„ОВА НЕ Е НОРМАЛНО ДЕМОКРАТСКО ОПШТЕСТВО“

Претставници на ЕУ предупредуваат дека Македонија „може да експлодира“

Претставници на ЕУ во Македонија ја обвиниле владата на Груевски дека ја води земјата кон катастрофа, барајќи од оние на власт, и од опозицијата, да се договорат за план што ќе спречи оваа балканска држава да експлодира. Сепак, тие признаваат дека ваквиот дијалог е тешко можен, пренесува Еурактив.

Две високи личности што редовно придонесуваат во донесувањето на одлуките во ЕУ во врска со Македонија вчера дале изјави пред мал круг присутни и побарале да останат анонимни, за да можат слободно да се изразат.

 

„Неверојатна недоверба“

Еден од претставниците го опишал како „неверојатно“ нивото на недоверба во „малата балканска земја“ откако беа објавени прислушуваните разговори што откриваат непотизам, корупција, местење на изборите и автократски практики.

Македонските политички партии најверојатно нема да најдат начин да почнат конструктивен дијалог, или каков било вид дијалог, рекол тој.

ЕУ треба да се вклучи како посредник во таквиот дијалог, додал тој, објаснувајќи дека во рок од две недели ќе се направи таков обид за да се види дали страните се подготвени да „придонесат кон наоѓањето компромис“.

Неприфатливо е секое понатамошно одложување на почетокот на преговорите. Тоа не е морално. Тоа е крајно глупаво, рекол тој.

Разликите се многу длабоки, недовербата е неверојатна, непријателството е многу силно, а постојат и секакви видови закани, додал говорникот, навестувајќи дека улогата на ЕУ во обидот да се најде политичко решение не би била лесна.

Македонија веќе помина еден мошне драматичен период, потсетил тој, алудирајќи на оружениот конфликт меѓу албанската Ослободителна народна армија и македонските безбедносни сили, на кој му беше ставен крај со Охридскиот рамковен договор од 2001 година, со посредство на Западот.

Тој предупреди дека во одредена ситуација, кога не би имало конкретна европска перспектива, овој меѓуетнички однос би можел сериозно да експлодира.

Претставникот, исто така, рекол дека е веројатно дека овојпат Европската комисија нема да предложи почнување на преговорите за пристапување. Во своите „извештаи за напредокот“ во 2013 и 2014 година Комисијата препорача да се почнат такви преговори, но оваа препорака не беше усвоена од Советот, каде што се земјите-членки, поради спорот за името со Грција.

Тој рекол дека политичката елита во земјава треба да биде свесна дека Македонија може да доживее такво уназадување. Овие извештаи обично се предаваат наесен.

 

Владата на Груевски под бура од критики

Другиот официјален претставник бил уште подиректен и покритичен кон владејачката партија, која, според неговите зборови, „ја игнорира важноста на политичкиот дијалог“.

Тој ја обвинил владата на Груевски за напад врз слободата на медиумите, наведувајќи дека според индексот на слобода на медиумите на Репортери без граници, Македонија од 34. место се симнала на 134. место, веднаш над Ангола.

Освен тоа, тој го осудил насилството во земјата на 24 декември 2012 година, кога сите опозициски пратеници беа избркани од Собранието, заедно со новинарите.

За многумина во ЕУ ова беше црвената линија во однос на демократскиот процес, рекол тој и додал дека владејачката партија целосно го игнорирала извештајот на мисијата на тогашниот комесар за проширување Штефан Филе.

Претставникот рекол дека не полага голема надеж во посредништвото на ЕУ, но дека вреди да се проба.

 

Недостиг од политичка култура

Претставникот зборувал и за „недостиг од политичка култура“ и „недостиг од зрелост“, за кои рекол дека се крајно сериозни со оглед на меѓуетничката димензија. Тој се осврнал и на новиот македонски закон со кој ѝ се одобри на полицијата да користи гумени куршуми против демонстрантите, што беше забрането дури и во Северна Ирска за време на т.н. „Проблеми“ меѓу 1968 и 1998 година.

Еден нов предлог-закон е директно насочен против албанското малцинство, рекол тој, нарекувајќи го тоа „уште еден нож во грбот на меѓуетничките односи“. Тој објаснил дека не бил донесен само поради тоа што помалиот коалициски партнер одбил да го прифати.

„Но ова е уште еден пример за недостигот од осет кај владејачката партија за меѓуетничките прашања и за пошироката ситуација“, изјавил претставникот.

Во однос на скандалот со прислушувањето, претставникот рекол дека во секое нормално општество владата досега ќе поднесеше оставка. „Но ова не е нормално демократско општество“, додал тој.

Тој рекол дека владата на Груевски продолжува да ги негира откритијата од прислушуваните разговори и дека вели дека тие се дело на странски разузнавачки служби.

Никој во меѓународната заедница не верува во ниту еден збор од тоа тврдење, рекол тој и објаснил дека стандардна практика на Груевски е да се повикува на странските разузнавачи, исто како кога уапси повеќе од 15 лица, меѓу кои и шефот на кабинетот на претседателот на Собранието, за наводна шпионажа.

Тој објаснил дека тоа е начин на владата да го одвлече вниманието од содржината на прислушуваните разговори.

Прислушуваните разговори, за кои веќе постојат преводи, се „апсолутно ужасни“. Претставникот рекол дека јазикот што се користи, „расистичкиот тон“, „фанатичниот тон“, без разлика дали станува збор за ромските гласачи, начинот на кој министерката за внатрешни работи зборува за ромските гласачи во разговорите со шефот на безбедност, кој му е братучед на премиерот, „се неверојатно расистички“.

Меѓу другите примери тој ги навел и „валканите трикови за местење на изборите што би биле соодветни за Чикаго во 1930-тите години“, како и откривањата за земање провизија во тендерски постапки, од кои најбесрамен е примерот со кинеските компании, кои Груевски ги нарекува „жолтите“.

„Тој (Груевски) зборува за провизија од 15 милиони евра за секој од договорите, а сега најновите откритија се однесуваат на провизија за шефот на безбедноста, добиена од израелските разузнавачи“, рекол тој, осврнувајќи се на опремата за прислушување што ѝ била продадена на Македонија од Израел.

Претставникот на ЕУ зборувал и за судските процеси. „Што и да ви текне – тука го има“, рекол тој и додал дека сите гласови се многу препознатливи и дека ниту еден од прислушуваните не ја негирал нивната автентичност.

Дипломатите за Еурактив изјавиле дека ЕУ ќе се обиде да изврши притисок врз Груевски да прифати едногодишна привремена влада, за да може земјата да се подготви за фер-избори. Британскиот амбасадор Чарлс Гарет дури бил и снимен како вели нешто слично.

Една друга идеја е да се назначи специјален претставник на ЕУ додека работите во свои раце да ги преземе нова, демократски избрана влада.

Сведоци сме деновиве на сензационална приказна за некаков американски тим кој, внимавајте, агресивно ќе ловел корупција во Македонија.

повеќе

Најавите на американската администрација за бескомпромисна  борба против овие корумпирани,  неспособни  и криминални структури на сите нивоа на државата за македонските граѓани се единствено светло во тунелот.

повеќе

Концептот на даночната реформа, кој го претставивме минатата недела на заедничка прес конференција со премиерот е дел од поголем процес за креирање на оптимален даночен систем кој ќе биде праведен и ќе го поддржи економскиот раст.

повеќе