Според анализата, политичарите и јавните институции се присутни на социјалните медиуми само кога сакаат нешто да соопштат, да се одбранат или да нападнат, а мислењата од граѓаните речиси се неважни.
„Повторно наидовме на веб страни на јавни институции кои не се фокусирани примарно на потребите и услугите за граѓаните, туку главно кон промоција на функционерите, односно објава на класична промотивна содржина. Она што годинава се забележува е дефинитивната потреба од изработка на усогласени правни процедури за примопредавање на корисничките сметки на јавните институции на социјалните медиуми. Ова е особено важно бидејќи политичарите често ќе се менуваат од раководните функции, но институциите мора да имаат континуитет. Ова е нормална демократска пракса во развиените земји и мислам дека е крајно време да ја спроведеме и кај нас, без притоа да зависи од човечката волја“, вели Кордалов.
Податоците покажуваат дека кај Претседателот на Републиката има позитивно непроменет резултат, па и во 2021 година, како и претходните две, претседателот бил истовремено присутен со своја официјална веб страна, како и онлајн активности на Фејсбук, Твитер и Инстаграм.
Кај Собранието има пад за 4 споредено со 2020 година или 115 од вкупно 120 пратеници биле активни на Фејсбук минатата година. Анализата покажува и пад за 2 на бројот на активни пратеници на Твитер, односно вкупно 24 биле активни на оваа социјална мрежа. Состојбата на Инстаграм останува непроменета каде свои онлајн активности во 2021, како и во 2020 година имале 35 народни избраници.
Вкупно 11 од 120 пратеници истовремено користеле Фејсбук, Твитер и Инстаграм, додека 5 народни избраници немале свој профил/страна или канал на кој било од социјалните медиуми во 2021 година. Споредено со 2020 година, се бележи пад и во овој сегмент (15 биле активни на сите наведени платформи, а само 1 граѓаните не можеле да го контактираат преку Фејсбук, Твитер или Инстаграм).
Што се однесува до Владата, забележан е раст на онлајн комуникацијата со граѓаните преку социјалните медиуми. Секој член на владиниот кабинет или 20 од вкупно 20 министри биле активни на Фејсбук и во 2021 година. Твитер бил изборот на 16, додека Инстаграм на 15 министри, што е раст за 1 споредено со 2020 година. 13 министри биле истовремено активни на сите наведени платформи, што е подобрување за 3 споредено со 2020 година кога вкупниот број на активни министри на наведените платформи изнесувал 10.
Трета година по ред, оваа Анализа ги опфаќа го онлајн присуството на министерствата и веб платформата на Владата. Свои официјални веб страни во 2020 година имале сите 17 институции, а сите 17 биле активни на Фејсбук, 8 на Твитер, а 5 присутни на Инстаграм. Новина е следењето за прв пат на активноста на владиниот кабинет на Јутјуб, каде во 2021 година биле присутни вкупно 5 од 17 министерства. Само Владата, Министерството за надворешни работи и Министерството за политички систем се истовремено активно присутни со веб платформа, како и со свои профили на Фејсбук, Твитер, Инстаграм и Јутјуб. За прв пат нема случај кога некое министерство не нуди можност да биде контактирано од граѓаните преку социјалните медиуми, што претставува напредок споредено со 2020 година кога таква можност не нудеше 1 министерство, а особено со 2019 кога оваа опција не ја обезбедувале дури 5 министерства.
„Како земја се соочуваме со зголемена политичка апатија кај граѓаните, а особено тоа е евидентно помеѓу младите луѓе. Токму правилната активност на социјалните медиуми може да биде начин како да се привлечат младите да ги следат, но и да се вклучат во општествените активности. Социјалните медиуми се простор за интеракција, но мора да се сфати дека тие прераснуваат и во место каде се пријавуваат проблеми, даваат идеи и иницијативи – со еден збор тоа се места каде се обезбедува понепосредна демократија и можност за граѓаните, организациите и компаниите да се вклучат во процесите на одлучување. Зарем уште треба да се потсетуваме дека во ера на дигитализација, недозволиво е граѓаните кои сакаат онлајн да ги контактираат јавните институции, тоа да не им биде овозможено“, истакна Кордалов.
Мал напредок се забележува и во делот на активното користење на социјалните медиуми кај единиците на локалната самоуправа. 80 од вкупно 81 градоначалник биле активни на Фејсбук во 2021 година, бројка која е за 3 градоначалници зголемена споредено со 2020 година.
На Твитер во 2021 година биле активни само 6 градоначалници, додека на Инстаграм тој број изнесувал 37. Споредба со 2020 година: 7 градоначалници на Твитер, а 32 на Инстаграм; во 2019 година: 5 градоначалници на Твитер, а 25 на Инстаграм.
Статистиката покажува дека вкупно 5 градоначалници минатата 2021 година истовремено користеле Фејсбук, Твитер и Инстаграм, што е пад за 1 споредено со 2020 година. Во 2021 година само 1 градоначалник немал свое присуство на ниту еден од социјалните медиуми, што е подобрување споредено со 2020 година кога бројката била 3, а особено со 2019 година вкупно 7 градоначалници не биле активни на ниту една социјална платформа.
Кај општинското онлајн присуство се забележани следните статистики за 2020 година: Активни веб страни имаат сите 81 општина, 60 се присутни на Фејсбук, 4 на Твитер, а 11 општини нудат можност да бидат контактирани преку социјалната мрежа Инстаграм. За прв пат се анализира и активноста на ЕЛС на мрежата за видео објави, при што е забележано дека 25 од вкупно 81 општина биле активни со свој Јутјуб канал. Свое истовремено веб, како и присуство на социјалните медиуми (Фејсбук, Твитер, Инстаграм и Јутјуб) и оваа година имаат Градот Скопје и општина Карпош, додека, пак, дури на 19 општини не можело да им се пристапи преку било која од овие социјални мрежи.
Споредба со 2020 година: Активна веб страна имале 79 општини, 60 биле присутни на Фејсбук, 4 на Твитер, а 17 на Инстаграм.
„Секоја година станува поочигледно дека е неопходно поставување на стандарди за транспарентност и двонасочна комуникација на јавните институции и нивните функционери со граѓаните и медиумите. Недозволиво е тие да бидат неактивни на социјалните медиуми во земја во која над една третина од граѓаните се присутни таму, а бројот на активни интернет корисници е речиси идентичен со статистиката во скандинавските земји. Отвореноста на јавните институции мора да се мери и со овој параметар, бидејќи од степенот на активноста на социјалните мрежи зависи и демократскиот капацитет на една земја. Активноста на социјалните мрежи и респонсивноста преку официјалните веб страни не е замена за комуникацијата и отвореноста на функционерите и институциите со медиумите. Напротив, колку политичарите се поактивни и поизложени преку дигиталните платформи, толку повеќе информации и материјал се создава и става на располагање на медиумите“, додава Кордалов.
Инаку во изработката на анализата активно биле вклучени и Јана Мировска, Магдалена Ристовска, Дарко Беровски, Елена Димчевска, Виолета Огњановска и Теа Димковска – студенти од втора година на отсекот „Односи со јавност“ при Правниот факултет „Јустинијан Први“ од Скопје.