четврток, 18 април 2024

Уставниот суд нема да расправа дали највисоката пензија е во согласност со Уставот

Уставниот суд ја запре постапката за оценување на уставноста на дел од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, што значи дека нема да се преиспитува дали утврдувањето на највисоката пензија е во согласност со Уставот.

Објавено на

часот

Сподели

„Судот утврди дека поведувањето на постапката на 11 мај 2021 година било засновано врз погрешна фактичка состојба и одлучи дека постапката за оценување на уставноста на оспорената одредба треба да се запре согласно членот 47 алинеја 3 од Деловникот“, информира попладнево прес-службата на Уставниот суд.

Како што појаснуваат, Уставниот суд ги имал предвид начелата на социјална праведност и генерациска солидарност утврдени со Законот за пензиско и инвалидско осигурување, врз основа на коишто се остваруваат правата во случај на старост, инвалидност, смрт и телесно оштетување во првиот пензиски столб, а со вториот пензиски столб се остваруваат правата согласно со законот кој го уредува задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување.

Судот, пишува во соопштението, во повеќе предмети се произнел дека лимитирањето на највисокиот износ на пензијата, не може да се смета дека е прекумерно или неразумно, бидејќи и покрај ограничувањето, осигурениците на кои се однесува оваа одредба се пензионери со највисоки пензиски примања во земјата.

„По однос на покренатото прашање за пропорционалност и сразмерност во иницијативата Судот ја зема предвид и содржината од членот 16 став 1 од Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, според кој највисока месечна основица за пресметување и уплата на придонесите за примањата од работен однос од еден обврзник за пресметка и уплата на придонеси е износот од шеснаесет просечни плати. Над уплатата на оваа вредност повеќе не се уплатуваат придонеси. Исто така, судот имаше предвид дека највисоката пензија, како и останатите, согласно оспорениот член 230 од законот, повторно не се определува и понатаму се усогласува со процентот со кој се усогласуваат и другите пензии, што значи дека не е фиксна категорија и во зависност од економските движења е во постојано зголемување“, соопшти Уставниот суд.

Содржината на оспорениот дел од законот вели дека за осигурениците кои не пристапиле во задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, највисоката пензија не може да изнесува повеќе од 80 проценти до 2015 година, а по 2015 година не повеќе од процентите утврдени со законот од просечната нето плата остварена во Републиката во претходната година зголемена за 2,7 пати. Исто така законот предвидува дека определената највисока пензија повторно не се определува и понатаму се усогласува со процентот со кој се усогласуваат и другите пензии.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ