Попис 2021

Пописот на дијаспората почна со проблеми со апликацијата, ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од законот за поништување

Државниот завод за статистика вчера еден ден по официјалниот почеток на пописот излезе со соопштение во кое напомена дека апликацијата за попишување, наменета за дијаспората е безбедна и дека до неа може да се пристапи само од ИП адреса во странство. ДЗС нагласи и дека секое нарушување на процесот на прибирање на податоци е казниво со Законот за попис, а реакцијата следуваше откако во јавноста излегоа информации дека апликацијата за попишување на дијаспората е небезбедна.

За безбедноста на апликацијата вчера говореше и премиерот Зоран Заев, а лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ со став дека оваа Влада е неспособна да спроведе попис и оти неговата партија ќе поднесе закон за поништување на пописот.

Првата фаза од Пописот на населението, домаќинствата и становите почнa завчера со попишување на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семејства, на дијаспората, припадниците на Армијата во странство, затворениците и бездомниците. Но ден по нејзиниот почеток, програмерка во Фејсбук групата „Сојузен комитет на програмери на Република Македонија“ објави дека секое лице кое ќе вклучи ВПН може да се попише од Македонија, иако оваа апликација е наменета за македонските граѓани во странство.

„До апликацијата може да се пристапи само со ИП адреса од странство. Пристапот од Република Северна Македонија е оневозможен, токму поради тоа што Апликацијата е наменета само за државјаните на РСМ кои живеат надвор од РСМ, но секое нарушување на процесот на прибирање податоци е казниво со Законот за попис, односно согласно член 49 од Законот за попис на населението, тој што ќе уништи, прикрие, оштети, преправи или на друг начин ќе стори да бидат неупотребливи внесените податоци на пописната апликација, ќе се казни со казна затвор од најмалку три години“, наведоа потоа од ДЗС.

 Од таму потенцираат дека внесувањето на податоци преку ВПН или прикриена ИП адреса, односно самото користење на таква алатка за внес на податоци во пописот се смета за спротивно на Законот за попис и Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на Пописот 2021, и може да подлежи на санкции, од причина што претставува лажно претставување и лажно давање податоци.

Од ДЗС посочуваат дека со самиот внес на податоците на таков начин, не значи дека тие автоматски влегуваат во резултатите од пописот, напротив, сите податоци внесени преку апликацијата подлежат на проверка и споредување со претпописната база на податоци, со податоците што ќе се приберат со попишувањето на терен на целата територија на Македонија, а сè со цел утврдување на вистинитоста на податоците.

При регистрацијата на корисникот и при секој внес на податоците од страна на корисникот, во апликацијата автоматски се запишува од која ИП адреса се внесени податоците. Со пријавувањето на апликацијата корисникот се регистрира и остава свој ЕМБГ, е-маил адреса, која се верификува со праќање на е-маил за верификација и телефонски број на корисникот.

Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски вчера посочи дека користењето на ВПН апликација при попишувањето се регистрира и тие податоци не одат во базата каде се складираат податоците од попишаните лица од странство, туку се идентификува и се чува како доказ за упаѓање во системот.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, вчера со критика до Владата дека не е способна да организира попис.

„Оваа Влада не е способна прегорена улична сијалица да смени, а не пак да организира сложена статистичка операција попис. Уште при првиот ден на евидентирање на дијаспората се случи крах на апликацијата, прво системот падна, слично како и училишниот он-лајн систем, а потоа во истиот можеше да се попише било кој со лажни и измислени податоци. Се покажа дека од дијаспората може да се попише секој граѓанин кој живее во Македонија, а тоа докажува дека Владата и Заев како и за сѐ друго не се способни да спроведат било каков процес“, реагираше вчера Мицкоски преку објава на неговиот Фејсбук профил.

 Тој истакна дека до почетокот на пописот на 1 април има можност да поднесат закон за поништување на пописот.

„Овој закон кој ќе го поднесеме покрај потписите на пратениците поднесувачи ќе го има кредибилитетот и на над 100 илјади граѓани кои се потпишаа со име и презиме за запирање на пописот“, додаде Мицкоски.

Првата фаза ќе трае до 21 април, кога и официјално треба да заврши пописот, што ќе започне на 1 април. Засега проценката на надлежните институции е дека почетокот на попиот се одвива во најдобар ред по правилата и протоколите пропишани од надлежните институции.

Последниот податок, како што истакна Симовски, е дека вчера во 10 часот има 11.149 вклучувања во базата, но тоа не значи пополнета апликација, бидејќи во овој момент никој нема овластување да влегува во базата за тоа да го провери.

Јане бил свесен дека деновите му се одброени и отворено говорел за тоа. Знаел дека многумина имаат причина да го ликвидираат, дека им пречи во остварувањето на нивните „повисоки цели“.

повеќе

Во македонскиот интернет простор постојано се појавуваат и гаснат портали, со што засекогаш исчезнуваат и објавените содржини.

повеќе

Пред неколку недели се наврши една година од почетокот на пандемијата. Ковид-19 ги разоткри системските проблеми во здравствениот систем и другите институционални гранки на Косово.

повеќе