До државната изборна комисија (ДИК) заклучно со вчерашниот ден поднесени се вкупно 23 приговори за постапката за гласање и постапката за сумирање и утврдување на резултатите од вториот круг од локалните избори 2021.
Седум приговори се од Коалицијата предводена од СДСМ, кои се однесуваат на избирачките места 2966/1 и 2958/1 во општина Шуто Оризари, каде со 662 гласови разлика победи кандидатот Курто Дудуш поддржан од ДОМ/ЛДП.
СДСМ поднесе приговор за избирачкото место број 1612 во општина Конче, каде кандидатот на ВМРО-ДМНЕ оствари тесна разлика од само 23 гласови.
СДСМ поднесе приговори за избирачките места 835, 874 и 865 во општина Кочани каде нивниот кандидат загуби од кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ со само 16 гласови разлика.
СДСМ поднесе приговор и за избирачкото место 882 во општина Чешиново-Облешево, во која општина победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ со 337 гласови разлика.
Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ поднела еден приговор, кој се однесува на избирачкото место број 1532 во општина Пробиштип, oпштина во која кандидатот на СДСМ победи со нешто повеќе од 300 гласови, додека пак, на конкретното избирачко место разликата е 105 гласови во полза на кандидатот на СДСМ.
Три приговори кои се однесуваат на изборите во Студеничани поднесе ДУИ, за избирачките места број 2341, 2352 и 2355. Во во општина Студеничани победи кандидатот на ДПА со само 59 гласови разлика пред кандидатот на ДУИ.
ДУИ поднесе приговор за избирачките места број 2107 и 2108/1 во општина Желино, каде кандидатот на Беса оствари тесна победа со само 69 гласови повеќе од кандидатот на ДУИ.
Три приговори се од Група избирачи Енвер Пајазити, кои се однесуваат на избирачките места број 2037, 2040/1 и 2038 во општина Брвеница, каде со само 36 гласови разлика победи кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ.
Првите приговори што беа пристигнати до ДИК беа седумте приговори од ТМРО на избирачките места 1156, 1178, 1157, 1182, 1183, 1176 и 1181 во општина Старо Нагоричане, каде нивниот кандидат беше поразен со 260 гласови разлика од кандидатката на СДСМ Жаклина Јовановска, инаку актуелна градоначалничка на оваа општина