За МКД.мк

Ременски: Не правам ништо од револт, сакам да го подготвам СДСМ да победи, а не да ја предаде власта на тацна

Мојот приоритет, доколку ја добијам довербата од членовите на партијата е да го подготвам СДСМ да победи, а не да ја предаде власта на тацна како што тоа се случи во 2006 година. Тој период изроди партии кои денес се коалициски партии на СДСМ, но сите го паметат времето „дека сѐ можеше да биде поинаку”. Тоа време е завршено, но е одлична лекција за овој период и периодот што доаѓа, вели кандидатката за претседателка на СДСМ, Фросина Ременски за МКД.мк.  

еменски ја поднесе кандидатурата со програма „Да ја вратиме СДСМ на победнички шини“ се состои од 16 области на кои во најголем дел почиваат механизмите на внатрепартиска реформа и консолидација, но, како што вели, рефлектираат и однос кон одредни глобални политички и партиски трендови, а тоа се: враќање кон работничките права и синдикалните движења, женската движечка енергија на партиите, идеолошката криза на партијата/ите, интегрирање на членството, кршење на железниот закон на олигархијата, внатрепартиската демократија и внатрепартиските конфликти, младите и политичката едукација како морот и коректив…  

Ременски во повеќе наврати јавно изрази несогласување со начинот на владеење на СДСМ и вели дека проблемите и случаите за кои зборувала и пишувала со факти се насочени кон свесна нефункционалност на системот кој како партија добивме можност да го рефомираме од 2016 година до денес.

„Тоа подразбира свесно пропуштање на корекција на алките во системот кои заглавиле во непрофесионализам, сервилност, корупција и служење на нечии интерес, на штета на очекувањата и надежите на граѓаните дека многу од тоа ќе се промени. За мене неприфатливо е пет години од преземање на власта од позиција на институции, овластувања и должност, ние сеуште да употребуваме реторика за ‘режим’, ‘борба против режим’ и дека ‘режимот ќе се врати’. Неприфатливо и контрапродуктивно е затоа што ние ја добивме шансата и можноста да го демонтираме системот на заробена држава против која се боревме”, вели Ременски.

Според неа, олицетворенијата на тој режим (Груевски и Мијалков, од кој едниот е во притвор и се надева на „ослободување и само уште 60 дена притвор“, а другиот пребеган без одговорност од никого), зад себе оставија „систем на антисистемски врски и извршители“ кои ден-денес функционираат и работат на антидржавни агенди кои им се единствен спас од одговорност.

„Ресорните министри и сите ние останати заедно, имавме обврска и должност дадена од граѓаните да го разголиме начинот на владеење на тој систем. Но, наместо институциите да покажат спремност и волја да се справат во нив, антисистемот собра сила да се справува со институциите и власта”, објаснува Ременски.

Говорејќи за грешките во владеењето на партијата нагласува дека невозможно е да се дозволи газење на контролните и надзорните механизми што ги има Собранието и пратениците. Кога аргументирани и докажани предмети со години и месеци седат во фиоки на институции, тешко е дека некој може да зборува за парламентарен надзор, за контроли итн. Тоа ги одвраќа сите кои сакаат да придонесат за промена на системот.

”Недозволиво е исто така, лицата кои биле истурени извршители на нарачки кои ние ги нарекувавме „монтирани случаи и случаи на кршење на човековите слободи и права“ сега да ни се претставуваат како професионалци или реформатори, а можеби први ќе требале да ги напуштат тие позиции доколку работата била поставена да функционира по закон и по паролата ‘никогаш да не се повтори’”, вели таа.

Потегот на Зоран Заев да се повлече од премиерската и лидерската улога во СДСМ не сака да го толкува, туку само оценува дека „повлекувањето е негова лична одлука која е предоцна да се коментира како исправна или не, освен да се почитува”.

На прашањето дали нејзината кандидатура не е само личен чин на револт, туку сериозен потег на одредена групација, фракција во СДСМ, категорично тврди дека не припаѓа на никаква групација или фракција на СДСМ. 

„Им припаѓам на сите членови и симпатизери на СДСМ кои веруваат во капацитетите и искреноста на мојата долгогодишна борба за вредности кои ги очекуваат сите граѓани. Тие наши членови посакуваат и очекуваат партијата да се врати на подзаборавените постулати за кои ја добивме довербата во 2016 година и да се обезбеди сигурен пат кон победа на партијата во периодот што доаѓа. Нашето членство е мудро. Испраќа сериозни пораки кои треба сериозно да се сфати и да се пристапи кон операционализација на истите, но не декларативно. Колку побргу го направиме тоа, толку подобро за граѓаните, за државата и за партијата”, ни изјави Ременски.

За себе вели дека никогаш не прави ништо од револт, туку со/од верба и верува дека со конзистентност, знаење, волја и тим ништо не е невозможно. 

„Мојата кандидатура за претседател на СДСМ е мотивирана токму од таа верба – вербата во себе и во мудроста на нашето членство. Ставот и карактерот на претстедател на партија не емитира сигнали и надежи само кон членството и симпатизерите на таа партија, туку кон сите граѓани”, додава таа. 

А.Д. 

 

Tочната искористеност и капацитет на водните ресурси во државата e невозможно прецизно да се пресмета заради недостиг на континуирани хидролошки мерења и мониторинг на квалитетот на водите.

повеќе

Нам бизнисмените не ни требаат ниту уставни преамбули ниту некакви параграфи за да ги почитуваме Република Бугарија и нејзините граѓани. Ние некого почитуваме доколку прави профит, плаќа даноци и доколку е општествено одговорен.

повеќе

Зголемувањето на цените на храната се случува од причини кои се многу посложени отколку зголемувањето на другите цени, така што справувањето со тие причини бара различни стратегии. 

повеќе