ЗА ИЛИ ПРОТИВ РУДНИЦИ НА КОЖУФ

Проблеми со референдумот во Гевгелија, централата на ВМРО-ДПМНЕ бара да не се излегува на гласање

Деновиве високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ одржале средби со локалното раководство на партијата во Гевгелија и бараат партиските активисти од општината да почнат да агитираат за неизлегување на граѓаните на референдумот, дознава МКД.мк. На референдумот закажан за во недела граѓаните на Гевгелија треба да се изјаснат дали се за или против отворање на рудници за минерални суровини на планината Кожуф.

Претходно, за време на седниците на Советот на општина Гегвелија, како никогаш досега советниците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ беа едногласни во тоа дека на Гевгелија не ѝ треба рудник кој ќе ја загадува нивната животна средина. Општината дури донесе одлука да финансира дел од кампањата против отворање на најавените два рудника за злато на територија на нивната општина.

Иницијативата за референдумот ја покрена граѓанското здружение „Спас за нас“ кое смета дека евентуалното отворање на рудник за злато на планината Кожуф ќе значи крај за земјоделството во општината, крај за чистиот воздух, за чистата животна околина и за туристичкиот потенцијал на градот.

И покрај притисокот од Скопје, според настапите на локалните функционери на ВМРО-ДПМНЕ на локалните медиуми, може да се заклучи дека општинскиот комитет на партијата останува цврсто на одлуката референдум да има и гевгеличани да не дозволат да се гради таков рудник на територијата на нивната општина.

За референдумот да биде успешен, на гласачките места треба да излезат најмалку 50% од граѓаните на Гевгелија запишани во Избирачкиот список.

Освен флаерите и плакатите против рудникот за злато, кои патем по градот деновиве некој упорно ги кинеше, гевгеличани во своите домови добиваа и флаери од канадската компанија „Невсан“ во кои се вели дека нивните приоритети се здравјето, безбедноста и заштитата на животната средина.

Три години канадската компанија имаше концесија за детални геолошки истражувања и сега одлучи да поднесе барање за концесија за експлоатација.

Канадската компанија „Невсан“, преку нејзината македонска компанија „Резервоар минералс“, има две концесии за такви испитувања - Коњско на Кожуф и Двориште, кај Бучим.

А.Д.

Спортските објекти што се изградени со буџетски пари не смеат да бидат извор за заработувачка што ќе заврши во приватни џебови, ниту пак инструмент за манипулација на граѓаните и ширење на клиентелизмот.

повеќе

Политичките кризи, регионалните тензии и влошувањето на демократијата покажуваат дека постои зголемен ризик од конфликт и нестабилност на Балканот.

повеќе

Колумната е објавена на 25 септември 2010 година во весникот „Време“.

повеќе