Ковачевски во Софија

„Проширувањето на ЕУ е безбедносна политика, застојот остава простор за злонамерно влијание на трети земји“

Порака за единство и солидарност со Украина е испратена од денешниот состанок на шефовите на влади на Македонија, Бугарија, Романија и Црна Гора, земји од Југоисточна Европа членки на НАТО, што се одржува во Софија.

Бугарскиот премиер Кирил Петков на прес-конференцијата по состанокот информираше за заклучоците меѓу кои ги издвои согласноста на премиерите за важноста на овие координации и на регионално ниво, имајќи ги во фокусот ризиците од војната во Украина. Тој рече дека вниманието на средбата било насочено на соработката за справување со бегалската криза, на кризата во снабдување со енергенси и со основните стратешки прехранбени производи, кои се посебно значајни и како логистика на мобилноста на воените капацитети.
Премиерот Димитар Ковачевски кажа дека како сојузници денеска пратиле уште една силна порака на поддршка и солидарност со Украина, но и за идна координација и зголемена комуникација помеѓу овие четири држави во регионот.
„Оваа војна во Украина создаде нова реалност во сите сфери на нашиот живот, а особено во поглед на координирањето на сите напори во производство на храна и синџирите на набавка, како и нивната стабилизација, испораката и производството на енергија, како и во полето на одбрана и воена координација. Уште еднаш ја осудивме воената агресија на Русија против Украина.
Како премиер на Северна Македонија сакам да истакнам дека го почитуваме територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Сега одговорноста е да се соочиме со новата стратешка реалност во европската и трансатлантската безбедност“, изјави Ковачевски.
Тој додаде дека сојузниците решително одговорија на овој воен конфликт и исто така сите земји дадоа своја поддршка, не само на украинскиот народ којшто е во Украина, туку и на украинскиот народ кој побегна од својата земја и којшто наеднаш стана бегалци.
„Северна Македонија соодветно се усогласи со надворешната и безбедносна политика на ЕУ затоа што ние ги споделуваме истите вредности со ЕУ и земјите на НАТО“, рече тој.
Ковачевски се осврна и на проширувањето на ЕУ како безбедносна политика, при што застојот во овој процес остава дополнителна нестабилност за регионот затоа што има неколку негативни тенденции и создава простор за злонамерно влијание на трети земји.
„Одложување на пристапниот процес кон ЕУ за земјите од регионот создава дилеми што може да резултираат со намалување на довербата кај граѓаните во ЕУ. Сепак дури и со вакви предизвици Северна Македонија останува силно посветена на одржувањето добрососедски односи и промовирање соработка меѓу земјите од нашиот регион“, додаде Ковачевски.

На денешниот состанок премиерите на Македонија, Бугарија, Романија и Црна Гора, Димитар Ковачевски, Кирил Петков, Николае Чука и Здравко Кривокапиќ си поставиле за цел да ги нагласат потенцијалните ризици и согледаните закани, како и да ги нагласат премисите што треба да водат кон подобра отпорност и координација меѓу земјите од Југоисточна Европа.
Ковачевски во обраќањето на состанокот како посебно важна ја нагласил будноста во спротивставувањето на дезинформациите и лагите од Русија кои се вистинска закана за демократските процеси во Европа и на Западен Балкан. Во контекст пак, на значењето на Северноатлантската алијанса во ова кризно време, рече дека да се биде земја членка на НАТО е огромна привилегија и одговорност.

Со францускиот предлог на патот кон ЕУ македонскиот народ ќе ја изгуби историската тапија врз сопствената свест и наследство.

повеќе

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе