Брдо кај Крањ

Процесот на проширувањето на ЕУ треба да продолжи со Македонија и Албанија, вели Џафери

Поскора адаптација на европскиот наратив за проширувањето, со оглед на драстичната актуелна промена на европското безбедносно, економско и енергетско милје и долгорочните последици кои тоа ќе ги има врз нашиот континент. Време е вашата визија за иднината на Европа да се преточи во дела, процесот на проширување да продолжи со поголема динамика и во најскоро време конечно да почнат преговорите за членство на Република Северна Македонија и Албанија во ЕУ, порача денеска претседателот на Собранието Талат Џафери на конференцијата на претседатели на парламенти на Европската Унија што се се одржува на Брдо кај Крањ.

Џафери втор ден учествува на конференцијата, чија тема е „Европската Унија како гарант за стабилноста, безбедноста и напредокот на регионот (и пошироко)“, во организација на Националното собрание на Република Словенија, во рамки на словенечкото претседателство со Советот на ЕУ.  На конференцијата учествуваат претседателите на парламентите на земјите членки на ЕУ, на земјите кандидати и партнери на Европскиот парламент.

Според Џафери, стабилноста, безбедноста и просперитетот на Република Северна Македонија во изминатите децении, во голема мера се должат на неизмерната поддршка по разни основи од страна на Европската Унија и нашите меѓународни партнери. Издвои четири клучни моменти од нашата заедничка историја со Унијата.

„Првиот момент е воспоставувањето на дипломатските односи во 1995 година, со што се отворија можностите за договорна соработка во повеќе области од заемен интерес, особено соработката која се одвива преку Договорот за стабилизација и асоцијација. Вториот момент е вашиот придонес за Охридскиот рамковен договор во 2001 година, со кој денес го славиме соживотот во нашата држава и моментот со кој ја избегнавме судбината која ја искусија поголемиот дел од нашите соседи во регионот. Третиот момент е поврзан со вашата директна вклученост во надминувањето на најголемата политичка криза во нашата земја во 2015 година и напорите кои ги вложивте за ние повторно да се вратиме на нашиот интеграциски пат, и последниот момент е вашата поткрепа за надминување на отворените прашања со Република Грција и Република Бугарија, како дел од предусловите за наше отпочнување на преговорите за членство со Унијата“, изјави Џафери.

Ја поздравуваме, како што рече, повеќедецениската соработка со Европскиот парламент, особено во рамките на Дијалогот Жан Моне, кој значително придонесува за унапредување на политичкиот дијалог во нашето Собрание.

„Регионално, формализираната соработка на Европскиот парламент на највисоко ниво – иницијативата на претседателот Сасоли – на Самити на претседатели на парламенти на Западен Балкан, за нас е од исклучително значење со оглед на фактот дека ни овозможува преку инклузивен дијалог да дадеме наш влог во процесот на помирување како фактор за стабилност, напредок и просперитет на регионот“, рече Џафери.

Целта на оваа моја ретроспектива, како што нагласи, беше да ја потврдам неспорната улога на Европската Унија за она што Македонија е денес: функционална демократија, земја која служи како пример за мултикултурализам, мултиконфесионалност и мултиетничност во регионот и пошироко, земја која на мирољубив начин ги разрешува отворените прашања со соседите и земја која вложи максимални напори да ги исполни комплексните реформи и критериуми за отпочнување на преговори за членство во Европската Унија.

Џафери потсети дека ние сме посветен партнер на ЕУ, кој активно придонесува за нејзината безбедност и стабилност, особено во моменти на наплив на бегалци, како што беше кризата во 2015 година. Македонија со години наназад е активен чинител во мировните мисии на ЕУ за справување со кризи.

„Сегашните тектонски поместувања во безбедносната сфера одат во прилог на унапредување на отпорноста на ЕУ и потребата за зајакнување на партнерствата со земјите кандидати. Во тој контекст, ја поздравуваме иницијативата за целосна интеграција на земјите од Западен Балкан во Стратешкиот компас и можноста за пристап до Европскиот одбранбен фонд, бидејќи сме убедени дека нашата вклученост ќе има директна рефлексија на мирот и безбедност во нашиот регион, а индиректно на мирот и безбедноста на целиот континент“, рече Џафери.

Парламентарна потврда за тоа, како што рече, е Декларација која ја усвоивме на 3 март, со која наостро ги осудивме воените напади кои го загрозуваат територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и ги повикавме домашните институции да помогнат во обезбедување хуманитарна помош за бегалците од Украина. „Тоа го направивме првенствено од лични и морални причини како човечки битија, но и поради фактот што како сведоци на многу конфликти во нашиот регион длабоко сочувствуваме со граѓаните на Украина, жалиме за изгубените животи и апелираме за што поскоро изнаоѓање на дипломатско решение и прекин на сите воени дејствија“, порача Џафери.

На маргините на конференцијата, како што е најавено, претседателот на Собранието Џафери ќе оствари билатерална средба со потпретседателката на Националното собрание на Француската Република, Лаетита Сен-Пол.

Џафери вчера на маргините на конференцијата имаше средби со претседателот на Националното собрание на Словенија, Игор Зорчич и со претседателот на Народното собрание на Република Бугарија, Никола Минчев. 

Со францускиот предлог на патот кон ЕУ македонскиот народ ќе ја изгуби историската тапија врз сопствената свест и наследство.

повеќе

Ако пак се натури овој бесмислен консензус на Франција, кој ги признава сите емоции на Бугарија, тогаш оваа неспособна власт ќе не одведе подлабоко од сегашниот амбис.

повеќе

Во новите предлози се направени само формални, но не и суштествени промени, во однос на претходниот предлог (кој Владата го нема објавено).

повеќе