и време и пари.

Ви кажав од кога е донесен протоколот, од 29 мај. Мислам дека имаа доволен простор да се направи тоа.

Што станува со децата на улица, децата што питачат, каква е грижата за нив, бидејќи не знам дали некој обрнува внимание, а се потенцијални жртви на вирусот?

Кажав дека целта на нашето министерство, а и на целата влада, е искоренување на сиромаштијата, посебно на детската сиромаштија. Со носењето на Законот за социјалната реформа лани, направивме сериозен исчекор во правец на намалување на таа детска сиромаштија. Првпат воведовме образовен и детски додаток за деца што се од семејства приматели на гарантирана минимална помош. Условот за да се добива тој образовен додаток е детето да влегува во системот на образование и да посетува настава. И во овој период грижата за тие семејства продолжува, исплатите регуларно си течат и за детскиот додаток. Тука се приматели на гарантирана помош и приматели на минимална плата, затоа што предуслов за примање на детски додаток беше едниот од родителите да е вработен. Тоа сега како критериум го исклучивме. Целта е сите деца да бидат извлечени од улица, од питачење, од злоупотреба на детски труд.

Суштината е да се вратат во училишниот процес, има субвенционирано сместување во претшколски установи за да можат да бидат згрижени и да не бидат оставени на улица. Тоа е процес што ќе трае. Свесни сме дека нема веднаш да заврши со позитивен исход, но чекор по чекор работиме во тој правец.

За овие деца кога Ве прашувам не прашувам за паричната помош, туку за опасноста од зараза. Кој ќе се грижи за нив, кој ги проверува дали се позитивни на ковид?

Центрите за социјална работа, а особено во Скопје, каде што има една екипа што работи на терен 24-7. Будно се следат состојбите со вакви несакани случаи, доколку има појава на болни, незгрижени деца, деца што преспиваат на улица. Постојано се следи состојбата и се реагира онака како што ќе се појават несакани појави, во смисла на болни, оставени на улица и сл. Центрите за социјална работа како прва алка во спроведување на социјалната реформа, преку своите стручни кадри, ја имаат реалната слика за случувањата во секое семејство со ризик. И оттука со враќањето на граѓаните со хронични заболувања, ние на некој начин ги враќаме и тие стручни кадри и професионалци кои работат во центрите за социјална работа, го засилуваме нивниот капацитет и нивната работа продолжува да тече со ист интензитет како и во периодот пред да се појави короната.

Очекувате ли зголемен број социјални случаи, на луѓе што ќе ја изгубат работата до Нова година како последица на ковид-кризата?

Реалноста говори за тоа дека дел од вработените ги изгубиле своите работни места. Тоа се пред сѐ вработени чиј работен однос бил регулиран како вработен на определено време и нивните договори прекинале, не дека биле избркани од работа работници на неопределено време. Факт е дека се регрутираат нови социјални случаи.

Нашите анализи говорат дека до крајот на годината ќе регрутираме нови приматели на гарантирана минимална помош дополнително на оние 27.000 семејство што ги имавме пред корона кризата, нашите бројки говорат дека до Нова година ќе имаме уште 4.200 нови приматели на гарантирана минимална помош, пред сѐ луѓе кои што ја изгубиле работата по ваков основ.

За да го олесниме пристапот на овие граѓани до помош, го олеснивме критериумот за влез во системот на гарантирана минимална помош за да ги апсорбира системот овие граѓани на кои им се сериозно потребни средства за да можат да ја премостат кризата. Средства се обезбедени, социјалните трансфери секој месец течат со динамика што ќе ги заштити примателите на социјална помош да не се групираат пред банките или шалтерите во исто време, туку со одредена динамика на примање.

Штом се стабилизира состојбата со коронакризата, овие приматели за помош, кои по олеснет критериум сме ги апсорбирале во системот, ќе бидат првите што ќе бидат највработливи и најбрзо ќе се вратат на работа. Тие се во суштина луѓето што први ќе излезат од системот на социјална заштита и ова е систем којшто не треба да регрутира поголем број на сиромашни луѓе туку треба да ги вади од сиромаштија. Интензивно работиме со нашите партнери, вклучувајќи ИПА програмите, но и преку фондови на ОН за да овозможиме активирање на примателите на гарантирана минимална помош и во услови на корона за да ги направиме „вработливи“ и да ги вклучиме во пазарот на трудот. Така што и социјалната реформа во услови на пандемија продолжува.

Како одговорна влада ние се грижиме со пакет мерки што имаат цел да им помогнат на малите и средни претпријатија да го премостат периодот на кризата со зачувување на секое работно место, зашто во услови на криза секое работно место е гаранција дека процесот во државата тече, дека за тие луѓе државата се грижи. И со претходните мерки владата им помогна на голем број претпријатија преку субвенционирање на минимална плата од 14.500, преку плаќање на придонеси. И во новиот пакет ќе бидат вклучени картичките, се работи на тоа.

Жана П. Божиновска

Објавено

Вторник, Септември 22, 2020 - 12:21

Нашето законодавство дава поголема важност на едно парче хартија отколку на вистинската состојба на терен.

повеќе

Еве што знаат мнозинството Македонци и Бугари родени до 1980 година.

повеќе

И Софија ќе треба да не го запре македонското евро-интегрирање на самиот почеток – и Скопје ќе треба да ја декомунистицира и дејугословенизира својата елита, економија, политика, наратива и медиуми.

повеќе