Во разговор за БГНЕС, Барлиева изјавила дека многуте митови, псевдонаучни теории и патриотски тези се пречка за признавање на она што, како што вели, навистина треба да биде признато како бугарско, а тоа е, според неа, „создавањето на нивните две азбуки – глаголицата и кирилицата“.
Образложувајќи ги нејзините тези, таа оценува дека геополитиката ги искривува вистинските историски факти.
„Аргументот за тоа дека глаголицата можеби не е бугарска е многу погоден во актуелниот геополитички момент, бидејќи првата употреба на глаголицата е забележана во велика Моравија“, објаснува Барлиева.
Но, додава дека изјавите на руското Министерство за надворешни работи не одговараат на историската вистина.
„Многу лош впечаток ми остава играта на руските емисари и државни функционери кои секоја година ги поздравуваат Македонците за откривањето на кирилицата. Но, тоа се разбира не е така. Најстарите споменици на овие ‘графички системи‘ се потврдени во Бугарија и тие се создадени со поддршка на просветни владетели како Симеон велики и Борис-Михаил Покристител. Најстариот кириличен натпис е од 924 година и се наоѓа тука во Бугарија, како и оние натписи коишто се наоѓаат во некогашните бугарски земји од другата страна на Дунав“, тврди Барлиева.
Објаснувајќи дека Бугарија е столбот кој што ги зачувал глаголицата и кирилицата, Барлиева вели дека треба да го заштити своето историско право врз двете азбуки, а единствениот начин да го направи тоа е не со голи изјави, туку со ширење на реални научни публикации.