Поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан е во Истанбул, се чека одлуката на Вселенската патријаршија

Делегација на МПЦ – Охридска архиепископија, предводена од архиепископот г.г. Стефан престојува во Истанбул, каде в недела на Педесетница, во храмот на Вселенската патријаршија во Фанар ќе одржи заедничка патријаршиска и синодална света литургија со вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј.

Во пресрет на заедничката литургија, патријархот Вартоломеј и архиепископот Стефан попладнево ќе одржат богослужба на која на македонската црква официјално ќе ѝ биде предаден Патријаршискиот и синодален акт на Светиот синод на Вселенската патријаршија со кој се отстранува повеќедецениската шизма наложена врз древната Охридска архиепископија.

Одлуката на Светиот патријаршиски синод за отстранување на шизмата беше донесена на синодското заседание на 9 мај, со што практично Вселенската патријаршија ја призна црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспостави канонско и литургиско општење со неа.

„Светиот и свештен синод, кој заседаваше денеска, понеделник, 9 мај 2022 година, под претседателство на неговата божествена сесветост, вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј, исцрпно дискутираше за црковниот проблем во Скопје и, оценувајќи го во конечна фаза апелациското прибегнување (еклитон) на тамошната црква до Мајката црква, како и повторените повици од државата на Северна Македонија, го одлучи следново: Ја прима во евхаристиско општење јерархијата, клирот и народот на оваа црква под архиепископот г. Стефан, лекувајќи ја раната на расколот и излевајќи „вино и елеј” врз раната на нашите тамошни, православни браќа. Кон ова се издава и соодветен патријаршиски и синодален акт“, беше наведено во одлуката на Вселенскиот синод, во која се додава дека како име на нашата Црква го признава „Охридска, имајќи ја на ум како област на нејзина јурисдикција владението во границите на државата Северна Македонија”.

Вселенската патријаршија во одлуката наведе и дека остава на „црквата на Србија да ги уреди управните прашања што ги има помеѓу неа и црквата во Северна Македонија, во рамките на светоканонскиот чин и црковното предание”.

Одлуката на Синодот на Вселенската патријаршија уследи откако по повеќедеценискиот спор со СПЦ и меѓународната изолација и непризнавање на нашата Црква од православниот свет, во април 2018 година нашиот Синод едногласно испрати молба за апелација до Вселенската патријаршија, која единствена на сеправославно ниво има историски и канонски права и привилегии да прифаќа апелација и да доделува автокефалност.

Молбата од Синодот на Охридската архиепископија веднаш беше земена предвид и според јавното соопштение од мај истата година Вселенската патријаршија, „Мајка Црква на сите православни одлучи да се заземе за ова (т.е. за решавање на канонското прашање на нашата црква) и да ги преземе потребните чекори, според неприкосновените права на историските и канонски надлежности и привилегии на првопрестолната Вселенска патријаршија”. Оттогаш и државниот врв на земјава упати неколку писма и молби до вселенскиот патријарх Вартоломеј за уважување на молбата за апелација.

Одлука за отстранување на шизмата не значи томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на нашата црква, туку е израз на татковска љубов и грижа од страна на Вселенската патријаршија и претставува објава дека таа повеќе не е во шизма и раскол со севкупната православна црква и нејзините свештенослужители можат да сослужуваат со свештенослужители од другите помесни православни цркви, додека за утврдување на конечниот статус ќе следуваат дополнителни преговори.

Ваквиот потег на патријархот Вартоломеј и на Вселенската патријаршија претставува историски настан, бидејќи со него конечно се исправи долгата неправда нанесена врз нашата Црква и со признавањето на нејзината каноничноста се стави крај на речиси седумдесетгодишната изолација на возобновената Охридска архиепископија.

По одлуката на Синодот на Вселенската патријаршија, патријархот Вартоломеј во интервју за грчката телевизија ЕРТ оцени дека таа претставува историски момент, бидејќи со неа заврши „шизмата која траеше речиси шест децении” и започнува нов период во односите.

Тој истакна дека „конкретното прашање со шизмата”, многу години било во фокусот на патријаршијата и доста често доаѓале делегации од нашата црква за консултации, а имало „барања и од политичкото раководство” на земјава, додавајќи дека уште пред одлуката на патријаршијата постоел дијалог „меѓу црквите на Северна Македонија и Србија”.

„Се обидовме да им помогнеме. Во некој момент го одредивме неговото блаженство архиепископот на Албанија, Анастасиос да има медијаторска улога. Се обиде, отиде, се врати, разговараше со двете страни, не успеа поради реакциите, пред се од страна на српската црква и официјално со писмо, во некој момент го врати мандатот. Но, обидите и молитвите на Вселенската патријаршија не беа прекинати“, додаде вселенскиот патријарх во интервјуто.

Според Вартоломеј, со апелациското прибегнување (еклитон) на нашата црква кон Мајката црква, која според одлуката на четвртиот екуменски собор на Халкидон го има неотуѓивото право да одлучува за такви случаи на највисоко ниво, конечно е отстранета шизмата.

„Врз оснава на овој еклитон ја отстранивме шизмата, прогласивме дека влегуваме во евхаристиска заедница со нив“, додаде патријархот Вартоломеј.

По отстранувањето на шизмата, на 16 мај Соборот на Српската православна црква одобри канонско единство со МПЦ – Охридска архиепископија, прифаќајќи го „општопризнатиот канонски статус на најширока можна автономија, односно целосна внатрешна независност на МПЦ доделен во 1959 година”, по што следуваше заедничка архијерејска литургија за воспоставување литургиско и канонско општење на МПЦ-ОА и СПЦ во соборниот храм „Свети Сава” во Белград со која сослужуваа српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски и македонски Стефан.

Архиепископот Стефан тогаш оцени дека овој настан „е правда за Охрид – словенскиот Ерусалим – сега и Света Софија Охридска, врз кој се видливи сите наши лузни, ќе продолжи да биде храм на заедничките евхаристички радости да се напластува единството со сите православни цркви“, порача г.г. Стефан во беседата по заедничката архиерејска литургија во Белград.

На втората заедничка литургија на двајцата поглавари, овој пат во Соборниот храм во Скопје на 24 мај, патријархот Порфириј упати благослов за автокефалност на МПЦ-ОА, по што архиепископот Стефан оцени дека „дочекавме да ја слушнеме одамна посакуваната и очекувана вест”. По ова на, 6 јуни патријархот Порфириј на архиепископот Стефан во Белград му врачи акт со кој се потврдува одлуката на СПЦ да ја одобри и да упати благослов за автокефалност на МПЦ-ОА, најавувајќи дека документот ќе биде доставен и до другите православни црква. Во документот се наведува дека тоа е полна автокефалност и дека се однесува на матичната земја каде што делува МПЦ, како и на дијаспората.

Архиепископот Стефан потенцираше дека сега процесот продолжува со посетата на Вселенската патријаршија, изразувајќи надеж дека и останатите православни цркви ќе ја прифатат автокефалноста на МПЦ-ОА.

„Веруваме дека примерот на СПЦ кон нас ќе го подржат и останатите сестрински православни цркви, а Вие ваша светост направивте чекор со историско значење, како за нашата МПЦ, така веруваме за целото православие“, рече архиепископот Стефан.

Во пресрет на посетата на црковната делегација на Вселенската патријаршија, вчера се огласи Светиот синод на Православната црква на Грција, која соопшти дека Атинската архиепископија „со задоволство го прими писмото од Вселенската патријаршија во кое се известува за исцелението на расколот од 1967 година и востановувањето на црковното општење” на светата Охридска архиепископија, под водство на неговото блаженство архиепископот г. Стефан.

Истовремено, Светиот архиерејски синод на Атинската архиепископија изразува сериозна загриженост поради писмото од патријаршијата на Србија, пред сè, „поради користењето на името „Македонска православна црква”, бидејќи на тој начин се навлегува во внатрешните работи на Црквата на Грција која, исто така, под своја јурисдикација има област наречена Македонија”.

„Дополнително, загриженоста на Атинскиот синод е уште поголема и поради наводното доделување на автокефалија од страна на Црквата на Србија, бидејќи единствената надлежна институција за доделување автокефалност е сечесната Вселенска патријаршија“, се додава во соопштението на Православната црква на Грција, во кое о посакува на „Свештената Охридска архиепископија под неговото блаженство архиепископот г. Стефан, конструктивно да го исползува нејзиното враќање во црковното единство и подигањето на шизмата”.

Неколку години при здрав разум сакаат да ни наметнат и да нѐ убедат дека со соседна Бугарија сме имале заедничка историја. 

повеќе

Деновиве во Комората пристигна нацрт-концептот за даночни реформи, кој треба да претставува основа за јавна расправа во наредниот период.

повеќе

Концептот е насочен кон креирање на оптимален даночен систем, кој ќе го поддржи економскиот раст, а со тоа и животниот стандард на нашите граѓани.

 

повеќе