Референдумот нова тема за поделба – власта е против, опозицијата го дефинира референдумското прашање

Претседателите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Димитар Ковачевски и Христјан Мицкоски вчера во Тетово дадоа сосема спротивстваени изјави во однос на опозицискиот предлог за референдумско изјаснување на граѓаните за францускиот предлог. За ова уште еднаш се изјасни и претседателот на Македонија Стево Пендаровски кој рече дека нема никакво разбирање на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за референдум и дека станува збор за манипулација која Христијан Мицкоски ја прави прилично неочекувано.

Во интервју се изјасни и евроамбасадорот Дејвид Гир, кој рече дека прашањето за референдум е суверена одлука и нема да го коментира, но дека сепак тука треба да се погледне наназад и да се види широката слика.
Ковачевски вчера порача дека референдумот што го предлага ВМРО-ДПМНЕ е нерелевантен и дека земјата ги почна преговорите за влез во ЕУ. Според него, најавениот референдум од страна на ВМРО-ДПМНЕ е за внатрешно – партиска употреба.
„Прво, Република Северна Македонија на референдум при осамостојувањето се изјасни дека сака независна држава членка на ЕУ и на НАТО. ВМРО – ДПМНЕ е партија која беше против членство во НАТО, сега заедно со нивниот нов коалициски партнер Левице се единствените две партии кои се против членството во ЕУ и тоа јасно го покажаа при гласањето за предлогот на ЕУ во однос на отпочнувањето на преговорите со Република Северна Македонија. Меѓутоа доминантниот број на пратеници 68 што ги претставуваат граѓаните донесоа одлука Република Северна Македонија да ги отпочне преговорите. Тој референдум што го зборува претседателот на ВМРО-ДПМНЕ е единствено заради нивна внатрешно-политичка употреба бидејќи нема политичка партија освен неговиот партнер Левица која е против НАТО и ЕУ и е за сојуз Централно-азиски некаков со Русија, да е против ЕУ“, рече Ковачевски.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ треба идеолошки да расчисти кај себе дали сака да ја види државава во ЕУ или не. Пораката до опозициската партија на премиерот Ковачевски е дека Северна Македонија ги почна преговорите и тоа со чист македонски јазик, со заштитен идентите и потврдено не само од Владата туку и од претседателката на ЕК и од потпретседателот на ЕК.
ВМРО-ДПМНЕ реагираше на оваа изјава наведувајќи дека со одење против референдум Ковачевски го помножи народот со нула, а народот ќе му покаже дека тој е нула.
Мицкоски истакна дека консултациите што ги прави партијата за референдумското прашање течат и многу скоро на следната седница на Извршниот комитет ќе се разговара на таа тема и јавноста ќе ги знае нивните чекори за референдумското изјаснување.
„Коментирав дека имаме напредок во ставот на претседателот Пендаровски. Гледам дека и тој јавно застанува позади идејата за референдум. Дури отиде и чекор понапред предложи текст на прашање и отприлика и двајцата конвергираме кон една таква суштина на тоа прашање. Очекувам дека за разлика од Ковачевски тој ќе биде помудар и ќе излезе и ќе ги повика граѓаните но и останатите политички партии да го подржат референдумското изјаснување“, рече Мицкоски.
Коментирајќи ја изјавата на премиерот Ковачевски дека референдумот ќе биде нерелевантен бидејќи земјата почна преговори за влез во ЕУ, Мицкоски кажа дека тој е „нелегитимен премиер“ и оти колку е референдумот релевантен ќе се види во Тетово на 20 август кога ќе се гласа за советници.
„Само нелегитимен премиер поставен на начин на кој што е така поставен може гласот на народот да го смета за нерелевантен, а колку тој е релеватен ќе види овде во Тетово на 20 август кога советничката листа на СДСМ ќе доживее класичен дебакл од граѓаните на Тетово, а на следните парламентарни избори тој лично и неговите политики како нелигитимен премиер ќе доживеат дебакл од граѓаните на Македонија“, изјави Мицкоски.
Претседателот Пендаровски, зборувајќи во телевизиско интервју дали е за референдум за францускиот предлог, рече дека тоа што Мицкоски ги прави е политичка мобилизација на неговото членство.
 „Се мачат да направат формулација, точка 4, алинеја 5 ќе ја оспоруваме од рамката. Знаете што е тоа? Тоа е Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија. Не може да влезеш во ниту во Европа, ниту во НАТО, ако немаш договори со комшиите. Јас велам, повелете прашајте, но фер е да кажете дека сте против. Само едно прашање за мене е релевантно, дали сакате Република Северна Македонија да биде членка на ЕУ, толку“,  рече Пендаровски.
Тврдам, дополни Пендаровски, дека на вака чисто прашање, про-европската коалиција ќе ја победи анти-европската коалиција составена од ВМРО-ДПМНЕ и Левица.
„Ако не биде така. Сите ние што сме сега на ова место ќе се повлечеме и ќе речеме повелете терајте, имате многу широки опции, имате движење на неврзаните, имате Азија, имате Русија…“, рече Пендаровски.
 
 

На 6 октомври 1946 година почна носењето на моштите на Гоце Делчев од Софија во Скопје, столицата на слободна Македонија.

повеќе

Постои нужна потреба од прилагодување на студиските програми, соодветните силабуси и наставниот курикулум на реалната потреба на пазарот на труд во државата.

повеќе

Во текот на оваа и претходната година, инфлацијата ја задуши македонската економија. 

повеќе