Четири години по Нивици

Северномакедонски народ нема, ама на сцена доаѓа северномакедонска нација

Северномакедонците на Габриел Ескобар и на Емануел Макрон, северномакедонското Собрание и северномакедонскиот претседател на Урсула Фон дер Лаен... повторно ја вратија во македонската јавност темата на Преспанскиот договор и она што всушност го потпишале македонските политичари во Нивици на 17 јуни 2018 година. Пред два дена дури и потписникот на Преспанскиот договор, поранешниот министер за надворешни работи Никола Димитров, се обиде уште еднаш да протолкува што всушност било потпишано.

Како што нема белгиски народ, така нема ни северномакедонски народ, ама северномакедонска нација, за жал, според Преспанскиот договор има, врие по социјалните мрежи.

Сите што пред четири години предупредуваа на можната хиперпродукција на именката „северномакедонци“, денес уште повеќе ги нагласуваат длабоките идентитетски последици од Преспанскиот договор, на кој само се надоврзаа актуелните бугарски барања и втората епизода од понижувачкото прифаќање од страна на македонските политичари на диктатот од Софија и Брисел. Тие, преку наводните услови за евроинтегративниот процес, длабоко навлегуваат во порекнувањето на етничкиот (националниот) идентитет и правото на самоопределување на граѓаните, што пак се едни од основните принципи на постоењето на ЕУ.

Дали се прави обид да се произведе нова, т.н. политичка нација, со името „северномакедонци“ и со соодветната придавка „северномакедонски“?

За Никола Димитров, четири години потоа, секоја употреба на терминот „северномакедонци” освен што е навреда за Македонците, е и подривање на Преспанскиот договор.

„Во последно време зачести употребата на непостоечкиот термин ‘северномакедонци’ од страна на претставници на земји - наши пријатели, кои го поддржуваат Преспанскиот договор. Но, еден од двата клучни столба на компромисот на Преспанскиот договор, е токму самоопределувањето како Македонци кои зборуваат македонски јазик, нешто што самиот dоговор го гарантира. Со други зборови ‘Северна Македонија’ е можна само доколку во неа живеат Македонци, заедно со своите сограѓани и тоа така мора да се почитува. Затоа секоја употреба на терминот ‘северномакедонци’ освен што е навреда за Македонците е и подривање на Преспанскиот договор.

Очигледно е потребен далеку посериозен фокус на нашата дипломатија за овој недвосмислен наратив да се промовира во меѓународните односи и да се превенира оваа појава бидејќи се чини дека во последниве месеци тоа никој не го работи. Тоа е недозволиво. Особено имајќи предвид дека во овој период една земја членка на ЕУ и наш сосед директно го негира токму македонскиот идентитет и јазик.

Мора да се работи и проактивно, но и редовно и ажурно да се реагира на секоја погрешна употреба без исклучок сѐ додека меѓународната пракса не биде целосно на линија со одредбите на договорот“, вели денес Димитров.

За Преспанскиот договор професорот на Правниот факултет во Скопје Тони Дескоски вели дека двете држави (Македонија и Грција – н.з.) се договориле дека постојат две разбирања на поимот Македонија.

„Грчко разбирање според кое тој поим реферира на хеленската традиција, и македонско разбирање, според кое тој поим е поврзан со словеномакедонскиот идентитет на најголемата етничка заедница во земјава. Двете држави се договориле новото официјално име на македонската држава да биде Република Северна Македонија. Северномакедонски народ нема! Ама Северномакедонска нација има (по Преспа). Етничкиот идентитет не е национален идентитет. По Преспа, „македонски” е исклучиво етничка придавка, ознака. Не е државна. Дражавава изрично се согласи да се откаже од неа. Курдите не се нација. Можеби некогаш ќе станат, но во моментов не се. Благодарение на г-н Ескобар, но и на францускиот претседател Макрон, нам ни се откри најтешката последица од Преспа: трансформирањето на македонската нација во северномакедонска. Токму затоа Елиф Елмас не може веќе да биде македонски репрезентативец. Ниту г-н Артан Груби е македонски министер. Тие не може да бидат ни Македонци. Ниту државава е македонска. Таа е северномакедонска. Упс, со Уставен закон ни е забрането да изведуваме придавки од новото име на државава. Главната цел на креаторите на Преспа (не се Грците) е токму таа трансформација на нашата нација во северномакедонска. Нацијата да не го носи истото име како македонскиот народ, односно да биде именувана различно од македонскиот народ. Последиците од Преспа јас ниту сум ги посакувал, ниту сум ги поддржал. Само ги обелоденувам, за да знаеме во каква позиција сме. Прилично лоша. И добро е што работата излезе на виделина. Колку и да е непријатна вистината, подобра е од каква било слатка илузија“, напиша на својот фејсбук-профил професорот Дескоски.

А.Д.

Од општи формулации кон конкретни разговори.

повеќе

„Вчерашниот ден измина, утрешниот допрва доаѓа, го имаме само денес - да започнеме“.

повеќе

Шоковите кои се случуваат истовремено и распадот на меѓународната соработка го направија управувањето со кризи невозможно - барем со користење на стандардните алатки. 

повеќе