Еурактив

Проширување на ЕУ: чувајте се од вето-епидемијата

Мавтајќи со ветото, Бугарија ја користи својата позиција на членка на ЕУ само за да постигне некои свои надворешнополитички интереси, на истиот начин како што тоа го правеа многу други претходно. Проблемот е во тоа што ЕУ нема ниту волја ниту начин да ги обесхрабри ваквите еднострани активности, пишува за Еурактив Орхан Драгаш од Меѓународниот институт за безбедност во Белград, автор на книгата „Двете лица на глобализацијата - вистината и измамите“.

Фото: ЕПА

Македонците се емотивни луѓе и веројатно им падна многу тешко да го издржат ненадејното оладување на кое беа изложени за само неколку дена - од ентузијазмот за првото учество на следното Европско првенство во фудбал, до друга, нова блокада на нивниот пат кон членството во ЕУ.

Можно е овие работи да не се поврзани и да не ги интересираат сите Македонци подеднакво, но постојат заеднички симболи во чекорите на Македонија кон Европа, и фудбалски и политички. Тоа е тешко, долготрајно и тие со децении го чекаат успехот, но засега има резултати само во фудбалот, а не и во политичките квалификации.

Фактот што Бугарија го блокираше стартот на преговорите за пристапување кон ЕУ со С. Македонија не е ниту новина, ниту изненадување.

Постои долга историја на соседски пречки на патот кон членството во ЕУ. Словенија ја блокираше Хрватска поради границата со Пиранскиот Залив, Хрватска веднаш штом стана членка на ЕУ ги блокираше преговорите на Србија, а и Бугарија накратко го стори тоа пред три години, поради позицијата на нејзиното малцинство во Србија.

Грција со децении ја кочеше Македонија без никакви шанси да се интегрира во ЕУ и НАТО, сѐ додека не го смени името.

Значи, проблемот не е дека Бугарија го условува пристапувањето на Македонија, Бугарија едноставно ја користи својата позиција како ЕУ-членка за да постигне некои од своите надворешнополитички интереси, на истиот начин на кој многу други го правеа тоа пред неа. И тоа е сосема легитимно.

Но проблемот е дека ЕУ нема ни волја ни начин да ги обесхрабри и спречи таквите еднострани акции на своите полноправни членки.

На фактот дека Бугарија ја условува Северна Македонија со историски и идентитетски прашања, Германија, како сегашно претседателство на ЕУ, одговара ладно и незаинтересирано - нека си го решат сами, а ние ќе помогнеме ако нѐ повикаат.

Во овој случај, ЕУ покажува најголема и најотворена незаинтересираност досега за отворање на вратата за нови членки од Балканот. Ниту Брисел, ниту главните европски метрополи не се обидуваат да најдат утешни, оптимистички зборови за оние што сè уште се во чекалницата, тие едноставно веќе немаат волја за тоа.

Она со што навистина се соочуваат и тоа што „гори“ се блокадите и ставањата вето во рамките на самата ЕУ. Како да се справите со Унгарија и Полска, кои го блокираат усвојувањето на огромен буџет од 1,8 трилиони евра, бидејќи неговата употреба е условена со почитување на човековите права и владеењето на правото.

Едното вето, бугарското, се однесува само на граѓаните на Македонија и можеби на нивните балкански соседи, но другото, унгарското и полското, се однесува на цела Европа, онаа богатата. Иако нивните рангови се различни, нивната суштина е иста - тие не носат ништо добро ниту за оние што го ставаат ветото, ниту за оние за кои важи ветото.

Европа веќе подолго време удира во ѕидовите што ги постави за себе и за своето ефикасно функционирање. Нејзината бирократска форма ја голтна нејзината прогресивна и вредна содржина, од што не може да се извлече без поголеми внатрешни реформи.

Бугарското вето за преговори со С. Македонија, па дури уште повеќе германското молчење по повод тоа вето, е потсетување за Србија дека ќе влезе во поинаква ЕУ од ова што е денес.

Најверојатно, тоа ќе биде ЕУ поделена на неколку зони, кругови, „брзини“, како што опиша Макрон пред две години. Таквата ЕУ веќе постои во реалноста; границите на нејзините зони се обележани со економска моќ, што е природно и функционално.

Сѐ додека не се официјализира таа реалност преку реформите на Унијата, ќе има сѐ повеќе ветоа. И тие ќе бидат поостри, сè додека ЕУ не се трансформира во функционална заедница, не како онаа што ја имаме денес, а која никој не сака да ја напушти.

Патот на Србија до членството во ЕУ следната година ќе прослави полнолетство. (Србија - заедно со уште 5 други земји од Западен Балкан - беше идентификувана како потенцијален кандидат за членство во ЕУ за време на самитот на Европскиот совет во Солун во 2003 година.)

Србија ќе знае дека Европа ја прифаќа во рамките на своите структури само ако има такви гестови. Исплаќањето милиони евра помош за надминување на последиците од пандемијата беше еден таков гест.

Во спротивно, Европејците лесно ќе бидат заменети на Балканот со некои други големи играчи од светот, што ќе биде штетно и за ЕУ и за Балканот. По бугарскиот потег во врска со Северна Македонија, тешко е да се очекува зајакнување на вербата во ЕУ и желбата за приклучување во неа каде било на Балканот.

Празното место на европскиот ентузијазам веднаш го зазема некој друг, во чии планови за иднината на Балканот нема многу простор за напредок, безбедност и развој на балканските народи. А, за жал, на Западен Балкан, сè уште има голем потенцијал за конфликт, сиромаштија и корупција.

И додека Европа го потценува ризикот што стои зад бугарското вето на патот на Македонија кон ЕУ, за среќа, САД имаат појасен став и бараат ваквите проблеми да се решат надвор од процесот на пристапување во ЕУ.

Како и во случајот на замрзнатите преговори за Косово, кои Вашингтон повторно ги активираше, тој се појавува како главен спонзор на балканскиот пат кон ЕУ: повеќе од Европа, чија задача е тоа.

А судејќи според изјавата на Мајкл Карпентер, поранешен советник за надворешна политика на Џозеф Бајден, кој рече дека ниту Бугарија, ниту Северна Македонија не добиваат ништо од сегашниот конфликт, дека од тоа имаат корист само оние што сакаат поделби во Европа, тој тренд ќе продолжи и во идната администрација.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Структурното насилство кон трансродовите и родово небинарните луѓе е препрека во нивното реализирање како полноправни членови на општеството.

повеќе

И сега вие замислете, на едно детенце од 6 години да му кажувате со авторитет на наставник дека не треба да се дефинира како машко или женско.

повеќе

Засега СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и нивните заеднички алтер-фабрикати не даваат впечаток дека го разбираат новосоздадениот замаец.

повеќе