ПРОГЛАСЕН ЗА „ГРЧКИ ДРЖАВЈАНИН СО СЛОВЕНСКО ПОТЕКЛО“

„Провокаторот“ Пападакис бранејќи ги малцинствата во Грција повторно ги возбуди грчките медиуми

Настапот на Јоргос Пападакис, претставникот на Европската слободна алијанса (ЕФА), на комеморацијата на еден од основачите на партијата на турското малцинство во Грција повторно предизвика бурни реакции од грчките медиуми, кои по којзнае којпат го прогласија за предавник, па дури и за „грчки државјанин со словенско потекло“.

Партијата на турското малцинство во Грција (ДЕБ) и годинава, како и секоја година, организираше комеморација во чест на основачот на партијата и прв Турчин што беше избран во грчкиот парламент, д-р Ахмет Садик. Тој пред 21 година загина во сообраќајна несреќа, а причините за неа сѐ уште не се расчистени.

Годинава беше организиран и протестен марш на ДЕБ за правата на турското малцинство, кои Грција не ги почитува, како ни тие на македонското.

Како претставник на ЕФА, алијансата што ги обединува малцинските партии во Европа, на оваа манифестација годинава присуствуваше и Јоргос Пападакис, кој е член на претседателството на македонската партија во Грција Виножито и долгогодишен поборник за правата на Македонците. ДЕБ, партијата на Турците во Грција, исто како Виножито, е членка на ЕФА.

„И тука го кажав она што секаде го кажувам - грчката политика за малцинствата е сосема погрешна и треба итно да се промени оти е штетна и за малцинствата и за самата Грција. Исто така кажав дека негирањето на турското и на македонското малцинство во 2016 е срамно и недозволено за една земја-членка на ЕУ. Им порачав на Турците од Грција дека не се сами, дека нашите 12 европратеници се и нивни, а ние ќе работиме на тоа и тие, заедно со Виножито, да можат директно да изберат свој претставник на евроизборите во 2019 година. Ова, се разбира, не им звучи убаво на дел од грчките медиуми, кои веднаш реагираа на моите 'провокации'. Јас јасно зборував за правата на македонското и турското малцинство и за непочитувањето на нивните основни права од страна на Грција“, вели во изјавата за МКД.мк Јоргос Пападакис.

Низ грчките медиуми веднаш се појавија написи за животниот пат на „провокаторот“, за неговите претходни изјави за тоа дека „криминални банди од Крит беа носени за да ги убиваат Македонците за време на Илинденското востание“. Ова, за Грција, е голема навреда, се надоврзува Пападакис. Дел од медиумите дури и напишаа дека Пападакис, кој инаку по потекло е токму од Крит, има словенски корени.

За повикот на шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас, Турција да ги почитува сите религиозни, социјални и етнички групи, Пападакис само кратко прокоментира:

„Срамота! Срамота е фактот дека Грција, ако се споредува со денешната Турција на Ердоган на полето на политиките за малцинствата е полоша дури и од Турција. Изјавата на Коѕијас ќе беше логична ако тој беше министер, на пример на Германија, на Шведска или на Швајцарија, но кога тоа доаѓа од него, тогаш е неприфатлива и смешна“.

 

Продолжува активноста на копачите, крановите и мешалките за цемент додека самите Албанци се протерувани од градот. 

повеќе

После речиси две години очигледно е дека менталното здравје на вработените е исто важно како и нивното физичко здравје. Сега повеќе од било кога, неопходен е силно развиен систем за управување со човечки ресурси.

повеќе

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе