Претставниците на парламентарните партии, по двајца од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и по еден од ДУИ, Алијанса за Албанците и од групата помали партии (ДОМ, ДС и ЛДП), попладнево ја имаа првата средба. Вицепремиерот Бојан Маричиќ го претстави францускиот предлог, а претставник од СДСМ е и координаторот на пратеничката група Јован Митревски. Од ВМРО ДПМНЕ на средбата дојдоа партискиот потпретседател Александар Николоски и пратеникот Антонио Милошоски. Од ДУИ Арбер Адеми, а од Алијанса за Албанците, пратеникот Елми Азири.
Трајанов побара на увид да биде ставен и протоколот. „Без да го видиме протоколот не можеме да донесеме заклучоци. Ние и вчера побаравме билатералните прашања да се отстранат од преговарачката рамка. Ако тоа не успее нашата поддршка ќе биде дискутабилна“, изјави лидерот на Демократскиот Сојуз, Павле Трајанов. Маричиќ вели дека нема мандат да го сподели и овој документ.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески истакна дека „преговарачката рамка не може да се менува, но ќе биде облигаторно за Владата се што во форма на заклучок ќе се донесе на ниво на оваа работна група“.
Адеми од ДУИ пред средбата повтори дека рамката е добра основа за почеток на преговорите и дека македонскиот јазик бил чист без додавки и фусноти, а идентитетските прашања гарантирани.
„Пролонгирање на процесот и закажување на собраниска седница за францускиот предлог по усвојувањето на ребалансот на Буџетот, оставање простор на околу десетина дена за сериозна расправа со цел да се видат сите аргументи и ставови на партиите за да се донесат заклучоци, кои ќе бидат пошироко поддржани во законодавниот дом“, предлага Трајанов.
Заклучоците, како што појасни, треба да ја обврзат Владата да направи обид она што е содржано во нив да го вгради во преговарачката рамка и во другите документи, а доколку не успее тоа би значело дека не може да даде согласност за предлогот.